ГРАДСКИ МУАБЕТИ

РАЗГОВОР СО ВЛАДИМИР АНГЕЛОВ: Богатството на Кинотеката не се мери по број на копии, туку по квалитет

Најстариот филм во Кинотеката на Македонија е филмот Манаки и датира од 1905 година. Оваа година имаат богата програма и во план е да се реализираат околу 500 проекции на филмови. Месец април помина во знакот на ретроспектива на филмови од Милош Форман а во план имаат да откупат 4 филмови од Холандија снимени за и во Македонија. За сите овие теми поразговаравме со директорот на Кинотека на Македонија, Владимир Ангелов, дипломиран филмолог.

Основна дејност на Кинотеката на Македонија е заштита на аудиовизуелни добра, обработка, прибирање, како и откупување на материјали снимени за Македонија од странски продукции. Во минатото во Македонија доаѓале многу странски сниматели за да прават туристички репортажи за Југославија.

Дали ги имате лоцирано овие филмови и како оди процесот на откупување филмови?

АНГЕЛОВ: Ние дел од нив имаме лоцирано и набавено. Да откупиш филм не е лесно, бидејќи има Биро за јавни набавки, се што е над 1000 евра мораш да правиш тендер и тоа е прилично долг период.

Кои филмови за Македонија ви е во план да ги откупите годинава?

АНГЕЛОВ: Три години откупуваме филмови од филмски новости. По цели 20 години повторно почнавме да откупуваме филмови. Во 2000 година откупивме филмови од бугарскиот филмски архив – филмски журнали снимени во Македонија за време на Втората светска војна. Оваа година имаме издвоено средство за откупување филмови од Холандија – се работи за 4 филмови. Три од тие филмови се дигитализирани а едниот е на запалива филмска лента, а тие се деликатни за манипулација.

Што значи тоа деликатни за манипулација, каков е процесот на префрлање на овие филмови?

АНГЕЛОВ: Има третман на барут, високо запалива материја, динамит. Еве еден пример ќе ви дадам од 96 година. Кај нас немаме лабараторија за тоа. Кога ние за првпат ’96 година го реставриравме Манаки фондот, тендерот го доби Унгарска филмска лабараторија. Со полициска придружба филмовите беа испратени до Куманово, Табановце, потоа српска полиција од Табановце ги транспортира до Унгарска граница и оттаму до нивната лабараторија со унгарска полиција. Не само што е национално богатство, туку имаат висок ризик на запаливост. Најверојатно околу 500 м запалив филм, пред војната. Филмот се однесува на Македонија.

Дали ова лето ќе има отворена сцена во Кинотека?

АНГЕЛОВ: И ова лето ќе има отворено кино, почнавме пред 4 години за време на ковидот и доста е посетено во лето. Преубаво е, имаме и убав двор, има и техника. Лани комплетиравме техника, значи имаме вистинско кино, значи не е тоа импровизација, видео бим али експрес. Вистинско кино со вистински тисипи со дигитален кино прожектор.

Со колку филмови располага Кинотеката и македонски и од странските продукции?

АНГЕЛОВ: Македонската колекција е составена од околу 110 филмови и тоа: дигитални филмови и оние снимени на 35 милиметарски филм. Странската колекција брои околу 14000 копии. Од странската продукција имаме 35 и 16 милиметарски филмови, од кои колекцијата на 16 е побогата и поквалитетна од онаа на 35. Македонските филмови ги имаме речиси сите од страна на Вардар филм. Ние не чуваме филмови на РТС Скопје, затоа што тие ги чува македонската телевизија. Иако имаме покренато една иницијатива за дел од тие филмови да се реставрираат и да се скенираат за да бидат функционални. Инаку вака како мртва уметност не служи на никого. Има теорија за мртвата уметност. Уметноста ако седи во депоа тоа е мртва уметност. Во МТВ имаат богата архива меѓутоа не ја даваат. Ем не ги даваат, ем не прават ништо во врска со нив. Најголемата забелешка им е дека сме имале мал капацитет за преснимување, а тие имаат нула капацитет.

Отприлика ги имаме сите филмови што се надвор од МТВ. Единствено ни недостасува Судијата на Жанета Вангели, меѓутоа мислам дека набргу и од него ќе набавиме двд копија.

Бидејќи споменавте 16 милиметарски филмови, дали имате машина за нив?

АНГЕЛОВ: Немаме проектор за 16 мм филмови, а имаме богата колекција од нив. Имаме скенер, можеме да скенираме некоја копија, меѓутоа сигурно нема ни да биде комплетна, ако е некоја лепенка попуштена, мора да сецнат некој фрејм пикерај и така натаму.

Ние сме се обиделе да набавиме таква машина. Дури и на оглас имаме најдено машина, што ја продава физичко лице, ама за жал беше продадена. Мкц има една таква машина, ние имаме две три неупотребливи, идејата е да најдеме сервисер кој ќе успее од сите да склопи една употреблива машина.

Идејата ми е да извадиме таков проектор надвор меѓу луѓето и да се прикажуваат надвор на летното кино. Во разговор со претходниот директор на МКЦ, ми кажа дека идејата уште држи вода, треба само Управниот одбор на МКЦ да донесе одлука и да се најде некој мајстор.

Кој е најстариот филм во Кинотека?

АНГЕЛОВ: Најстариот филм е Манаки, снимен 1905, пред истекот на првата деценија од минатиот век. Тоа е национално богатство, снимен на запалива филмска лента, ’96 направена е аналогна реставрација и потоа околу 2010/11 направивме и дигитална реставрација во истата лабараоторија.

Каде се чува фондот на Кинотеката?

АНГЕЛОВ: Архивските материјали, односно целокупната македонска филмска продукција (од 1905 година до денес), како и филмовите снимени од странски автори во Македонија во периодот до Втората Светска војна, се чуваат во посебен оддел, во депоа со контролирана температура од 4 до 6 C° и влажност од 50% Ph. Останатите филмски материјали се наоѓаат во кинотечните депоа во склоп на Хавзи пашините конаци.

Како се мери богатството на една кинотека?

АНГЕЛОВ: Ако филмската лента се поврзе меѓу себе тогаш проекцијата што би се одржала би траела 365 дена во годината – тоа е една изјава од минатото раководство на Кинотеката, но би рекол дека е лажна затоа што фондот е доста скромен. Богатството на Кинотеката го сметаа погрешно, едно метро едно евро. Се тоа е погрешно бидејќи излегуваше дека имаме 4 милиони и 200000 евра. Богатството не се смета во метри, по број на копии, се мери во квалитетот, колку имаш вим вендерса, колку имаш запалливи филмови и така натаму.

Така се мери богатството на една кинотека!

Дали сте задоволни од инвестициите и средствата што ги добивате од министерството за култура?

АНГЕЛОВ: Па задоволни сме, ама може и повеќе. Лани добивме некои средства за инвестиции, па така ја климатизиравме кино салата. Го сменивме влезниот портал. Проблем е што објектот го делиме со уште три институции: библиотека, здружение на ликовни педагози и детски ликовен центар.

Leave a comment

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Related Articles

ГРАДСКИ МУАБЕТИ

Имаше моменти кога сакав да се откажам од сè, но поддршката од брат ми ме остави на тркачките стази

Малкумина знаат дека во Скопје живее 27-годишно момче, кое е единствениот Македонец...

ГРАДСКИ МУАБЕТИ

Во Македонија има убави крупни жени, но треба да им се даде поголема видливост

Последните неколку години на модните писти зачекорија и девојки/жени со облини како...

ГРАДСКИ МУАБЕТИ

МУАБЕТ СО ЕЛЕНА КОПРТЛА ЗА ГРАДОТ НИЗ ПРИЗМАТА НА ФИЛМОТ 

Вчеравечер во Бруталиск се одржа промоција на книгата „Градот и идентитетот –...