ГРАДСКИ МУАБЕТИ

Сакаме да им го организираме слободното време на децата и да им ги развиеме талентите, без трошоци врз семејниот буџет

Д-р Билјана Лалчевска Серафимовска, директор на Детскиот културен центар - Карпош со голем жар и љубов зборува за сите активности на оваа установа, која го слави 75. роденден.

Јас немам ни рода ни порода, затоа ја оставам оваа зграда како мој аманет во ваши раце за да биде културен дом на сите деца на Скопје. Овие зборови Али Драга, сопственикот на Пионерски дом Карпош (тогашна приватна куќа) ги остава како аманет за во неа да се случуваат активности со деца и за деца.

И така и бидна. Некогашниот Пионерски дом, сега Детски културен центар Карпош ги прегрнува сите деца на Скопје веќе 75 години, а сигурно уште долги години ќе биде место за откривање и развивање таленти преку големиот број секции и работилници.

Јубилејот од 75 години беше причина да поразговараме со директорката на овој дом, д-р Билјана Лалчевска Серафимовска која со голем жар и љубов ни раскажа сè околу активностите на Детски културен центар Карпош.

Како што ни објасни таа, во домот, активностите се организираат преку секции и работилници. Секциите се остаток од некогашните секции кои беа дел од сите основни и средни училишта низ градов. Сумата која се плаќа за секциите е симболична и е во вид на чланарина, додека работилниците се комплетно бесплатни. „Домот е конципиран да го организира слободното време на децата, при што тенденција на домот е децата да ги развиваат своите таленти без поголем трошок врз домашниот буџет“, вели Лалчевска Серафимовска.

Децата или родителите треба да пополнат пријава која е прикачена на самиот сајт и на тој начин да се регистрираат како учесници. Во ова време, на капиталистичко општество кога секциите скоро и да се укинаа во училиштата и на нивно место дојдоа курсевите кои чинат многу пари, Домот е навистина реткост и неговата работа е за поздрав.

Која секција е највеќе посетена?

ЛАЛЧЕВСКА СЕРАФИМОВСКА: Би ги издвоила балетската и фолклорната. И двете се со долга традиција преку 30 години и навистина се место од каде се извезуваат квалитетни кадри. Првите балетски чекори во нашата држава се направени токму тука,во Пионерски дом Карпош од германката Ана Лизе Астман којашто формирала една петчлена група каде член била доајенката на балетската уметност Натка Пенушлиска Митревска понатаму  Емица Џипунова, Смилка Силјановска тоа се едни доајено во балетската уметност и во нивна чест создадовме еден балетски фестивал а од минатаа година добивме поддршка и од НОБ. Во оваа секција можат да се запишат деца од 4-10 годишна возраст.

Во склоп на фолклорната секција имаме две групи и она што се покажува како еден недостаток последните години е тоа што, за жал децата што живеат во централното градско подрачје се срамат од својата традиција и култура, па нема интерер од страна на машкиот пол. Момчињата имаат повеќе интерес за оние груби спортови, додека девојчиња имаме. Орото без граници кое 33 години функционира како меѓународен детски фолклорен фестивал е произлезен од фолклорната секција и во далечната 1991 идејниот творец на фестивалот Тофе Дракуловски го создал како симбол на пријателство меѓу децата низ светот.

Кои активности се застапени од областа на спортот?

ЛАЛЧЕВСКА СЕРАФИМОВСКА: Спортските секции се практично од оснивање на домот кога Пионерски дом Карпош бил воспитно образовна институција за потоа да прерасне во културно образовна институција.

Убавите нешта кои се случувале во минатото се задржале како традиција и ден денеска, така што во домот егзистираат тие секции пинг понг и шах. Овие активности прераснаа во првенства во шах, турнири во пинг понг и традиција на негување на спортска култура.

Домот Карпош отсекогаш ми бил како асоцијација за старите културни вредности. Кои секции би ги споменале во овој контекст?

ЛАЛЧЕВСКА СЕРАФИМОВСКА: Секцијата Изучување на традиционални инструменти која резултираше со фестивал и натпревар насловен како Инструментите на моите предци. Потоа етно работилницата каде се изучуваат старите занаети.

Дали има подеднаков интерес за работилниците како и за секциите?

ЛАЛЧЕВСКА СЕРАФИМОВСКА: Да, да секако.Работилниците секогаш будат голем интерес. Ем заради тоа што се бесплатни, ем заради тоа што се многу интересни и го заробуваат вниманието на децата. Една од програмите која што разбуди голем интерес е програмата наречена читачки маратон каде дадовме шанса да се публикуваат дела или ракописи кои досега не биле објавени. необјавен ракопис. Во контекст на подигнување на свеста за читање на моја иницијатива последните 5 години  се создадоа уличните библиотеки кои се наоѓаат на три локации, едната е кај нас во домот, другата е во паркот Ибни пајко и пред КИЦ кои што работат на принципот на доверба.

Кој проект би го издвоиле како особено интересен?

ЛАЛЧЕВСКА СЕРАФИМОВСКА: Интересен, едукативен мултимедијален проект е ЗОО Азбука каде што идејата првична и сегашна е да создадеме песни авторски за секое животно почнувајќи на прата буква на животното. Досега од Градскиот хор Гласот на децата на Скопје се отпеани 20 песнички со видео записи со певливи рефрени кои укажуваат на бон тон во зоолошката градина, сето тоа пропратено со една боенка каде децата прво визуелно ќе се запознаваат со нив.

За крај можете ли да ни кажете нешто повеќе за настанот кој го подготвувате за 75 годишниот јубилеј?

ЛАЛЧЕВСКА СЕРАФИМОВСКА: На 6 ти јуни не очекува 75 годишен јубилеј. Во подготовки сме на еден мултимедијален настан каде што ќе се вратиме малку во минатото преку видео записи, фотографии а ќе биде проткаен со многу емоции од сите карпошевци кои минале овде и кои дале свој придонес. Овој јубилеј го посветуваме на тогашните и сегашните вработени во Пионеркси дом Карпош. Бидејќи во претходните јублиле се чествувале сите ѕвезди, луѓе кои својот професионален опат го започнале овде.

Кои имиња би ги споменале, да речеме од оние познатите кои почнале оттука од овој Дом ?

ЛАЛЧЕВСКА СЕРАФИМОВСКА: Симон Трпчевски, Ана Дурловски, Маја Гроздановска Панчева, Сузана Спасовска, Коле Ангеловски, Дејан Лилиќ, Унковски и уште многу други кои поминале низ овој дом.

Leave a comment

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Related Articles

ГРАДСКИ МУАБЕТИ

Имаше моменти кога сакав да се откажам од сè, но поддршката од брат ми ме остави на тркачките стази

Малкумина знаат дека во Скопје живее 27-годишно момче, кое е единствениот Македонец...

ГРАДСКИ МУАБЕТИ

Во Македонија има убави крупни жени, но треба да им се даде поголема видливост

Последните неколку години на модните писти зачекорија и девојки/жени со облини како...

ГРАДСКИ МУАБЕТИ

МУАБЕТ СО ЕЛЕНА КОПРТЛА ЗА ГРАДОТ НИЗ ПРИЗМАТА НА ФИЛМОТ 

Вчеравечер во Бруталиск се одржа промоција на книгата „Градот и идентитетот –...