ГРАДСКИ МУАБЕТИ

ГРАДСКИ МУАБЕТИ СО САШО ВУЧИДОЛОВ – ФУЧКА: Мислат дека имам милион жени, а дома сам си спијам

Маестро Саше или Фучка е урбан лик од Скопје, кој на градот му дава поубав шмек и го бои во најубави ноти.

Сашо Вучидолов е познат по неговите пијано изведби во познати кафулиња низ Скопје. Најнеобично место каде што свирел е една рибарница во Скопје, а најубаво искуство му е ангажманот во една од најубавите книжарници во Скопје, Академска книга. Саше вели дека на инсистирање на сопственикот, му го продал неговиот клавир и таму свирел неколку години.

Благодарение на неговата урбана карактерна црта, тој е дел од сите поважни настани во земјата. Романтичарот од Тафталиџе секогаш опкружен со убави жени за себе вели дека почнал да живее од рикверц, односно откако почнал сам да живее. „Мислат дека имам милион жени, а дома сам си спијам“.

Препознатлив по неговиот стил кој секогаш неизоставно вклучува убави комбинации на бои, марами, сакоа за кои вели дека ги набавува од скопската чаршија. Меѓутоа за стилот и начинот на облекување многу научил од Париз, каде што често одел и од неговата мајка која била голема дама.

Овој градски лик навистина има што да раскаже и покрај неговата скромност,а вие драги читатели имате што да прочитате.

Кажи ни нешто повеќе околу твоите надимаци? Какви приказни кријат?

ВУЧИДОЛОВ: По татко сум златар, тој имаше златарски дуќан во турска чаршија, вистински занаетчија,со обработка на злато со се.Но, моите родители не сакаа  да бидам златар, ме насочија да студирам, да учам, ама сепак разбирам многу и од златарскиот занает,цел живот сум бил опкружен со тоа.

Фучка ми доаѓа од презимето, Вучидолов а Маестро затоа што сум навистина маестро, скоро цел живот свирам на клавир, од многу мал почнав и до денес тоа со задоволство работам.

Што си по занимање?

ВУЧИДОЛОВ: По занимање сум ништо и сешто, и музицирам, и си цртам слики, и водам еден простор. Меѓутоа најдобра инвестиција на моите што вложиле во мене е тоа што свирам клавир.

Моите ми купија клавир уште кога бев мал, ме носеа на музичко неколку години, ама јас не сакав да одам како дете не сакав обврски, бегав од часовите и клавирот ми остана. Студирав правен факултет, ама некако не ми се допаѓаше идејата да бидам адвокат и не го ни довршив факултетот. Мојата прва љубов, клавирот остана во мене и еве и до ден денес тоа ми е скоро се, и хоби, и работа, и љубов и егзистенција. Пред два месеци бев гостин во Германија со синот и во тенсикиот клуб каде тренира синот свирев клавир и потоа отидовме една недела во Париз каде свирев на Шанзелизе во Мериот хотел.

Покрај свирење клавир дали се занимаваш со нешто друго?

ВУЧИДОЛОВ: Се занимавам со тоа што ми почна животот. Моите на времето, далечната 1985 ми поклонија кафуле и тоа во срцето на градот, на Орце Николов. Тогаш кафулето се викаше Домино и беше навистина убав урбан простор каде имав навистина убави гости. Во кафулето ми доаѓаа и доста познати луѓе. Амбасадори, политичари, познати ѕвезди. Домино беше прво кафуле во Скопје со клавир, каде што ми свиреше познатиот Стево маестро. Од него научив многу, тој ме наведе на една таква елеганција, ме научи да свирам нежно, познато како како клик клак свирење. Стево маестро кај мене свиреше 17 години, и тоа свиревме на два клавира,јас на еден, тој на друг. Откако тој замина во Белградско позориште да свири, останав јас да музицирам и да ги забавувам моите гости. Сега овој простор се вика Гомблен, се уште постои и работи, меѓутоа по ковид периодот го изнајмувам само за настани, секојдневно не е отворен.

Кому се си свирел?

ВУЧИДОЛОВ: Кога бев во Куба му свирев на Фидел Кастро, ама таму не смеев да се сликам со него. Потоа и на  некои познати пејачки таму, како Луиз Касало итн.

Во Скопје имам свирено на претстедателите на Македонија, во Хилтон, во Мериот на многу амбасадори кога доаѓале на настани, во Лимак. Многу ми е мило што каде и да одам, луѓето ме пречекуваат убаво и енергијата на моите настапи е она што ме исполнува и секогаш ми дава мотив да свирам повторно.

Важиш за голем љубител на уметоста, бараш естетика во се, па оттаму љубител и на убави жени.

Што е за тебе убава жена?

ВУЧИДОЛОВ: Убава жена си е убава жена. Немам некои дефиниции за жениве, само можам да кажам дека жените надвор ме усреќиле, а од македонскиве жени само сум пропатил. Кубанките да речеме, не ги интересира ништо, ниту колку имаш, ниту колку немаш. Тие само уживаат во она што им го носи денот и нивната култура е многу блиска до моите идели за среќен живот.

Дали би можел да живееш во Куба?

ВУЧИДОЛОВ: Би сакал, ама не би можел затоа што месечна плата за тоа што јас знам да го правам е од 3-5 долари и со таа сума е невозможно да се опстане. Плус конкуренцијата таму е многу голема, сите се музички надарени и на сите тоа им е еден од изворите на егзистенција.

Светот го пропатува надолж и попреку, ама сепак секогаш се враќаш во Скопје.

Што е тоа што те врзува за Скопје?

ВУЧИДОЛОВ: Цел град ми е убав, се што сакам тука сум го добил и оттука ги носам најубавите спомени. Тука сум пораснал, тука сум се вљубил, тука сум ги добил моите најголеми радости, синот Дино и ќерката Ени кои се веќе свои личности.

Те има буквално секаде, на стадион, на изложби, на музички настани… Како ти успева да бидеш дел од скоро сите важни настани во Скопје?

ВУЧИДОЛОВ: Најверојатно тоа се должи на контактите и на убавата енергија која ја носам во мене. Луѓето тоа го препознаваат и заради тоа сакаат да сум дел од настаните, да им дадам една поинаква нота и отменост. Еве сега последно свирев на стадион, кога играше Вардар со Железничар. Јас ја свирев химната на Вардар на сред стадион.

Кое искуство нема никогаш да го заборавиш, нешто што во голема мера те променило и те довело до тоа што си денес?

ВУЧИДОЛОВ: Мојот живот почна на овој начин да се одвива, откако живеам сам, откако не сум фамилијарен.  Инаку претходно си бев сопственик на локалот и со децава пред нив зад нив, животот ми беше посветен на нив. Ќерка ми сега е познат виолинист, а синот врвен тенисер. Се оженив на 21 година и сите тие обврски успеав да ги завршам порано.

Во 2005 паднав од мотор и докторите одвај ми ги спасија прстите на раката за да можам да свирам. Ми направија три операции, ми ставија и метална шипка во раката.

Тоа се клучните работи кои извршиле најголемо влијание на мене.

Паралела со искуството надвор и тука, што би одвоил?

ВУЧИДОЛОВ: Како нешто што би издвоил е тоа што скоро сите локали низ светот имаат свои клавири, а овде во Скопје скоро никаде нема и јас кога одам да свирам си го носам и инструментот. Клавирот. Во Белград или Куба нема хотел и ресторан без клавир, во Прага пак имам свирено на клавирот на којшто свирел познатиот композитор Беждих Сметана.

Бидејќи разговорот немаше крај, Фучка сподели дека би сакала за неговиот живот да излезе книга. Се надева дека таму ќе има доволно простор да ги раскаже сите искуства, случки и животни настани на кои е навистина горд и со радост се сеќава.

Leave a comment

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Related Articles

ГРАДСКИ МУАБЕТИ

Имаше моменти кога сакав да се откажам од сè, но поддршката од брат ми ме остави на тркачките стази

Малкумина знаат дека во Скопје живее 27-годишно момче, кое е единствениот Македонец...

ГРАДСКИ МУАБЕТИ

Во Македонија има убави крупни жени, но треба да им се даде поголема видливост

Последните неколку години на модните писти зачекорија и девојки/жени со облини како...