ГРАДСКИ МУАБЕТИ

НА ЧАРШИСКИ МУАБЕТ ВО ОСМАНЛИСКОТО КАТЧЕ НА ЧИЧКО БУРХАН: Ме знаат по кафето сварено на песок, ама лимонадата од рози секој мора да ја проба

Во старата скопска чаршија, покрај златарската улица во едно мало сокаче кај Безистенот, се наоѓа чичко Бурхан со својата кафетерија „Отоман Кафе 1299‘‘. Оваа кафетерија е уникат во скопската чаршија бидејќи кафето се прави на песок, но и по самиот амбиент кој има османлиски изглед. Во ова мало место се е исполнето со љубов, топлина, пријатна атмосфера, се пие толку слатко кафе подготвено од рацете на овој прекрасен човек, кој се надева дека ќе ја врати искрата на чаршијата како што била некогаш.

Од разговорот со чичко Бурхан кој топло не угости во неговото османлиско катче, можевме да заклучиме дека ова е единствената кафетерија во целата чаршија која нуди необични напитоци, но вкусови кои остануваат запаметени.

„Дуќанот е многу стар, но кафетеријата постои 2 години. Зошто баш ‘Отоман кафе’? Така ми беше меракот затоа што ‘Отоман’ значи османлија и затоа е и стилот на кафетеријата таков, што е потребно за чаршијата. Бројот ‘1299’ значи формирањето на османлиите и Отоманската империја“, го почнува муабетот чичко Бурхан.

Дуќанот ми значи многу, бидејќи дијамантот е мал ама вреден, вели чичко Бурхан.

Тој вели дека неговото познато турско кафе сварено на песок е „она нешто“ по кое доаѓаат најголем дел од муштериите.

„Кафето на песок кај нас е ново нешто, инаку во Турција постои веќе многу, многу одамна. Машините ми се нарачани од Турција, бидејќи овде кај нас нема такви. Секако дека најмногу се пие кафе. Кај мене кафето е чиста арабика, сам си го печам и сам си го мелам. Ѓезвињата се бакарни, и нормално тоа што се вари на песок му дава посебен вкус‘‘, ги раскажува чичко Бурхан деталите за неговиот кафе-бизнис.

Освен што луѓето го знаат по кафето сварено на песок, во неговата кафетерија има и невообичаени напивки, кои ги нема на ниту едно друго место во Скопје. Вкусот на лимонадата од роза буквално останува уште долго време во устата.

„Се работи за многу стар рецепт за лимонада од рози. За да се подготви, латиците од цветовите на розите се собираат во тегли и треба да стојат најмалку 40 дена на сонце. Добиениот сируп, потоа се раствора со вода, лимон и друго. Имам и специјална лимонада со нане – минт. Тоа не е обично нане. Јас прво нането го рендам, го блендирам, па ставам вода. За нив имам и посебна, специјална машина што летно време ја вадам надвор‘‘, објаснува познатиот скопски кафеџија.

Во неговото кафуле, постојано е врволешница од луѓе и нема кој не седнал во неа.

„Имам многу познати гости што доаѓаат од Турција, па има тука и глумци, артисти, мастер шефови. Од нашиве познати само Игор Џамбазов нема дојдено, почнувајќи од доктори, адвокати, од амбасадите што се блиску. 90% од сите што доаѓаат се одушевени од местото бидејќи е автентично‘‘, гордо зборува чичко Бурхан.

Засега, вели тој, нема намера да го проширува, иако има понуди од други дуќани.

„Не сакам да го изгубам овој дуќан, бидејќи дијамантот е малечок ама вреден“, низ насмевка додава чичко Бурхан.

За тоа како стојат работите во скопската чаршија, тој одговара:

„Чаршијава е голема, или како што велат, таа е најголема чаршија во Европа. Во моментов чаршијата не е како порано, не е тоа тоа, ама пак се работи. Ова е такво место каде постојано има туристи, но и не само туристи, си има и наши луѓе. Јас сум пораснат во чаршијава, од 7-8 години сум во неа. Порано беше друго, имаше еснафлук, имаше занаетчии што сега за жал ги нема. Нема ни грнчари, нема ни сарачи, и тие сарачи што се останати се готовина, нема кондураџии, ништо нема‘‘.

На крајот нашиот кафеџија ќе рече:

„Односот со другите дуќани ни е скоро ист, но не можам да кажам дека е како порано. Едно е тоа што дуќаните многу подоцна почнуваат да отвораат, а многу рано затвораат. Тоа е еден голем минус. Чаршијата треба да се оживее, таа треба да работи барем најмалку до десет часот навечер‘‘.

Leave a comment

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Related Articles

ГРАДСКИ МУАБЕТИ

Имаше моменти кога сакав да се откажам од сè, но поддршката од брат ми ме остави на тркачките стази

Малкумина знаат дека во Скопје живее 27-годишно момче, кое е единствениот Македонец...

ГРАДСКИ МУАБЕТИ

Во Македонија има убави крупни жени, но треба да им се даде поголема видливост

Последните неколку години на модните писти зачекорија и девојки/жени со облини како...