АКТУЕЛНО

БОРБА ЗА ВЛАЕ: Арсовска што побрзо да ја потпише одлуката за поништување на планот за бетонизација на населбата

Се чека градоначалничката Данела Арсовска да ја потпише одлуката за поништивање на Регулацискиот план за населбата Влае. Како што велат од граѓанската група „Борба за Влае“ на 27 јули претседателот на Советот Трајко Славески ги испочитувал гласовите на советниците и ја пратил одлуката за поништување на Регулацискиот план кај градоначалничката. Тоа значи дека сега се чека на Арсовска да ја огласи и со тоа да стане правосилна, за да престане да важи овој штетен Регулациски план.

Од граѓанската група „Борба за Влае“ испратено е и писмо до Арсовска за да ѝ се каже колку е важно да се повлече планот.

„На 20.07.2023 годинана 32 седница на Совет на Град Скопје, беше усвоена точката за поништување на Одлуката за донесување на Регулациски план на Генерален урбанистички план на Град Скопје 2012-2022 за четврт СЗ 19. Предлогот беше иницијатива на советничката група на ‘Зелен хуман град, по барање на ‘Борба за Влае‘. Ја поздравуваме одлуката на Советот бидејќи сметаме дека одлуката да се донесе Регулацискиот план во 2021 година беше погрешна и штетеше на развојот на Влае. Дел од нашата група уште тогаш остро реагираше со барања планот да не се усвои, но тогашното мнозинство во Советот сепак одлучи во корист на градежната мафија. Тој регулациски план беше основа за автоцентричен развој на населбата каде што на прво место беа ставени автомобилите и висококатниците, наместо да се остави простор самата Општина Карпош, заедно со граѓаните, да одлучи како ќе ги проектира своите улици и какви објекти да има на државно земјиште“, се вели во писмото до Арсовска.

Граѓаните велат дека очекуваат Арсовска што побрзо ја објави одлуката во Службен гласник и со тоа да се поправи штетата што беше направена.

„Ова особено го очекуваме од вас имајќи предвид дека и во вашата програма ,,За модерно Скопје” и во Вашите усни излагања континуирано се залагате за справување со урбанистичкиот хаос и брзи и ефикасни решенија. Ова е токму такво, брзо и ефикасно решение за заеднички да ги решиме проблемите и да го зачуваме квалитетот на живот на влаевчани, така што ќе дадеме простор за модерен и одржлив развој каде што врвен приоритет е јавниот интерес“, велат од „Борба за Влае“.

Со ДУП-от кој беше направен врз основа на Регулацискиот план и кој веќе еднаш беше на јавна анкета се предвидуваат згради на просторот на некогашно кино Влае односно зад автобуската станица на булеварот Партизански одреди. Зградите ќе бидат со висина од 6 до 10 ката. Парцелата за маркички за згради е проширена и на улицата Есперанто сè до плоштадот Делфина. Со новиот план улицата ќе предвидува да се пробива зад киното односно пред основното училиште „Димо Хаџи Димов“.

Маркичка за зграда се предвидува на празниот простор кај „Кам маркет“ односно во делот каде населбата Влае се граничи со населбата Хром. Овој простор како што велат жителите е државно земјиште и бараат да се направи парк, а не да се распродава државна земја за бизнис интереси со приватни градежници.

На местото на инклузивното игралиште за деца со посебни потреби на плоштадот Делфина пак е вцртана маркичка за црква. Детското игралиште беше направено пред три години и него тогаш го отвори ексградоначалникот Стефан Богоев.

Leave a comment

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Related Articles

АКТУЕЛНО

ПОЦ: Санкционирани 191 непрописно паркирано возила

ЈП „Паркинзи на Општина Центар“ и Општина Центар, во соработка со Сообраќајната...

АКТУЕЛНО

Десет приказни за времето, луѓето и прекинатите врски

Уличниот фестивал “Статуафест – Прекинати врски/Broken relationship”, изминатите три дена ја размрда...

АКТУЕЛНО

Уметничка акција за проблемот со јавните тоалети во Скопје

Уметникот Озбек Ајваз кај фонтаната вчера во Градскиот парк во Скопје, го...

АКТУЕЛНО

Стопанска Триоги триатлон трка во Скопје, утре ќе има посебен режим на сообраќајот

Вкупно 300 учесници од шест земји се пријавени за 4. Стопанска Триоги...