СКОПСКИ ВЕСТИ

СКОПЈАНИ ИСКАСАНИ САМИ БАРААТ ЧАРЕ ЗА БЕЗДОМНИТЕ КУЧИЊА: Во Лајка или никој не крева телефон или со недели ги чекаш да те контактираат

Од ЈП „Лајка“ велат дека проблемот реално ќе биде ставен под контрола дури за две години, кога на градските улици кучињата ќе бидат многу поретка појава.

Според билтените на Министерството за внатрешни работи, само во последните 24 часа пријавени се четири каснувања од кучиња скитници и тоа во Градски парк, Карпош, Кисела Вода и во Аеродром. Но, оваа бројка не е конечна, односно во пракса е многу поголема, со оглед дека голем број граѓани не пријавуваат или не знаат што треба да направат во случај да се каснати од куче.

Речиси и да нема населба во Скопје каде нема кучиња скитници. Во помали или поголеми групи кучињата се собираат по паркови, пред влезови на згради, детски игралишта, продавници…

Дел од нив на ушите имаат чипови, што значи дека поминале ветеринарна контрола и се евидентирани во системот и условно не се сметаат за закана по граѓаните. Но, огромен е бројот и на кучиња кои немаат вакви чипови, кои се агресивни и често знаат да напаѓаат.

За проблемот признаваат и од Град Скопје од каде велат дека секој ден расте бројот на кучиња и се бележат нови случаи на луѓе каснати или нападнати од куче.

„Веќе ми е навистина страв. Кај и да се свртам на секој чекор улични кучиња. Децата не ги пуштам да играат надвор затоа што може да ги нападнат, само со кола ги носам до каде што треба, бидејќи сакам да бидам сигурна дека се безбедни. Пред зграда имам само 7 кучиња кој што се цел ден пред нашиот влез, а навечер целиот паркинг е исполнет со кучиња. Ние како станари потпишавме петиција за да се соберат кучињата, но од ‘Лајка’не добивме никаков повратен одговор. Викенд беше, се враќав од маркет, двете раце ми беа со кеси, тој ден решив пешки да одам воздух да ме фати, кога дојдов до паркингот од мојата зграда, се затрча едно мало куче и почна да лае, мало беше па само мрднав со кесата да го избркам но потоа од негде дојдоа уште 2 кучиња и рипнаа над мене, јас паднав и тие ми ја гризнаа и раката и ногата. Едвај успеав да се истргам, со помош на комшиите кои дојдоа да ги избркаат кучињата, влегов дома одма да ги дезинфицирам раните. Потоа отидовме до амбуланта да ме боцнат тетанус, па од амбуланта отидовме до полицијата во Кисела Вода каде што ми кажаа да извадам извештај за случајот и да го пријавам во општина. Со извештајот отидов во општината каде само дрско го земаа листот и ми кажаа дека деновиве ќе ме контактираат. И еве помина една недела, а никој не ми се јавил‘‘, раскажува В.М. од населбата Кисела Вода.

„Таа вечер бев излезена со друштво, седевме до 5 сабајле. Затоа што живеам преку улица, решив да одам пешки за да не ги замарам моите другарки. Пред Рептил маркетот на мене се затрчаа 5 големи кучиња, ме фатија за јакна и пробуваа да ме бутнат, несвесно борејќи се со нив, успеав некако да се тргнам. Јакната ми беше цела искината, со трчање стигнав до дома, и утрото одма се обратив во општина Бутел. Од таму ми кажаа дека не можат ништо без доказ дека сум била нападната, а доказот требало да биде некоја модрица или гризнување од куче. Изреволтирана се обратив директно кај градоначалникот кој ми кажа да соберам мои докази и од други луѓе и да ги однесам во Град Скопје, бидејќи тие со Лајка го средуваат проблемот. И нормално како и се во државава и тоа не го средија, јас и мајка ми секој ден ѕвоневме во Лајка, но или не креваа или ни кажуваа за брзо време ќе ги земат кучињата, ама џабе, ништо не направија. Сега каде и да одам другарка ми ме носи до врата со кола, затоа што не можам никаде сама пешки да искочам, и кога одам до маркет гледам да сме барем тројца за да не нѐ нападнат‘‘, кажува за своето искуство Н.Б од населбата Бутел.

Од Град Скопје и неговото претпријатие за згрижување бездомни кучиња „Лајка“, не добивме многу конкретни одговори во врска со овој проблем.

На прашањето дали „Лајка“ има одредена стратегија за надминување на се почестиот проблем со кучињата во главниот град, како и наводите дека во Скопје се носат кучиња од други градови, па и земји, оттаму велат:

„ЈП Лајка работи според програмата залови, стерилизирај, врати. Истовремено ЈП Лајка е вклучена во работни групи од страна на релевантни институции во кои се вклучени Агенцијата за храна и ветеринарство и Министерството за надворешни работи каде што постојано се апелира да се превземат дополнителни мерки и контрола врз општините со цел да се спречи секаков друг обид за несоодветна дислокација на кучињата од други општини во Скопје“.

Според „Лајка“, приближната бројка на бездомни кучиња во Скопје изнесува пет до шест илјади, а нивна груба проценка е дека речиси половина од нив се веќе третирани т.е. се репродуктивно неспособни.

За тоа дали има шанси во скора иднина да се среди проблемот со кучињата, од јавното претпријатие не се оптимисти.

„Стратегијата на ЈП Лајка е да истретира најмалку 2000 кучиња во тековната година, но ‘Лајка’ сама по себе не би можела да го реши проблемот доколку не се воспостави силна контрола врз сопствениците на домашни миленици и нерегистрираните одгледувачници од страна на надлежните институции. Стратешки се приоѓа на проблемот, се работи со живи единки, и брзо решение на проблемот нема. Работата на спроведување на програмата во континуитет, реалните резултати ќе ги даде за 2 години кога очекувано е овој проблем ќе биде ставен под контрола и кучињата на градските улици да бидат многу поретка појава. Во меѓувреме во рамките на нашите можности работиме на афирмација на проблемот во јавноста, работиме на зголемување на јавната свест со цел да не се оставаат кученца на улица и на таков начин да спречиме прилив на нови“, објаснуваат од претпријатието.

Leave a comment

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Related Articles

СКОПСКИ ВЕСТИ

Пролетен маскенбал на домашни миленици

ЈП „Лајка“ в недела напрадне  на „Школка“ во Градски парк организира добра...

СКОПСКИ ВЕСТИ

Втора државна изложба на кучиња од расата „македонски паничар“

Кинолошкиот клуб „Македонски паничар“ в сабота во паркот во Ѓорче Петров ќе...