Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски ги повикува граѓаните со попреченост да ја користат услугата за бесплатен транспорт до здравствените установи за што општината има потпишано Меморандум за соработка со Црвен крст на Република Северна Македонија.
Станува збор за бесплатен превоз до здравствените установи со наменски возила на Црвениот Крст за корисници над 18 години, кои користат ортопедско помагало (инвалидски колички, дубаци или одалки), а живеат на територија на Општина Центар, како и лица над 18 години кои не користат ортопедско помагало, но поради болест се во лежечка состојба (неподвижни). За оваа услуга општината издвои 500.000 денари од сопствениот буџет со цел да им го олесни пристапот до болниците и лекарите на граѓаните кои имаат најголема потреба за тоа. Оваа услуга само за еден месец ја искористиле 42 граѓани. Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски упатува апел до граѓаните кои ги исполнуваат условите да го закажат својот бесплатен превоз до потребната болница.
Герасимовски исто така потсетува и на другите проекти кои се реализираат во општината како едукативните работилници и обуки за давање прва помош со кои воспитувачите, негувателите, наставниците, осмооделенците и другиот стручен кадар во детските градинки и училиштата се здобија со знаења и вештини за соодветно и навремено постапување во ургентни ситуации, односно давање на прва помош, пред се, на децата. Како и едукативните работилници преку кои децата од возрасните групи од сите градинки и клонови се здобиваат со знаења во врска со здравите навики и одржувањето на личната хигиена како и многуте реализирани крводарителски акции за обезбедување крвни компоненти за потребите на здравствениот систем.
Општина Центар ќе продолжи да ги негува проектите со Црвениот Крст кои имаат за цел да им помогнат на граѓаните и го олеснат нивното секојдневие.
Leave a comment