КУЛТУРА

На 4. Април во МСУ се отвара хронолошка изложба за создавањето и развојот на Музејот

Изложбата „Координати на еден сон: 60 години проектирање современост МСУ СКОПЈЕ 1964 – 2024“ ќе се отвори утре (4 април) во 19:30 часот во Музејот на современата уметност Скопје (МСУ) .

Куратори се Владимир Јанчевски и Благоја Варошанец, кои велат дека изложбата е дел од одбележувањето на шесетгодишнината од основањето МСУ – Скопје, кое ќе продолжи во текот на целата 2024.

Поставката претставува хронологија на настаните почнувајќи од 1963,  како нулта точка, преку формирањето на институцијата во 1964  изградбата и отворањето на Музејот во 1970, па до најактуелните изложби како меѓународната изложба „Сѐ што ни е заедничко“ и самостојните изложби на светски уметници.

„Таа е обид, преку мапирање на бројните настани и нивниот визуелен комуникациски аспект да се даде поттик во размислувањата за важноста на МСУ-Скопје во процесот на проектирање и оформување на сликата за современоста“, велат кураторите.

На изложбата покрај прегледот на визуелниот и документарен материјал, плакати, публикации, ќе биде претставен избор од делата од колекцијата на МСУ-Скопје, меѓу кои оние на Марино Тартаља, Ханс Хартунг, Александар Калдер, Петар Лубарда, Душан Оташевиќ, Петар Хаџи Бошков, Јордан Грабул, Анета Светиева, Малгоржата Потоцка, Јован Шумковски, Христина Иваноска, Что Делат.

„Годинашниот јубилеј одново нѐ потсетува дека Музејот преку заложбите и напорите на иницијативниот одбор, и секако првиот директор проф. д-р Борис Петковски (1964-1976) и Соња Абаџиева Димитрова (1977-1984) станува важен дел од локалната и глобалната културната историја, а следните генерации продолжуваат во изградбата на траен споменик на творештвото на над 1900 уметници – донатори од 70 земји од светот, кои по земјотресот од 26 јули 1963 година со своите донации на уметнички дела и со чинот на солидарноста, го почестија градот Скопје и граѓаните на целата земја“, велат од МСУ.

Низ богатата изложбена историја на Музејот која опфаќа стотици самостојни и групни изложби на домашни и странски уметници, неизоставен дел се изложбите „Млада генерација“ од 1967 година кои прераснуваат во Биеналето на младите (1987-денес), потоа едукативната и филмската програма, богатата издавачка дејност, која опфаќа монографски публикации, како и списанието за современа уметност, култура и теорија, од првиот до најновиот број.

Изложбата ќе трае до 21 мај.

Leave a comment

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Related Articles

КУЛТУРА

Премиера на претставата „Хеда Габлер“ во Драмскиот театар

„Хеда Габлер“ работена по текст на авторот Хенрик Ибзен е новата претстава...

КУЛТУРА

„Антолог“ го одбележува јубилејот со врвна литературна понуда на Саемот на книги под слоганот „25 години Антолог е класика“

Книжевниот центар „Антолог“ со особена гордост го објавува своето учество на годинашниот...

КУЛТУРА

Велигденски концерт на „Танец“ во петок во НОБ

Во Националната опера и балет во петок, 19 април, ќе се одржи...