ПРИКАЗНИ

Луѓето порано се срамеа ако имаа нечисти чевли!

Сакип Севхеров од Шуто Оризари е меѓу најстарите чистачи на чевли во Скопје. Тој вели дека на локацијата каде што е сега, пред Даут пашин амам на влезот на чаршијата е околу 20 години, а претходно бил лоциран на старата меѓуградска станица каде имало секојдневна гужва и каде се заработувало добро.

„Ех, ми текнува  кога ќе пристигнеа луѓе на автобуска од цела Македонија, сакаа во Скопје да дојдат со чисти чевли… луѓето порано повеќе се срамеа ако имаа нечисти чевли“, раскажува тој.

Сега ситуацијата и околностите не се такви како пред дваесетина години, ама чичко Сакип не се жали и вели дека цела куќа гледа од овој занает. Едно чистење чини 100 денари, а во цената влегува, прво чистење од прашина, потоа мачкање со боја и накрај „гланцирање“.

Со неговите 74 години, има стаж околу 57 години во овој занает, ама за жал нема кој да го наследи од децата и 12. внуци.

„Не сакаат младите да ја работат оваа работа, велат била валкана, јас сум последниот од моето семејство кој се занимава со оваа работа. Мажите многу повеќе чистат чевли од жените, затоа што тие носат таков тип на чевли, ама сепак порано луѓето беа многу попедантни и редовно ги чистеа чевлите“, раскажува Сакип.

Тој вели дека за време на викендите има многу повеќе работа, кога и Чаршијата е повеќе посетена, ама и преку недела не се жали, вели дека си ја гледа куќата од оваа работа. Со десет муштерии дневно тој во просек заработува минимална дневница.

Порано имало на територијата на градот 40 чистачи од кои се останати само тројца: тој, Руфат на плоштадот и уште еден во чаршијата.

Околу четките и боите тој ни кажа дека работи со специјални четки кои порано ги правел мајстор кој имал своја работилница кај кино Напредок и тоа исклучиво од влакно од коњ.

Многу ја сака неговата работа затоа што му овозможува да комуницира и да се запознава со различни луѓе и на крајот потенцираше дека тој досега немал незадоволен муштерија.

 

ИЗВОР: Александра Тодоровиќ/ Редакција ТРН

Leave a comment

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Related Articles

МАГАЗИНПРИКАЗНИ

Зоолошката градина во Загреб – волшебен микросвет кој плени со својата хармонија

Зоолошката градина на градот Загреб е една од трите зоолошки градини во...

ПРИКАЗНИ

Што може да посетите во Скопје оваа зима

Директните летови за Скопје почнуваат на 18 декември. Одбравме осум работи што...

ПРИКАЗНИ

КУПУВАЈТЕ САМО ОД ВИСТИНСКИ ПЧЕЛАРИ: Продажбата на фалсификуван мед се поголема

Како да се препознае вистинскиот мед од напливот на се поголемиот број...