КУЛТУРА

Филмови на Јан Кадар во Кинотека

Филмови на еден од најголемите режисери на денешницата, словачкиот режисер Јан Кадар (Ján Kadár), до 29 февруари, ќе се прикажуваат во Кинотека на Македонија, информираат оттаму во денешното соопштение.

На програмата, реализирана во соработка со Чешкиот филмски архив, се пет филмови.

– Кадар е чехословачки филмски режисер, кој можеби не е толку звучно име како Милош Форман или Јиржи Менцел, но е сестран филмски великан со импозантна и разновидна  филмографија и живот, во кој, како и во неговите филмови, се вкрстуваат различни култури: чешка, словачка, унгарска, еврејска и американска. Тој е особено битен за чехословачкиот филм, поточно, за новиот бран од почетокот на 1960-тите години, не само како филмски автор, туку пред сè, како филмски педагог. Јан Кадар беше професор на ФАМУ во Прага, каде им предаваше на повеќето режисери, зачетници на чехословачкиот нов бран во 1960-тите години, се наведува во соопштението.

Кариерата ја започнува по Втората светска војна со неколку документарни кратки филмови. Во 1950 година го снима дебитанскиот филм, комедијата „Катка“ по што  следува соработката со Елмар Клос. Емигрира во САД во 1968 година, каде станува професор по филмска режија, а подоцна и декан на Американскиот филмски институт во Беверли Хилс.

Според програмата на Кинотека, вечерва од 20 часот ќе се прикажува филмот „Продавница на главната улица“. Овој филм снимен во 1965 година е најуспешниот од осумте филма од соработката меѓу Кадар и Кос, за што ја имаат добиено наградата „Оскар“ за најдобар странски филм. Главен лик е столарот Тоно, кој за да му угоди на своето амбициозно семејство, ја презема работата на „ариевски контролор“ на продавница за копчиња управувана од постара еврејска вдовица.

Во понеделник од 20 часот, ќе се прикажува „Смртта се вика Енгелчен“. Павел е чешки партизански борец во последните денови од војната. Само што се прогласува мир, Павел е застрелан во ‘рбетот и е испратен во болницата за итни случаи. Парализиран, додека заздравува, деновите ги поминува лежејќи на грб. Во полусвесна состојба, се присетува на случувањата од неговиот живот.

Од 20 часот во вторник, најавен е филмот „Обвинет“. Главен лик е „обвинетиот“ Кудрна, директор на хидроцентрала, кој под притисок на претпоставените, ги вложува сите напори што поскоро да ја пушти во употреба новата хидроцентрала, но, неговите подредени ја користат ситуацијата на градилиштето како можност да украдат имот, што резултира со бесење на еден од вработените.

Од 18 часот во среда ќе биде прикажан филмот „Желбата наречена Анада“. Водите на Дунав ќе донесат на брегот онесвестена девојка, која ја пронаоѓа сиромашниот рибар Јанош, кој заедно со неговата сопруга Зузка, се грижат за неа, но тој се вљубува во мистериозната убавица.

Во четврток во 20 часот, ќе биде прикажан филмот  „За храбриот ковач“. Во него се раскажува за храбриот млад ковач со добро срце, Микеш, кој сака да го види светот и да стекне искуство за животот. Тој тргнува на пат и се спријателува со помошникот на мелничарот Матеј и мајсторот Ондра. Кога дознаваат за три прекрасни принцези кои мистериозно исчезнале, Микеш успева да ги убеди своите мрзливи придружници да тргнат во потрага по изгубените кралски ќерки.

Leave a comment

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Related Articles

КУЛТУРА

Расте бројот на млади читатели кои го посетуваат Саемот на книга

Различни генерации, различни интереси за одредени книжевни жанрови на годинашниот Саем на...

КУЛТУРА

Режисерот Срѓан Драгојевиќ во Скопје за промоција на негова книга поезија во издание на ТРИ

Српскиот режисер Срѓан Драгојевиќ ќе ја промовира својата книга „Чат-пат е добро...

КУЛТУРА

Започна „Крај Вардарот Џез“ – годинашното издание во чест на Мирко Попов

Во пресрет на петтото издание на фестивалот „Крај Вардарот Џез“, вчера во...

КУЛТУРА

Костадиновска-Стојчевска: Саемот на книгата, е во одбрана на раскажувачите и писменоста

Министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, по повод отворањето на 36. издание на Саемот...