МАГАЗИНПРИКАЗНИ

Зоолошката градина во Загреб – волшебен микросвет кој плени со својата хармонија

Зоолошката градина на градот Загреб е една од трите зоолошки градини во Хрватска. Иако мала по површина, има неверојатно богати содржини и е вистинско уживање за посетителите. Датира од далечната 1925 година, се наоѓа на јужниот дел на Максимир и се простира на површина од седум хектари заедно со езерото, а 5,5 хектари е површината на копнениот дел. Во текот на годините, ЗОО Загреб се модернизира, а преку паметно искористување на ЕУ фондовите, стана вистинска успешна приказна.

„Ако имаш идеја, имаш се“ – ова е паролата која треба да важи за ЗОО Загреб, која е вистински пример за тоа како неверојатните идеи можат да се претворат во реалност, преку паметно искористување на ЕУ фондовите. ЗОО Загреб успеа да направи вистинско чудо – во рамки на Зоолошката градина изграден е објект за рехабилитација на ретки диви животни, има своевиден еко систем, едукативни центри, лаборатории, зачувување на редок вид речна желка, засолништа за птици, простор наменет за згрижување кучиња…

Заменик-директорката на ЗОО Загреб Даворка Маљковиќ, за МИА вели дека во претпристапниот период на Хрватска во ЕУ, во ЗОО Загреб се занимавале со активности кои подоцна им овозможиле да се пријавуваат за користење на ЕУ фондовите, како решавање на сопственост на земјиштето, легализација на сите објекти…

Понатаму, вели таа, изработиле програма на Установата за наредните десет години и комуникација со Градот Загреб, за ставање на нивните планови во развојните планови на Градот Загреб, како и изработка на проектна документација.

-Првата фаза на модернизација на ЗОО Загреб со ЕУ-кофинансирани проекти е реализирана од 2014 до 2016 година. Вредноста на проектот е 5 милиони евра и целокупниот буџет е искористен на просторот на Зоолошката градина. Со овој проект сакавме да го зајакнеме туристичкиот потенцијал на Градот Загреб, едукативниот потенцијал на Зоолошката градина и да воспоставиме поефикасно работење на Установата, изјави Маљковиќ за МИА.

Таа појаснува дека со овој проект се изградени и опремени нови објекти – Куќичка за африкански птици, живеалиште за далматински пеликани, Дарвинов и Рибарев мост, центар РОВ (ресторан, место за одмор, видиковец), Едукативен центар со мултифункционен плоштад, Источен влез, објект за сувенири со живеалиште за животни од Мадагаскар.

-Ставена е во функција централна котлара, при што како извор на енергија се користат пелети и е обезбеден енергетски ефикасен состав на греење. Од инфраструктурата обновена е северната и дел од јужната ограда на ЗОО. Ставена е во функција и Инфо куќичката за посетителите, уреден е островот на лебедите, а конзерваторски се уредени и Лавјиот мост со статуите на лавови и е изградена реплика на статута на Неаполскиот рибар, вели Маљковиќ и додава дека овој проект го подигнал квалитетот на просторот, квалитетот на сместување на животните, подобрување на квалитетот на понуда за посетителите и условите за работа на вработените.

Со оглед дека еден од најважните елементи на работа на ЗОО градините е заштита на животната средина, Маљковиќ посочува дека се воведени нови ИТ технологии наменети за едукација, но и современи технолошки решенија помалку штетни за околината, како  собирање дождовница за испирање на тоалетни чворови, зелени покриви и зелен ѕид, биофилтер за прочистување вода во базенот на африканските птици, соларни панели за загревање на вода.

Со проектот вреден 4,6 милиони евра, од кои ЗОО Загреб искористил 1,85 милиони евра, се изградени – Интерпретациски центар на заштитена фауна на Хрватска (живеалиште за мечки со едукациски центар), приказ на водни живеалишта (живеалиште за дабари), поставка на микросвет на шумата на Максимир (постојана поставка со лабораторија), изградени се два пешачки моста и уредено и исчистено Првото максимирско езеро.

-Изградени се бројни едукативни материјали, печатени брошури и книги… Една од специфичностите на проектот е дел од вработените на ЈУ „Максимир“ и Установата ЗОО Загреб поминаа основен курс за знаковен јазик со цел подигнување на можноста за комуникација на лицата со оштетен слух, вели Маљковиќ за МИА.

Со проектот пак, „Рехабилитација на диви животни“, кофинансиран исто така од ЕУ фондови во вредност од три милиони евра, се гради нов објект внатре во ЗОО Загреб (Засолниште во Думовац) со летна куќичка која помага при оспособување на птиците за враќање во природата.

-Во приземниот дел се гради и се уредува простор наменет за згрижување кучиња – поединечно држење и нов простор за изолација. Вкупно ќе има 42 одвоени простори. Ваквиот објект служи за згрижување на напуштени и изгубени кучиња, кучиња кои се предмет на разни постапки (судски, инспекциски…) и оние кои се одземени од физички и правни лица при разни интервенции на бројни служби (комунални редари, МВР, центри за социјална работа…), вели Маљковиќ.

Додава дека во склоп на зградата ќе бидат ставени во функција следните содржини: изолација за кучиња (поголем број боксови), простор за подготовка на храна, простор за пружање ветеринарска грижа со лекови и друго.

-На првиот кат се сместени простории на самата рехабилитација со која се унапредува составот на згрижување на диви животни. Од регионите на цела Хрватска ќе се згрижуваат строго заштитени видови, како и видови од илегален прекуграничен транспорт. Исто така, од просторот на Градот Загреб ќе се згрижуваат и сите останати диви видови животни на кои им е потребна помош, појаснува таа.

На највисокиот дел на објектот се поставуваат фотоволтаици („сончева електрана“) со јачина од 38,43 KW за производство на електрична енергија, со цел придонес кон заштита на природата и околината со користење обновливи извори на енергија.

Со проектот е набавена ветеринарна опрема, опрема и возило за служба за заловување, ИТ опрема и опрема за означување на животните кои се враќаат во природата. Исто така се одвива и едукација на работниците.

ЗОО Загреб придонесува и за зачувување на реткиот вид желка, во рамки на проектот „Life for Mauremys – Речна желка – зачувување на оклопни видови медитерански и влажни живеалишта во Дубровачко-неретванската жупанија“, проект од 2,1 милиони евра, од кои 60 отсто кофинансиран од ЕУ фондовите (1,2 милиони евра).

-Речната желка спаѓа меѓу најзагрозените влекачи во овој дел на Европа. Во Хрватска каде што е строго заштитен вид, распространетоста и е ограничена на јужниот дел на земјата. Иако речната желка населува широк распон на слатководни живеалишта, со неодамнешното истражување е забележан драстичен пад на бројноста на популацијата во споредба со податоците од 80-те години на минатиот век, вели Маљковиќ.

Во рамки на проектот LIFE for Mauremys ќе се подобри квалитетот на живеалиштата на речната желка. Најкритична е популацијата на речната желка во Стонско поле, при што таа ќе се обиде да зајакне.

Во Зоолошката градина на Градот Загреб ќе се воспостави и имплементира програма за размножување за овие желки, а ќе се изгради и уреди посебен простор и ќе се направат посебни протоколи. Младенчињата, изведени во Загреб, ќе бидат пуштени во обновено и осигурано живеалиште на речна желка во Дубровачко-неретванската жупанија. Вкупно е предвидено во природа да се пуштат 40 младенчиња. Во изработка е и анимиран филм за важноста на зачувување на речната желка.

Кога заминувавме од загрепската Зоолошка градина, воодушевени од уреденоста и хармонијата на целиот тој микросвет, пријателски не испратија кафената мечка, црвената панда и веселата фока.

Leave a comment

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Related Articles

МАГАЗИН

Истражување: Поголема поддршка за да се избегне „изгубена генерација“ поради лошо психичко здравје

Младите Британци сè повеќе страдаат од проблеми со психичкото здравје што ја...

МАГАЗИН

ЛАЈКА: Причини зошто треба да имате трпение со куче вдомено од прифатилиште

Има неколку причини зошто трпението е важно кога се вдомува куче од...

МАГАЗИН

Науката ги одреди најпаметните раси кучиња

Обемно лабораториско истражување за интелигенцијата на кучињата коешто го спроведоа научници од...

МАГАЗИН

„Анатомија на неверството“ вечер во театар „Комедија“

Вечерва, со почеток од 20 часот во Театар Комедија ќе се одигра...