На 26 јули пред 60 години во 5 часот и 17 минути силен земјотрес го зафати Скопје и го разурна градот. Земјотресот со јачина од 9 степени по Меркалиевата скала, односно магнитуда од 6,1 степени и длабочина од 5 до 7 километри траел 20 секунди, а помали потреси имало до 5 часот и 43 минути. Под урнатините загинаа 1.070 жители, а биле повредени над 4.000. Од потресот биле урнати 15.800 станови, а оштетени 28.000. Над 200.000 луѓе останале без покрив над глава.
Во земјотресот беше разурната тогашната железничка станица, а денеска Музеј на град Скопје, а стрелките застанаа и оттогаш го покажуваат времето кога ќе се случила катастрофата, 5 часот и 17 минути.
Но, надежта не се урна. Веднаш по земјотресот со помош на 87 земји се расчистуваа урнатините од земјотресот и Скопје почна да се гради одново според проектите на светски познатите архитекти Кензо Танге и Адолф Циборовски.
Денеска со повеќе настани ќе се одбележи 60-годишнината од земјотресот во знак на сеќавање на жртвите и повредените. Повеќе делегации ќе положат цвеќе на Споменикот на жртвите од скопскиот земјотрес на градските гробиштата Бутел.
Во Музејот на современата уметностќе биде отворена дигиталната изложба на Државниот архив „Подемот и падот на Скопје“, преку фотообјективот на Киро Георгиевски, вработен во Градското собрание во 50-тите години на 20. век. Видеоматеријалот содржи над 300 фотографии и документи за денот на земјотресот и за сите случувања до крајот на годината – доаѓањето на армијата, обновата на градот со донации од југословенските републики и од целиот свет, деновите на солидарноста и сите официјални посети на државни претставници. В среда во МСУ изложбата ќе биде отворена од 10 до 13 часот и од 15 до 17 часот.
Во 20 часот, во Шалтер салата на Пошта и на зградата на Телекомуникацискиот центар, креативниот тим на „Скопје лајт арт дистрикт“ ќе изведе аудиовизуелни инсталации со ласерска проекција и 3Д-мапирање како илустративен приказ на земјотресот и на обновата. Истовремено, на локации на Скопското кале и на високите кули во Карпош 1 и 2 ќе има визуелна проекција со 3Д-мапирање.
Во организација на Црвен крст на Плоштадот Филип Втори, од 18 часот ќе се црта мурал, а ќе се одржи и интерактивна обука за справување со катастрофи, иницијатива за пишување на писма и телеграми, изложба на капацитетите на нашето Национално друштво и дружење со вработените и волонтерите на Црвениот крст. Во просториите на Даре Џамбаз – Центар за дарување крв во среда на 26 јули, ќе има крводартителска акција од 9 до 17 часот.
Leave a comment