ЈСП „Скопје“ останува во тешка финансиска состојба. Советот на Град Скопје не ја изгласа одлуката за покривање на загубата од 6,2 милиони евра за 2022 година.
На последната седница беше побарано од Градот како основач да ја покрие загубата во работењето бидејќи претпријатието нема начин како тоа да го стори. Но, советниците не го прифатија ваквото барањето на јавното претпријатие ниту ја изгласаа завршната сметка за ланската година.
Во 2022 година, ЈСП остварил вкупни приходи од 1.699.251.767 денари, а вкупните расходи биле 2.083.180.133. Ланската загуба во работењето е рекордна односно двојно поголема од 2021 кога годината беше завршена со минус од 3,3 милиони евра.
Со оглед на моменталната состојба на претпријатието, се чини дека скопјани се сѐ подалеку од можноста некогаш да добијат бесплатен превоз, кој исто така би требало да се плаќа од градскиот буџет. Ако во услови кога граѓаните плаќаат за превоз претпријатието секоја година покажува загуби во милионски евра, прашање е колку плус милиони евра би чинело доколку евентуално некогаш се реализира предизборно ветување на градоначалничката Данела Арсовска за бесплатен превоз за сите граѓани.
Leave a comment