Со проекцијата на филмот „Бизнисот на задоволството“ на режисерот Гоце Цветановски, синоќа заврши 22-от Меѓународен фестивал на европски филм Синедејс.
Под слоганот „Муви најт “ и годинава фестивалот обезбеди врвни филмски остварувања и македонски премиери, но со намален буџет и намалени простори за проекција на филмовите, но со посетеност од повеќе од 5.000 вљубеници на европскиот филм.
„Имавме уште едно одлично издание на фестивалот на кое сме горди, особено заради условите во кое го реализиравме. Сублимирано ќе споделам дека ние сме вистински светски фестивал, кој има ексклузивни Кански премиери, врвни европски гости, публика која не доаѓа само на филмови, туку учествува активно на работилниците и дебатите и професионалци филмаџии кои жедно учат и стануваат конкурентни на европскиот пазар. Нашите потенцијали се големи и како продуценти на овој фестивал, но и како јадро околу кое гравитираат вистински европски вредности, вели Маргарита Арсова, координаторка на Синедејс.
Годинешните награди за најдобар филм, најдобра режија, најдобро сценарио и најдобра изведба ги додели жири комисијата во состав: Габриеле Брунемаер – филмски експерт и ментор, Дина Дума- режисерка и Ереник Бекири – режисер.
Добитници на наградите се: „Обичните“ на Софи Линенбаум – Златна ѕвезда за најдобар филм, Сребрена ѕвезда за најдобра режија за „Тајмаут“ на Ев Душман, Сина ѕвезда за најдобро сценарио за „Обичните“ на Софи Линенбаум и Михаел Фетер Натанаски. Специјално признание за најдобра изведба доби Марија Васкез за улогата во дебитантскиот филм на Алваро Гагос, „Матријарх“.
Во SEE (South Eastern Europa) селекцијата, Златно сонце за најдобар филм доби „Шоља кафе и нови чевли“ на Гентиан Кочи.
Leave a comment