Овој четврток градските советници на седница ќе расправаат дали Градот да му даде субвенции на ЈП Градски паркинг, во износ од 5.000.000 денари за нови монтажни паркинзи. Со овие пари ќе се проектираат и постават нови паркиралишта на неколку локации во главниот град.
Во предлог одлуката се наведува дека барањето на финансиските средства, односно потребата од нови монтажни паркиралишта се должи на порастот на бројот на возила, а со тоа и потребата за паркирање.
„Градските центри се гушат, а паркирањето на зелените површини и на тротоарите е редовна појава. Решението е во обезбедувањето посебни простори (привремени или трајни објекти – надземни и подземни) наменети исклучиво за паркирање. Привремените паркиралишта се градат најчесто како привремени објекти, таму каде што ќе се оцени дека има потреба за тоа. Привремените паркиралишта претставуваат челични монтажно-демонтажни модуларни еднокатни конструкции со кои се зголемува т.е. удвојува расположливиот паркинг-простор, а, од друга страна, се намалува времето потребно за барање слободно паркинг-место, што влијае на намалувањето на загадувањето и на зачувувањето на околината. Нивната основна предност е што, по истекот на предвидениот период на користење, може да се демонтираат и повторно да се монтираат на друга локација. Монтажата со примена на стандардизирани челични елементи и унифицирани монтажни врски, по правило, е брза, едноставна и практична“, се наведува во образложението на одлуката.
Leave a comment