Општина Центар побара од Град Скопје да се фати за работа и да го исчисти градот кој е затрупан со ѓубре од преполни контејнери. Поради протест на вработени во ЈП „Комунална хигиена“ од вчера контејнерите не се празнат, ниту пак кантите од куќите.
“Голем број граѓани денеска се пожалија во општината поради нехигиената и неподносливата миризба која се шири поради преполните контејнери по булеварите и улиците на главниот град. Општина Центар апелира на итна реакција од Градот Скопје под чија надлежност е ЈП ‘Комунална хигиена‘. Ние како Општина со своето претпријатие ќе продолжиме со активно одржување на општинските површини. Предупредуваме, надлежните од Градот да не бараат оправдувања туку веднаш да дејствуваат, високите температури надвор, најмалку дозволуваат главниот град да биде претрупан со смет. Граѓаните плаќаат комунална такса и сакаат чист град“, велат од Општина Центар.
Вчера директорката на „Комунална хигиена“ Косана Мазнева-Николиќ призна дека градот е затрупан со ѓубре, но ги обвини вработените дека се криви за тоа односно дека намерно и со умисла не ги извршуваат задачите. Таа ги нарече дел од вработените членови на подземјето, кои работат за партиски цели и со тоа го загрозуваат здравјето на граѓаните.
Leave a comment