АКТУЕЛНО

До 30 јуни РКЕ треба да донесе одлука за цената на струјата за наредните шест месеци

АД ЕСМ вчера достави понуда на тендерот на универзалниот снабдувач ЕВН Хоум за купопродажна цена на електричната енергија од 53 евра за мегават час за покривање на 100 проценти од вкупно планираните количини со што Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) ги има сите неопходни податоци за во текот на следната недела да ја донесе одлуката за цената на струјата што ќе ја плаќаат потрошувачите на регулираниот пазар во наредните шест месеци, почнувајќи од 1 јули.

Цената што е доставена на тендерот е за 5,35 проценти пониска од 56 евра за мегават час, колку што ЕСМ и ја продаваше струјата на ЕВН Хоум во изминатите шест месеци. Од неа најмногу зависи колкави ќе бидат сметките на граѓаните во следните шест месеци. Сепак, во вкупната цена влегуваат и други влезни параметри, како што се цената на Преносниот систем оператор МЕПСО, цената на Операторот на пазар на електрична енергија МЕМО и цената на Дистрибутивниот систем оператор Електродистрибуција, како и ДДВ-то кое од 1 јули повторно ќе изнесува 18 отсто, наместо досегашните 10 отсто.

ДДВ-то на конечната цена влијае околу 7,2 отсто, а претходно МЕПСО до РКЕ достави барање за зголемување на цената за преносот за 50 отсто, Електродистрибуција, пак, побара зголемување на цената за делот на дистрибуција за околу 30 отсто.

И покрај тоа премиерот Димитар Ковачевски не очекува да има зголемување на цената на електричната енергија.

„Цената на електричната енергија ја дефинира РКЕ, но не очекувам да има ценовен шок. Истото го кажав и пред претпоследното определување на цената на струјата. Тогаш сите велеа дека ќе има зголемување на цената на струјата од 30 до 60 проценти. Тоа се истите скептици, истите критизери кои единствено сакаат да внесат немир и дезинформации кај граѓаните“, изјави Ковачевски по вчерашната посета на компанијата за производство на фина картонска амбалажа „Еврос Комерц“ во Старо Нагоричане.

Тој посочи дека во Буџетот има финансиски средства за антикризни мерки со кои ќе биде помогната ЕСМ.

Во однос на воведувањето на дневната евтина тарифа, Ковачевски рече дека одлуката ја носи РКЕ и додаде дека за тој процес на ЕВН му е потребно време за да ги намести броилата во домаќинствата.

Претседателот на РКЕ Марко Бислимоски, пак, неодамна нагласи дека сигурно ќе биде воведена евтина дневна тарифа на струјата, но посочи дека РКЕ ги завршува анализите и ги знае техничките проблеми кои ги има во процесот.

„Во овој момент имаме сериозно разединување за колкав временски период тие технички софтверски проблеми може да се надминат. Овие неколку дена ќе ги искористиме за интензивна комуникација со операторот на дистрибутивниот систем за да видиме реално кога и како може да започне имплементацијата на евтината тарифа“, рече Бислимоски и додаде дека е сигурно оти евтината тарифа ќе биде воведена.

Целта, како што истакна, им е што е можно повеќе граѓани во ист момент да ја користат евтината тарифа за да нема жалби и поплаки зошто некој има, а зошто друг нема.

„За тоа разговараме со операторот на дистрибутивниот систем и преговорите и разговорите ќе мора да ги завршиме кон почетокот на идната недела“, рече Бислимоски.

Тој појасни дека по воведувањето на блок тарифите броилата имаат четири позиции во кои се регистрира скапата тарифа, а сега треба дополнително да се воведе и евтина тарифа така што на операторот на дистрибутивниот систем му треба време за да се сетираат сите броила. Време е потребно и а да се промени билинг системот за да може да се фактурира евтината тарифа. Тоа го прави надворешна фирма како што вели операторот и за тоа им било потребно малку повеќе време. Но, разговараме со нив навреме да си го решат тој проблем. Броилата кои немаат далечинско отчитување ќе мора рачно да се прилагодуваат и е потребно повеќе време, а за оние со далечинско отчитување тоа ќе се направи од компјутерскиот центар на операторот за две минути, истакна Бислимоски.

Leave a comment

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Related Articles

АКТУЕЛНО

ПОЦ: Санкционирани 191 непрописно паркирано возила

ЈП „Паркинзи на Општина Центар“ и Општина Центар, во соработка со Сообраќајната...

АКТУЕЛНО

Десет приказни за времето, луѓето и прекинатите врски

Уличниот фестивал “Статуафест – Прекинати врски/Broken relationship”, изминатите три дена ја размрда...

АКТУЕЛНО

Уметничка акција за проблемот со јавните тоалети во Скопје

Уметникот Озбек Ајваз кај фонтаната вчера во Градскиот парк во Скопје, го...

АКТУЕЛНО

Стопанска Триоги триатлон трка во Скопје, утре ќе има посебен режим на сообраќајот

Вкупно 300 учесници од шест земји се пријавени за 4. Стопанска Триоги...