По 10.000 денари субвенции ќе дава Град Скопје на занаетчиите. Со цел да ги поттикне и да ја помогне нивната работа објавен е оглас за субвенционирање на стари занаети и занаетчиски дејности во изумирање во градот Скопје.
„Градот Скопје има за цел да го поттикне развојот на традиционалните занаети преку субвенционирање на стари занаети и занаетчиски дејности во изумирање во градот Скопје, Согласно Програмата на активностите од областа на локалниот економски развој на подрачјето на Град Скопје за 2023 година одобрени се средства во висина од 1.000.000 денари“, стои во огласот објавен на веб страната на Град Скопје.
Ќе се субвенционираат занаетите: јорганџија, опинчар, јажар, крзнар, грнчар, шапкар, ковач, лимар, казанџија, копчар, свеќар, венци, сита, саатчија, самарџии, ракотворби-корпар, ракотворби-изработка на сувенири, домашна ракотворба, изработка на филигран, накит и слични производи и производство на музички инструменти.
Од буџетот предвидени се еден милиони денари за оваа програма што значи пари ќе има за 100 занаетчии.
Занаетчиите кои сакаат да аплицираат треба да достават барање за субвенција, решение за упис во Регистар на занаетчии односно да имаат занаетчиска дозвола, потоа тековна состојба од Централниот регистар не постарa од 6 месеци, подмирени обврски кон Град Скопје како комунална такса – фирмарина и данок на имот доколку дуќанот е во сопственост на подносителот на барањето.
Leave a comment