Велат дека здравјето е најважно во животот, а недостигот од здравствени работници во државава го зголемува стравот за сопственото здравје кај населението. Недостигаат кадри од повеќе здравствени струки, меѓу кои и акушерки.
Во 2004 година во нашата држава имало 1.180 акушерки, во 2022 бројот бил 237. Статистичките податоци не се комплетно точни бидејќи има акушерки кои работат на други работни места или воопшто не работат како акушерки, но во родилиштата во родилните сали во моментов работат 237 акушерки.
Овие податоци за МИА ги сподели дипломираната акушерка, Тања Трајковска, која воедно е и потпретседателка на Здружението на медицински сестри, техничари и акушерки, претседателка на одборот на акушерки во Комората на здравствени работници со средно, вишо и високо образование и поранешен претседател на секцијата на акушерки.
„Недостигот на акушерки е премногу голем и тој недостиг се продлабочува бидејќи во минатото едукацијата на акушерките беше на секои три до четири години, така да оваа година имаше поголем одлив, во смисол на пензионирање. Недостигот се создава со години систематично и тоа пред сѐ се должи на медикализација на породувањето, сè поголемиот број на царски резови, приватизација на примарната здравствена заштита и несоодветниот образовен систем“, вели Трајковска.
Проблемот со продуцирање на соодветен кадар настанал во 1995 година, кога како што вели Трајковска државата и министерствата за здравство и образование, следејќи ги директивите на Европската Унија, со правилник го укинале образованието на акушерките на ниво на средно училиште.
Таа смета дека образовниот систем тука ја направи својата најголема грешка, бидејќи не ги следел доследно насоките на ЕУ комплетно да ги укине типовите на едукација на ниво на средно образование и да остане доследна на секторските директиви за едукација на акушерките на ниво на студии. Наместо тоа се вовеле неколку типови на образовни системи во средните стручни училишта, притоа експериментирајќи со образованието – ФАРЕ-програма, која пак, како што вели Трајковска, резултирала со некомплетно образование.
„Не сакам да зборувам околу квалитетот на програмите за да не бидам погрешно разбрана, но и те како можам да зборувам за некомплетноста на образованието“, посочи Трајковска.
Таа смета дека од тука тргнала и ерата на несоодветен образовен профил гинеколошко-акушерски сестри.
Сѐ повеќе мајки избираат царски рез наместо спонтано нормално породување.
Изминатите години, вели Трајковска за МИА, се повеќе се забележува трендот кај бремените жени и кога бременоста е нормална и укажува на можност за природно породување, да бараат да се породат со царски рез, од една страна поради страв од болката или, пак, поради сомневање во стручноста на тимот, доколку немаат некој познат, кој би се погрижил за нив.
„Се повеќе нови мајки се чувствуваат неподготвени за самото породување полни со страв од болното спонтано нормално породување па целиот тој страв и неподготвеност придонесе сѐ повеќе да се прибегнува кон барање пријатели и врски за спроведување на породување со царски рез, иако во некои случаи не постои соодветна медицинска причина. Според статистиката, ако во 2004 година стапката на царски рез била 15,3 проценти, минатата година е 51 отсто, што за нас како акушерки е поразувачка бројка“, сподели Трајковска.
Таа вели дека треба да се сменат многу работи за да се надмине состојбата со недостиг од акушерки.
„За жал, многу треба да се направи затоа што во здравствениот систем се правени реформи според желбите на челниците, партиите без притоа да се консултираат професионалците. Да не звучи сѐ толку црно, сепак сакам да продолжам да бидам оптимист затоа што оптимизмот и љубовта кон мојата земја ме задржала тука сите овие години и ниту во еден момент и покрај бројните притисоци не сум потклекнала во својата борба за подобро утре, гледам одредена светлина на крајот од тунелот, но сепак сите заедно треба да допреме до неа“, додава Трајковска.
Според неа, државата мора да донесе одлука какви професионалци сака да има.
„Ако желбата е да имаме соодветно едуцирани, компетентни акушерки кои по дипломирањето ќе бидат подготвени за процесот на работа, тогаш под итно треба да се откаже од продукција на некомпетентен кадар од профилот гинеколошко -акушерска сестра, која сега се продуцира од популистички причини. Жално е од најдобрите ученици, ние да продуцираме евтина работна сила, која нема да може да се снајде веднаш во процесот на работа и ќе се чувствува уште пофрустрирано затоа што мора да работи под постојан надзор на гинеколог. Сигурно ниту еден родител не сака таква иднина за своето дете. Наместо тоа, да продолжиме со продукција на соодветно едуцирани компетентни акушерки на нашите факултети и високи школи“, порача Трајковска.
Таа смета дека Министерството за образование треба да овозможи за акушерките кои ќе сакаат своето знаење и вештини да ги предадат на идните генерации, академско напредување во професијата.
„Второ, да се овозможи повторно фукционирање на советувалишта за трудници што би било во интерес и на гинеколозите и на акушерките, но пред сѐ на жените за да знаат дека во секое време ќе имаат стручна помош и соодветен совет, а со тоа ќе го надминат стравот и спремни ќе влезат во процесот на породување.Трето, законско регулирање на професијата, заштита на титулата и признавање на компетенциите за да нема забуна до каде се ингеренциите на акушерката, а кога презема гинекологот. Четврто, вработување на соодветно високо едуцирани акушерки, кои со своите компетенции ќе ги растеретат гинеколозите од непотребното губење на нивното драгоцено време, кое можат да го насочат кон повисока цел. Сакам да верувам дека сите имаме иста цел, а тоа е подобро здравје за нашите жени и нивните бебиња. Да имаме жени кои задоволни од своето позитивно искуство од породувањето, многу побрзо ќе се вратат на својот секојдневен живот и ќе го прераскажуваат своето позитивно искуство, наместо зборови полни со болка и ужасни сцени. Само сите ние заедно можеме да направиме нешто подобро, нешто повеќе за нашите деца, за нашата иднина, за нашата земја“, рече Трајковска.
- Заминуваат поради поголема платеност и подобри услови за работа
Македонија се соочува со одлив на акушерки во земји, кои нудат подобри услови за живот и работа. Најчесто заминуваат во Германија, Хрватска, Словенија, Австралија, Нов Зеланд, но, како што вели Трајковска за МИА познава и две нејзини колешки кои работат во најтешкиот систем за работа, каде 50 проценти од породувањата се одвиваат дома, Англија.
„Најчести држави во кои има наши акушерки се Германија, Хрватска, Словенија, Австралија, Нов Зеланд, но знам и за две колешки кои работат во најтешкиот систем за работа, каде 50 проценти од породувањата се одвиваат дома, Англија. Тоа што го нудат овие земји покрај финансиската сатисфакција е и достоинството со кое ја работите професијата, ваше препознавање и признавање како професионалец, кој е соодветно едуциран да ја доведе до крај некомплицираната бременост, која е чиста физиолошка состојба во животот на жената, како и самостојно само во партнерство со жената, почитувајќи ги нејзините желби, да го изведе породувањето. Акушерките во ЕУ уживаат почит пред сè од гинеколозите кои растеретени од грижата за нормалните бремености, имаат доволно време своето знаење, едукација и вештини да ги посветат на комплицираните бремености и научно истражувачка дејност, нагласи Трајковска во разговор за МИА.
Leave a comment