КУЛТУРА

Драмски театар со претставата „Чудна случка со кучето во ноќта“ вечерва на програмата на фестивалот Војдан Чернодрински

Драмски театар Скопје со претставата „Чудна случка со кучето во ноќта“ вечерва настапува на 57. издание на „Војдан Чернодрински“. На сцената на Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп, претставата на Драмски театар е селектирана во официјалната програма заедно со 10 претстави на македонските професионални театри. Под мотото „Враќање дома“ најреномираниот и најстар национален фестивал на театарската уметност до 16 јуни ќе понуди богата фестивалска програма, а секој ден напладне ќе се организираат разговори на тркалезна маса, на кои ќе се дискутира за претставите што се изведени на програмата од претходниот ден.

Претставата „Чудна случка со кучето во ноќта“ е авторска адаптација на Сајмон Стивенс направена според мотивите од романот на Марк Хадон. Режисер е Зоја Бузалковска, професор на Факултетот за драмски уметности во Скопје. Асистент на режија е Димче Николовски – Димсата, драматург е Александра Бошковска. Костимите во претставата се на  Елена Вангеловска и Раде Василев, а сценографијата е на Константин Трпеноски. Авторската музика е на Давид Ангеловски, а кореографијата и фри ранинг техниката е на Симон Симоновски.

Улогите во претставата ги толкуваат актерите: Дамјан Цветановски, Трајанка Илиева Вељиќ, Александар Степанулески, Емилија Мицевска Трајковиќ, Соња Стамболџиоска, Јасмина Василева, Филип Трајковиќ, Стефан Вујисиќ, Златко Митрески и Нела Павловска.

Премиерата на „Чудна случка со кучето во ноќта“ беше во декември 2021 година и вечерва ќе биде нејзината 21 изведба.

Режисерката Зоја Бузалковска истакнува дека она што „Чудна случка со кучето во ноќта“ ја прави возбудлив материјал за работа е темата што ја отвора овој текст. Тоа е светот на Кристофер, светот на „посебниот“, „различниот“, „отфрлениот“, „исмеаниот“, „потценетиот“. Во време во кое многу општества, па така и нашето, се борат за инклузија на луѓето со посебни потреби, да се работи еден ваков актуелен материјал се чини исклучително важно. Во таа смисла, претставата ќе има и едукативно – воспитна функција и ќе може да ја одреди за една од своите целни групи и младата тинејџерска публика.

Во пресрет на вечерашната фестивалска изведба потсетуваме дека Драмски театар надвор од матичната сцена со претставата „Чудна случка со кучето во ноќта“ во февруари годинава гостуваше на сцената на Местно гледалишче Љубљана во рамките на фестивалот РУТА Група Триглав и на минатогодишното издание на Охридско  лето каде имаше одличен прием кај публиката и театарската фела.

 

Leave a comment

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Related Articles

КУЛТУРА

Премиера на претставата „Хеда Габлер“ во Драмскиот театар

„Хеда Габлер“ работена по текст на авторот Хенрик Ибзен е новата претстава...

КУЛТУРА

„Антолог“ го одбележува јубилејот со врвна литературна понуда на Саемот на книги под слоганот „25 години Антолог е класика“

Книжевниот центар „Антолог“ со особена гордост го објавува своето учество на годинашниот...

КУЛТУРА

Велигденски концерт на „Танец“ во петок во НОБ

Во Националната опера и балет во петок, 19 април, ќе се одржи...