Џастин Адамс и Мауро Дуранте се врвни музичари со различен бекграунд кои ги обединува нивната длабока поврзаност со древната транс музика. Реномираниот гитарист, продуцент и композитор Џастин Адамс ја започна својата кариера во добата на пост-панкот, но во меѓувреме ги збогати своите интереси, внесувајќи стар блуз, арапска и африканска музика, фолк и многу други влијанија во своето свирење. Соработуваше, меѓу другите, со уметници како Џа Вобл, Tinariwen и Роберт Плант.

Продукцијата на клучните албуми на Tinariwen и Рашид Таха го истакна неговото чувство за северноафриканскиот грув, a наградуваните проекти со гамбискиот маестро Џулде Камара ја поврзаа традицијата на гриотите со духот на сировиот блуз. Неговиот последен гитарско-атмосферичен соло албум „Ribbons“, беше вброен меѓу најдобрите 50 албуми во изминатата деценија според магазинот Songlines. Ова ново дуо со Мауро Дуранте, виолинистот/перкусионистот на групата Canzoniere Grecanico Salentino, создава жив, соголен звук кој се движи и маѓепсува, со едноставни мелодии и опсесивно-репетитивни обрасци, подеднакво соодветни за танцување и мечтаење.

Крсте Роџевски е македонски пејач, гитарист и композитор, активен на авангардната „даунтаун“ сцена од неговата преселба во Њујорк во доцните деведесетти. По издавањето на трилогијата: „Batania“ (2015), „Bitter Almonds“ (2017) и „The Rabbit And the Fallen Sycamore” (2018), Роџевски ги снима „Hubris“ (2020) и „Fair Weather Friends” (2022). Станува збор за концептуални албуми со интроспективни текстови и електроакустичен звук, збогатен со експериментални и фри-џез елементи. Во нивното создавање, тој соработува со некои од најеминентните имиња на њујоршката експериментална и импро-џез сцена (Бил Ласвел, Томика Рид, Крис Дејвис, Икуе Мори, Мери Халворсон, Ингрид Лауброк и др.), како и со неколку врвни претставници на модерната чикашка сцена (Џеф Паркер, Никол Мичел, Кен Вандермарк итн.). Дури четворица од нив се добитници на престижната американска награда МекАртур, позната и како „грант за генијалци“. Творештвото на Крсте Роџевски добива извонредно позитивни рецензии во реномираните The Wire, Downbeat, Avant Music, All About Jazz, Stereogum… Новото, шесто по ред, издание на Роџевски под наслов „Black Earth“, продуцирано од Бил Ласвел, ќе излезе во втората половина на оваа година. На соло акустичниот настап на Oфф-фест, тој ќе ги претстави своите песни во една чиста, наивна и соголена форма, ослободена од студиските дотерувања.