КУЛТУРА

Во КИЦ: „Коцкоглави” изложба на слики и објекти од Андреј Марјановиќ

Во културно-информативниот центар – Скопје се отвора изложбата на слики и објекти од Андреј Марјановиќ насловена „Коцкоглави” на 9 јуни со почеток од 19.30 часот.

Андреј Марјановиќ (р.1978) е дипломиран графичар (2004, Факултет за ликовни уметности – Скопје), кој работи мултимедија и разни класични техники (сликарство, скулптура, цртеж), но твори и како графити уметник под разни псевдоними (НДРЈ, ЧКЉ Кру, Право Гето) од почетокот на „графити” културата во Скопје и работи електронска музика под неколку псевдоними (NDRJ, Partybreaking Incorporated, Кисела Куќа) користејќи семплирање како главен конструктивен елемент. Исто така, уметноста ја применува во своето 25-годишно професионално искуство со брендирање, графички дизајн, веб дизајн, фотографија, продукција на анимирани содржини, видео и аудио продукција. До 2013 година живее и работи во Скопје, а од 2014 година во Преспа. Член е на ДЛУМ од 2007 година.

Без оглед на техниката и примената, неговата уметност стилистички се доближува до минималистички, симболичен и апстрактен израз, секогаш заинтересирана за експериментирање, иновативност и интермедијалност (особено со музика, стрип и улична уметност, компјутерска уметност и филм), а проникната со длабоко промислени концепти, критичен приод, автореференцијалност и хумор.

Неговата  самостојна изложба „Коцкоглави” (“Blockheads”) e инспирирана од урбаната средина, од стрит-арт културата и нејзиниот израз и стил: боени скулптури од дрвени греди и слики на платно. Како своевидни стрит-арт тотеми, скулптурите на „коцкоглавите” се ликови кои секојдневно се сретнуваат во градот и популарната култура: скејтер, цртач на графити, хакер, тапанар, панкер/панкерка, полицаец, политичар, баба, дедо, сомнителен лик… Спојот на дводимензионални цртежи врз тродимензионалната површина создава живи и препознатливи карактери што целосно го исполнуваат својот блок/коцка од просторот, секој на својот „ментално ограничен” начин. Сликите, пак, се налик на стрит-арт мурали инспирирани од урбаната средина, кои се занимаваат со поголеми композиции од места во градот каде може да се сретнат ликовите на „коцкоглавите”.

За оваа изложба самиот вели:

„Ова се слики, сцени и карактери од секојдневието, кои се трудам да бидат своевиден портрет на општеството во кое живееме – аналогно на сликите на Питер Бројгел, Хиеронимус Бош и Џејмс Ензор, кои си играат со гротеската, нудејќи критика на животот и луѓето од сопственото време. Се разбира, стилски се разликуваат, бидејќи јас сум растен со видео игри, стрип, анимација, графити и стрит-арт. Изложбата се состои од објекти кои со помош на едноставен цртеж и изразни елементи (линија и боја) се трансформираат од аморфен минимален објект (дрвена греда) во артефакти што содржат карактер, чувство и став. Исто така, има и неколку „портрети” на ликовни уметници кои мене ми значат и ги избрав за оваа изложба: Banksy (со својата субверзивна prank уметност, која во исто време сака и да насмее и да критикува), Енди Ворхол (со баналното, консумеризмот, славата и модата како главна тема) и Јајои Кусама (со својата опсесивност кон создавањето уметност и упорноста во својот израз, и покрај сите препреки). Овие три „портрети” се само аперитив за еден пообемен циклус на „Славни коцки” (Celeblocks), кои ќе следуваат понатаму.”

Изложбата ќе биде отворена до 19.06.2023 година.

Leave a comment

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Related Articles

КУЛТУРА

Расте бројот на млади читатели кои го посетуваат Саемот на книга

Различни генерации, различни интереси за одредени книжевни жанрови на годинашниот Саем на...

КУЛТУРА

Режисерот Срѓан Драгојевиќ во Скопје за промоција на негова книга поезија во издание на ТРИ

Српскиот режисер Срѓан Драгојевиќ ќе ја промовира својата книга „Чат-пат е добро...

КУЛТУРА

Започна „Крај Вардарот Џез“ – годинашното издание во чест на Мирко Попов

Во пресрет на петтото издание на фестивалот „Крај Вардарот Џез“, вчера во...

КУЛТУРА

Костадиновска-Стојчевска: Саемот на книгата, е во одбрана на раскажувачите и писменоста

Министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, по повод отворањето на 36. издание на Саемот...