РИТАМ НА ГРАДОТ

Ќе се спаси ли „Домче“ од уривање?

На 3 јули 1973, во Скопје, е пуштен во употреба еден објект кој припаѓа на бруталистичката постземјотресна архитектура, зградата на месната заедница Тафталиџе и воедно и културен центар, кој што граѓаните го викаат „Домче“.

Брутализам е стил во архитектурата кој се појавува во средината на дваесетиот век (од 1950 до средината на 1970) како дел од Модернизмот. Терминот “брутализам” потекнува од францускиот збор кој го опишува материјалот кој е карактесритичен за овој стил béton brut или натур бетон.

Објектот е проектиран од македонскиот архитект Кирил Муратовски во 1971 година. Станува збор за објект попознат како “месна заедница” во населбата Тафталиџе во Скопје, кој бил изграден првично за потребите на луѓето кои биле сместени во населбата. Во просториите на домчето бил сместен Културно-уметничкото друштво „Цветан Димов“. Во еден дел од објектот имало народна библиотека со голем фонд на книги, а некои од просториите преминале во своевидни сали за спорт и рекреација. Жителите од околината го користеле за секојдневни активности при исполнување на својот маалски живот, играле пинг-понг, посетувале часови по ора и танци, учествувале во музичкиот клуб, но имале и неформални дружења внатре и во дворот на објектот.

Објектот претставува колективно добро и во тоа време прераснува во центар за размена на идеи. Простор во кој обичниот граѓанин ги изразува своите идеи, превзема иницијатива а во исто време го запознава својот сосед, комуницира, се социјализира и културолошки се воздигнува, е совршен пример на процес на интегрирање на луѓето и просторот.

Во домчето на граѓаните им била сместена и месната заедница, во тоа време силна форма на граѓанско здружување за полесно остварување на своите права. Со еден збор домот им бил заедничко јавно добро.

СПМ станува сопственик на домот

Со законот за децентрализација кој стапува на сила во Република Македонија во 2002 година, делот кој се однесува на задолжително постоење на локални заедници – месни заедници е укинат. Како последица на новонастанатата ситуација, потребата од месна заедница е намалена, а со тоа и објектите и земјиштето кои се во нејзина служба преминуваат во приватна сопственост.

Градбата на архитектот Кирил Муратовски денес е во приватна сопствност. А, повеќе децении околу сопствноста се води судски спор меѓу Социјалистичката партија и Месната заедница.

СПМ станува сопственик на објектот во 1992 година. Претходно со домчето управувал Социјалистичкиот сојуз на работниот народ, организација во која активни биле повеќе здруженија. Тој сојуз кога се трансформирал во Социјалистичка партија на Македонија фактички станал и правен наследник на објектот. Така на едноставен начин СПМ ја презела сопственоста врз домчето и од тогаш започнуваат правните перипетии за неговата вистинска сопственост, како и за градежната интервенција која му се заканува со години.

Интересен е фактот дека и покрај промена во сопственоста во 1992 година, во тој објект се до 2011 година таму владение имала општина Карпош, на чија територија припаѓа домчето. До тогаш траел судски процес кој потврдил дека сопственоста е на СПМ со што општината била приморана да се повлече и да го отстапи просторот на вистинскиот сопственик.

Додека општината имала владение врз објектот во 2002 година организирала јавен повик за градежни компании за да се реновира зградата, но да остане во својата првобитна форма и изглед, но да ја има и истата намена, да послужи на граѓаните како јавен простор. Но, тендерот немал среќа да заврши затоа што започнал судски процес за утврдување на вистинскиот сопственик, оној процес што траел до 2011 година, кога општината си заминала од домчето.

Од општина Карпош ја добивме следната информација: „Во моментот на посочената локација нема важечки ДУП. Во тек е постапка за изработка на нов детален план. Што се однесува за посочениот објект, неговата намена ќе биде одредена во зависност од добиените мислења од надлежните институции“.

Бидејќи општина Карпош нема донесено важечки дуп за ова место, СПМ, како сопственик на Домче, не може да го реализира својот бизнис план и да го пренамени објектот во станбено- деловен центар и во уште една зграда која би била хотел.

Сето ова придонесува домчето со години наназад да зјае напуштено и празно,  останато само со ѕидовите, поплавено од дождови, претворено во депонија, без никаква заштитна ограда, ниту врати и прозорци.

Leave a comment

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Related Articles

РИТАМ НА ГРАДОТ

Oд денеска до 21. април Цветен фестивал во Дајмонд мол

 Од 17. до 21. април во Дајмонд мол под мотото „Расцветај“, ќе...

РИТАМ НА ГРАДОТ

Изложба на студентите од Факултетот за ликовни уметности Скопје

Вечерва од 19.00 часот во „Сули ан“ Скопје ќе се отвори изложба со...

РИТАМ НА ГРАДОТ

„Candlelight“ – концерт под свеќи на Профундус и виолинист Марио Хосен во Филхармонијата

Илјадници свеќи ќе ја осветлат сцената на Филхармонијата на која вечер во...

РИТАМ НА ГРАДОТ

Улични живи статуи и музика во понеделник во центарот на Скопје

Идниот понеделник, 15 април со почеток од 18:30ч. на улица Македонија во центарот...