АКТУЕЛНО

Недостигаат 340 пожарникари, возилата се во просек стари по 27 години, најстарото е ТАМ од 1966 година

Во земјава недостигаат 340 пожарникари, а противпожарните возила што ги користат се просечно стари по 27 години. Слично е и кај амбулантните возила кои ги имаме 263, просечно стари по 12 години, а само 30 од новонабавените вакви возила се нови, додека другите се купени „на старо“.

Ова се резултатите од најновите истражувања и бази на податоци на сите амбулантни возила и возила за противпожарна заштита, како и за бројот на пожарникари во сите 34 единици во земјава, објавени од Центарот за граѓански комуникации (ЦГК).

Резултатите од истражувањето покажале дека помалку од законски предвидениот минимален број пожарникари има во 16 од 34-те противпожарни едници во земјава. Најмногу пожарникари, повеќе од 200, му недостигаат на главниот град Скопје. Скопската единица има 190, а треба да има 405 пожарникари. Следни се Куманово – каде има 33 пожарникари помалку отколку што пропишува законот, Битола, со 21 пожарникар помалку и Тетово кому му недостигаат 17 пожарникари.

Спротивно, најдобро стои Ресен со дури шест пожарникари над законски определениот број, и неколку општини кои имаат по 4 пожарникари повеќе од минимумот: Гостивар, Струга, Кичево и Делчево. Инаку, 34-те противпожарни единици вкупно имаат 284 возила, од оние што гаснат пожар до цистерни за вода и возила за превезување на пожарникарите и опремата.

Половина од вкупно 284-те возила се постари од 30 години, додека само 15 проценти од возилата се стари до 10 години. Во последните три години се набавени дополнителни 65 возила, но и тие се со просечна старост од 17 години.
– Најстари возила со просечна старост од 39 години, има новоформираната противпожарна единица во Старо Нагоричане. Следно, со просечно стари возила од 38 години е Кратово, а 36 години просечна старост имаат возилата на валандовската противпожарна едница. Најнов возен парк имаат противпожарните единици во Велес и Штип, чии возила се просечно стари по 12 години, наведуваат од ЦГК.

Најстаро противпожарно возило од 57 години е камионот ТАМ од 1966 година, на валандовската единица. Анализата покажала дека следат четири возила, само по една година помлади, произведени во 1967 година и тоа: два мерцедеси на Македонска Каменица и Битола, и по еден ТАМ и ФАП на Крива Паланка и Демир Хисар. Од марките возила, најзастапени се камионите ФАП од кои има дури 50 возила, просечно стари 39 години, а следни се 28 Лади Нива, просечно стари 23 години. Најстарото возило „мерцедес“ од 1988 година, го користи Болницата за респираторни заболувања од Отешево. Најнови се две возила набавени минатата година, едното од Клиничката болница во Штип, а другото од Здравствениот дом во Тетово.

Просечната набавна вредност на возилата е 38 илјади евра. Најскапо купени воопшто вакви возила во земјава се двете возила подарени од Министерството за здравство на Клиниката за детски болести од Скопје во далечните 2001 и 2013 година, со набавна вредност од 105 и 135 илјади евра. Дури 73 проценти од сите овие возила, здравствените установи ги добиле на користење или како донација. Само околу 22 проценти од возилата, здравствените установи ги купиле со сопствени средства, се наведува во соопштението.
Министерството за здравство, посочуваат, најчесто се јавува како институција која им ги отстапува на користење возилата на здравствените установи, додека како донатори се јавуваат други земји, невладини организации или поединци.

Најчеста марка амбулантни и санитетски возила е „рено“, од која има дури 74 возила, од кои 62 возила се од моделот „трафик“. Следни се „ситроен“ со 35 возила, како и „фиат“ и „фолксваген“ со по 26 возила.
Споредбата со истото вакво истражување покажува дека сега има 80 вакви возила повеќе отколку во 2019 година, но само 30 од новостекнатите 80 возила се нови, односно произведени во последните три години, додека другите се повторно стари возила.

Leave a comment

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Related Articles

АКТУЕЛНО

Стопанска Триоги триатлон трка во Скопје, утре ќе има посебен режим на сообраќајот

Вкупно 300 учесници од шест земји се пријавени за 4. Стопанска Триоги...

АКТУЕЛНО

Скопје деветта година дел од „The Distinguished Gentlmens Ride“

Урбаните моторџии традиционално и годинава за утре го имаат закажано хуманитарното дефиле...

АКТУЕЛНО

Францускиот институт со прва дигитална интерактивна изложба во Ист гејт мол

Францускиот институт во Скопје , во рамките на одбележувањето на 50-годишнината на постоењето...

АКТУЕЛНО

Денес, бесплатен влез во музеите

На овој ден музеите во земјата традиционално ги отворат своите врати и...