КУЛТУРА

Промоција на книгите „Драми (Трудници/Тајни)“ и „Сега би пишувала за…“ на Габриела Стојаноска-Станоеска

Во среда, 7 јуни 2023 г. со почеток во 19 часот, во Големиот салон на ЈУ Дом на култура „Кочо Рацин“ Скопје ќе се одржи скопскката промоција на книгите „Драми (Трудници/Тајни)“ и збирката раскази „Сега би пишувала за…“ од Габриела Стојаноска-Станоеска.
За збирката раскази „Сега би пишувала за…“ во која 57-те раскази се групирани во три циклуса: „Сега би пишувала за…“ (истоимен со насловот на книгата,) „Стар живот“ и „Разводнување развод“ ќе зборува еминентната поетеса и прозаистка Гордана Михаилова-Бошнакоска, а за двата драмски текста „Трудници“ и „Тајни“ од книгата „Драми(Трудници/Тајни)“ ќе зборува актерката првенка на МНТ и режисерка – Звездана Ангеловска.
Според писателот Петар Петрески „Книжевното писмо на Стојаноска-Станоеска е натопено со лиризам, искреност и препознатлив автентичен исказ. Таа не се воздржува, не се двоуми во творечкиот третман на современите табу-теми, како што се, на пример, женската сексуалност, бременоста, брачната „Рубикова коцка“, растајнувајќи ни го, мошне успешно и сугестивно, сето она што се крие зад завесата на нашето вродено лицемерие.“
Во поговорот на книгата „Драми(Трудници/Тајни)“ драмската авторка Лидија Митоска-Ѓорѓиевска ќе заклучи:…И за двата драмски текста би можела да се издвои како мото, завршната мисла од „Тајни“: „На животот и театарот не им фалат драми, им фали искреност.“
Во поговорот на книгата „Сега би пишувала за… “ , актерот Димитар Ѓорѓиевски, пак,  пишува: „И доаѓам до заклучок дека Габриела Стојаноска-Станоеска измислува стил. Намерно или не. …Морбидното е присутно во секој расказ од оваа збирка. Постојано е присутен стравот и морничавоста, траумите и согледувањето на работите кои ни се тешки да ги гледаме. Или доживуваме. Но Габриела ни ги разубавува тие работи. Со самото тоа што ги признава, нѐ потсетува дека сe присутни, дека се врзани за нас, дека често се поттик за личен раст и напредок, иницијатор за создавање нови дела, дека се човечки и нормални. …“
Габриела Стојаноска-Станоеска (Прилеп 1978) магистрира на Катедрата за oпшта и компаративна книжевност при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Работи како наставничка по македонски јазик и е главна и одговорна уредничка на списанието за литература, уметност и култура „Стремеж“. Ги има објавено збирките раскази „ГОЛА“ (Арлекин-ГФ, Прилеп, 2007) и „ПРИКАЗНИ ЗА КРАТКОСТА – раска(з)(ж)и за своја душа“ (Сигмапрес Скопје, 2019); научната студија „КУСИОТ РАСКАЗ И СОНОТ – компаративни паралели низ призмата на неколку критички методи (Сигмапрес Скопје, 2018), збирката драми „ДРАМИ (ТРУДНИЦИ/ТАЈНИ)“ Прилеп, 2020 и збирката раскази „Сега би пишувала за…“ (2022)
Објавува поезија, проза, есеи и рецензии во повеќе книжевни печатени и електронски списанија и застапена е со расказ во антологиите: Contemporary short story, BEST of Sarajevo Notebooks II. ,„Сто македонски раскази“ (Тренд, Феникс, Скопје), „Електролит 2007“ (Темплум, Скопје),„Приче за понети“ и „Најкраħе приче 2008“ (Алма, Белград), во малата антологија на современата македонска микрофикција „Летаат приказни“ (2019), во обемната антологија на македонскиот краток расказ „Џинџуџе во земјата на афионите“ (2022г) и други.

Leave a comment

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Related Articles

КУЛТУРА

Разни поетски настани, домашни и странски учесници на годинешниот „Скопски поетски фестивал“

Младинскиот културен центар ‒ Скопје (кино „Фросина“), градската библиотека „Браќа Миладиновци“ ‒...

КУЛТУРА

Трибина на тема „Големи приказни од мали земји“, средба со писателката Зејнеп Севде

Богата програма од дури осум настани во Младинскиот културен центар најавува 6....

КУЛТУРА

„Литера 2024“: Книгите, приказните, уметноста ги носат децата на магични патувања

Литературата и илустрацијата имаат специјално место во срцата на децата. Низ книги,...

КУЛТУРА

Изложба ”Професори и студенти” во МКЦ

На 14 јуни во Младинскиот Култирен центар ќе се отвори изложбата со...