До јуни сите општини треба да направат проценка на бројот на бездомни кучиња. Прв пат оваа година со Наредбата за здравствена заштита на животните дадена е обврска на општините да направат проценка на популација на кучиња. Заловувањето на кучињата е независно од проценката и треба да се одвива тековно, а не да се чека исходот за проценката, односно треба да се реализира врз основа на веќе донесените планови и програми за заловување.
„Врз основа на оваа проценка општините треба да го направат планот за контрола на популацијата на бездомни кучиња за наредната година. До овој момент проценка има направено и доставено до Агенцијата за храна и ветеринарство само Општина Конче. АХВ е во координација со ЈП „Лајка“ да се направи ваква проценка за Град Скопје. Техничка помош за методологијата побара прифатилиштето од Општина Струмица, со која АХВ е во координација за да ја спроведат проценката“, вели директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство Николче Бабовски.
Во однос на каснувањето на кучиња, одговорноста за проценка на агресивност на кучињата и постапките со опасните кучиња пред да се вратат на улица е на општинското прифатилиште и се спроведува од страна на овластени лица, а за сопственичките кучиња, тоа е обврска на сопствениците на кучињата кои каснале човек.
„За решавање на проблемот со бездомните кучиња, бидејќи преку намалување на бројот ќе се намали и инциденцата на каснување, недостасува една важна алка, а, тоа е регистрација на одгледувачници на кучиња за што АХВ има подготвено Предлог-закон за измени и дополнувања на Законот за благосостојба на животните кој се наоѓа во фаза на меѓуинституционално усогласување. Со законот за изменување и дополнување на Законот за заштита и благосостојба на животните ќе се воспостави систем за контрола на неконтролираното размножување на кучињата и другите домашни миленици преку регистрација на одгледувачници за кучиња и евидентирање на регистрираните одгледувачи на куче. Со воспоставување на оваа мерка се очекува оние сопственици на домашни миленици кои не сакаат да го чуваат својот миленик за репродукција да го стерилизираат својот миленик“, вели Бабовски.
Со законот ќе се регистрираат сопствениците на куче, одгледувачниците, продавниците за домашни миленици и пансионите за кучиња со што ќе се зајакне контролата на овие комерцијални активности, а краен резултат е намалување на бројот на бездомни кучиња, контрола на болестите и зајакнување на одговорното сопствеништво.
„За жал, и покрај напорите кои изминативе години ги прави Агенцијата за унапредување на одговорното сопствеништво и негово доближување до граѓаните, токму неодговорното сопствеништво и напуштањето на домашни миленици останува еден од најголемите извори на бездомни кучиња. За тоа говорат и бројките кои како институција секоја година ги анализираме и врз основа на кои носиме предлози и нудиме решенија за надминување на овој проблем кој во некои општини станува алармантен“, додава тој во интервјуто за државната агенција МИА.
Leave a comment