РИТАМ НА ГРАДОТ

IN MEMORIAM: Почина скопскиот и урбан лик Драги Шпага

Замина уште еден урбан градски скопски лик. Драги Христов кого сите го познаваа по прекарот Драги – „Шпага“, почина на 52 годишна возраст по кусо и тешко боледување, откако му беше констатиран карцином на белите дробови.

Скопјени и скопската урбана градска шема го памети со години наназад уште од средината на деведесеттите години, од ноќните излегувања по култните места во македонската престолнина.

Беше запаметен по неговата луцидност заедно со неговиот тогашен другар Деан Органџиев, кои знаеа необично и екстравагантно да се облекуваат во светкави костуми или оние со животински принт и да носат различни перики, отскокнувајќи од масата со изглед налик на ликови од некој првоаприлски маскенбал.

Беше дел и од култниот ноќен клуб Азафран каде често можеше да се види во друштво на млади и згодни кубанки.

Пошироката македонска јавност сепак го запозна во 2004 година по учеството во едно од првите реални шоуа во Македонија, кога имаше обид самостојно да создаде ријалити од овој тип. Реалното шоу се викаше „Тоа сум јас“, а се снимаше во куќа во Скопје и беше сличен формат на „Големиот брат“. Шоуто се прикажуваше на МТВ, а подоцна имаше обиди за негови варијации на други телевизии. Драги – Шпага беше токму победникот во првата сезона на ова реално шоу, а како награда тогаш доби автомобил „Шевролет – Матиз“.

Годините подоцна станува лик за кој ќе зборува целата македонска јавност , но и регионот откако во продукција на најпознатиот македонски секс шоп, ќе биде главниот машки „актерски“ лик во филмската порно комедија: „Жена ми Мира пак масту*бира“, филм за возрасни кој ќе биде издаден и на видеокасета односно ДВД формат. Оттогаш натаму Драги Шпага ќе го добие епитетот „порно актер“ иако потоа никогаш повеќе нема да ја повтори ваквата улога.

Потоа ќе се повлече, а во јавноста одново неговото име ќе одекне по појавата во камп – шаторите пред македонската влада, за време на таканаречената „Шарена револуција“ со чија помош СДС дојде на власт. Неговата фотографија гушнат со тогашната потпретседателка на „комуњарите“, Радмила Шеќеринска беше хит на сите насловници на македонските медиуми, а истата ја пренесоа и повеќето во регионот.

Короната ќе биде следната неволја со која Драги Христов – „Шпага“ ќе се соочи, а инфекцијата со заразната болест едвај ќе ја преживее. Во полусвесна состојба, па во кома дваесет часа, со тешка пневмонија и внатрешно крварење во желудникот од кое  изгубил многу крв, шансите да преживее му  биле едвај 20%.  Матичниот лекар подоцна му рекол дека бил случај  за во учебниците… за енциклопедија.

За жал, дали како поседица на короната и тешките диети, на Шпага ќе му откажат бубрезите… Последните години остануваат надвор од нивната функција, па тој ќе стане еден од оние пациенти кои ќе мораат два до три пати во неделата да одат на дијализа.

Според кажувањата на блиските пријатели, токму при една дијализите неодамна на Шпага му се слошило, по што му биле направени итни детални прегледи, по кои за жал било констатирано нешто, за што самиот ниту знаел, ниту чувствувал некакви симптоми – карцином на белите дробови во поодмината фаза со метастази.

По кусото и тешко боледување опаката болест го зема својот данок и Драги Христив – „Шпага“ починал. Погребот бил извршен вчера, на 30 мај 2023 година, во попладневните часови во кругот на најблиските пријатели и потесното семејство.

Leave a comment

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Related Articles

РИТАМ НА ГРАДОТ

„Fame’s unplugged session“ во Café Literatura

Утре, од 12:30 до 13:45 часот, во ‘Café Literatura’ (Дајмонд мол), љубителите...

РИТАМ НА ГРАДОТ

Фестивал на современа македонска поп музика – ПОП КУЛТУРА

Оваа сабота, на 17 февруари, во 20:30 часот во едукативниот културен центар „Лабораториум“ ќе се одржи...

РИТАМ НА ГРАДОТ

Отворање на изложбата „Носиме уметност“

Модната изложба „Носиме УМЕТНОСТ/llevamos ARTE/nous portons l’ART“, составена од креации на студентите...

РИТАМ НА ГРАДОТ

По 12. пат „Земјотрес“ во МКЦ

Најголемиот фестивал на свежа, домашна и независна музика Земјотрес, ќе се одржи...