По повод 150 години од формирањето на ЈП Македонски Железници свечено ќе се отвори Музеј на македонската железница во текот на месец јуни и тоа влезот е слободен за сите оние кои сакаат да го видат.
На самиот влез од Музејот не пречека Ванчо Милошевски, вработен во ЈП Македонски Железници веќе 34 години и главен виновник за реализација на проектот Музеј на македонски железници. По професија археолог и следствено на тоа зачувувач на историјата.
На прашањето како се роди идејата за да се отвори овој музеј, Ванчо одговори: „ Ние сме единствени што немавме таков тип на музеј, железнички музеј. Цел свет има. Мене одамна ми е идејава 15-20 години така да и одамна почнав да собирам експонати за да еден ден можам да ја претставам историјата на македонската железница“.
Експонатите во музејот се нредени хронолошки. Веднаш на почетокот е благајната и компостерот/ поништувачот на карти. На влезот и нам ни ги поништија билетите со жигосување на датум. Понатаму има отправничка канцеларија и закачалки со униформа и чизми.
Најстариот експонат датира од 1885 и всушност е телеграфска машина. Со поставувањето на железничката линија се јавила потреба и од поставување телеграфска мрежа.
„Имаме доста стари експонати: часовници, телеграфи, документи на паус и така натака, сите внимателно се чувани сите овие години и затоа не случајно во оваа збирка имаме и часовници од деветнаесетиот век кои се уште се во функција“, вели Ванчо.
Го запрашавме Ванчо дали вовчето Ќиро е дел од оваа музејска поставка. Ванчо се упати кон макетите и покажа во правец кон едната. „Еве го Ќиро, во намалена верзија“. Макетите во музејот се изработени во размер 1:10 од страна на Драган Ацевски, бивш вработен во музејот, а истите ги направил пред 30 години кога работел во железница. Потоа ги дава на користење на музејот. „Правиме напори да донесеме и вистинска локомотива од Ќиро. Порано беа во сопственост на Македонски железници, а сега еден дел од Ќиро е во Кичево, а другиот дел во паркот во општина Ѓорче Петров.
Паното со поштенски марки е донација од Македонски пошти а собирач на марките е филателистот Станко Зафиров.
Од Музеј на град Скопје ги добиле витрините за да ги заштитат документите стари стотици години.
Меѓу сите тие документи најголем впечаток ни остави оригиналниот проект на Кензо Танге спакуван во една огромна тутурутка, како и план катастар од железничката линија Солун Митровица напишан на тогашниот дипломатски француски јазик.
На осветлените паноа е претставена историјата на железничкиот сообраќај, а дел од музејската поставка се и оригинални шини верувале или не од 1892 од пругата Солун Битола.
Срдечно ви препорачуваме да ја посетите оваа временска машина која барем на момент ќе ве врати во далечното минато кога возот бил главно превозно средство во Македонија.
Leave a comment