Културно Ехо спрема нов поткаст „Скопје се буди“ за да ја поттикне јавноста да се ангажира во новиот генерален урбанистички план (2023-2033) за Скопје и да ја зголеми транспарентноста на процесот. Дафина Шекутковска, Марија Арсенкова и Мартин Анастасовски, членови на Културно Ехо повикаа на учество и ангажираност на сите граѓани на Скопје. „Не смееме да дозволиме понатамошно урбанистичко дивеење кое ги уништува шансите за хумано живеење и одржлив развој на Градот. Без нашето учество, извесно е дека новиот ГУП ќе биде дизајниран само од нечии желби за профит, а последиците ќе ги чувствуваме сите“.
Досега Културно Ехо организираше шест настани под името „Создаваме град, градиме иднина” – мултимедијални перформанси и работилница, како и перформансот „Луѓе од бетон”.
За последните активности на Кулурно Ехо поразговаравме со Шекутковска која активно е вклучена во сите проекти на друштвото заедно со Марија Арсенкова и Мартин Анастасовски.
Кога ќе биде објавен новиот поткаст „Скопје се буди“ и каква цел има?
ШЕКУТКОВСКА: „Скопје се буди“ е аудио-поткаст на здружението Културно Ехо што ќе ја актуализира темата за новиот Генерален урбанистички план (ГУП) на Скопје, за кој е очекувано да биде усвоен годинава. ГУП-от е клучен документ за просторното планирање според кој ќе се уредуваат сите Детални урбанистички планови, односно ДУП-ови во следната деценија.
И покрај тоа што е на врвот на хиерархијата во документите за просторно планирање, би генерализирале дека поголемиот дел од граѓаните не разликуваат помеѓу ГУП и ДУП, кое е нивното значење за развојот на градот, ниту на какви процеси подложи нивната изработка. Од суштинска важност е да знаеме дека според правилата, изработката на ГУП и ДУП треба да вклучува учество и од самите граѓани.
Со емисијата сакаме да одговориме на суштинските прашања, да ги мотивираме граѓаните да се вклучат во дискусијата, но и во самото просторно планирање на градот преку учество во официјалните партиципативни тела. Наскоро поткастот ќе си добие свои профили на социјалните мрежи, а дотогаш може да се информирате преку социјалните мрежи на Културно Ехо:
https://www.facebook.com/culturalechoes
https://www.instagram.com/culturalechoes/.
Генерално, кон што се однесуваат забелешките на новиот ГУП?
ШЕКУТКОВСКА: Главната забелешка е во тоа дека јавноста нема речиси никаков увид во изработката на новиот ГУП. Освен повремени изјави од локалната самоуправа без никакви придружни документи или конкретни планови кои би можеле јавно да се дискутираат, граѓанството е во мрак за насоките и начините на кои ќе се развива Скопје цели десет години.
За да овозможи граѓанско учество во изработката и усвојувањето на ГУП-от, Законот за урбанистичко планирање предвидува формирање на партиципативно тело составено од 9 граѓани и тројца експерти, но овој повик упорно пропаѓа бидејќи јавноста не е добро информирана и, очекувано или не, никој не се пријавува.
Новиот рок за пријавување е 09.06.2023 г., а целиот повик може да се најде на страницата на Град Скопје – https://skopje.gov.mk/mk/apliciraj/javni-povici/. Ќе биде добредојдено и корисно за жителите на Скопје ако овојпат се пријават што повеќе граѓани за да може тоа тело конечно да се формира, па да добиеме поголем пристап и увид во процесите, темите и исходите внатре во надлежните институции.
Втората забелешка е тоа што процесот на донесување ужасно доцни, па просторот во градот сè уште се планира по стариот ГУП усвоен во 2012 г. кој воопшто не соодветствува на реалноста во Скопје денес.
Рокот за изработка постојано се поместува, а според последните информации од Градот, во тек е изработката на основниот документ за новиот ГУП чиј законски рок за усвојување е 4 години. Основниот документ Градот почнал да го составува дури лани во соработка со Агенцијата за просторно планирање, што значи дека ни претстојат уште неколку години несоодветно урбанистичко планирање кои ќе продолжат да се одразуваат лошо врз квалитетот на живот во целиот град.
За пример, во новиот детален урбанистички план за Тафталиџе се оставени само 16% за зеленило, а зграда никнува дури и на местото на објектот „Домче” кој е во процедура да стане културно наследство. Во новиот детален урбанистички план за Лисиче има затворање на постоечки улици, како и нови улици кои минуваат низ домови.
Актуелен пример е и спорниот Регулациски план за населбата Влае, поточно улицата „Есперанто“, на која се наоѓа основното училиште „Димо Хаџи Димов“ и која, според планот, треба да се пренасочи за да се ослободи ново државно земјишите спремно за продажба со тоа што ќе поминува низ дворот на основното училиште на местото на моменталната училишна менза. Вака ослободеното земјиште ќе им се придружи на останатите парцели закупени од градежната компанија „Аполо инжинеринг“, која на просторот планира цела 11-катница, по принципот за дооформување парцели познат како 30-70, погубна одредба од Законот за градежно земјиште што му дозволува на инвеститорот кој поседува 30% од некој државен имот да ги докупи останатите 70% и на тој начин целосно да го приватизира земјиштето. И за ова има силна граѓанска реакција од иницијативата „Борба за Влае“ која досега успешно се бори против бетонизацијата на населбата.
И во Аеродром се планираат нови 9 висококатници на влезот на населбата Лисиче на парцели закупени од градежната фирма „Голден арт“. Ова е првпат тука да се предвидат станбени згради бидејќи населбата отсекогаш била планирана исклучиво за семејни куќи, поради што жителите се здружија во иницијативата „Да го зачуваме Лисиче“ и се спротивставија на овие планови поднесувајќи стотици анкетни листови до општината, па ДУП-от никогаш не беше ставен на гласање, што не значи дека нема да биде во иднина.
Конечно, најпознатите примери за узурпација на државното земјиште во Скопје се луксузниот станбено-деловен комплекс „Гранд“ кој се гради спроти хотелот „Холидеј Ин“, како и поранешната фабрика „Треска“ која изгоре под сомнителни околности и на чие место во еден момент се предвидуваа триесетина нови згради за домување кои заслужено си го добија името „наполитанки“. И во двата случаи, важечките ДУП-ови се незаконски бидејќи многукратно ги надминуваат параметрите за број на жители, густина на населеност и процент на изграденост утврдени со ГУП-от од 2012 г.
Ваквото расцепкување на просторното планирање преку општинските ДУП-ови е овозможено затоа што не е донесен нов ГУП кој ќе се темели на јасна визија за градот, ќе го насочи неговиот целокупен развој и ќе стави крај на несовесните градежни активности во секое негово ќоше.
Како заклучок би го цитирале ставот на нашата членка, архитектката Ивона Крстеска Наумоска, која за Радио МОФ изјави дека „планското решение на градот не треба да е повторувачки процес со усвојување на веќе постоечки и докажано нефункционални планови, туку треба да му пристапи на градот како феномен кој е жив организам и постојано расте и се развива и да биде одговор на погоре споменатите проблеми.“ (извор)
Кои експерти се вклучени во овој проект?
ШЕКУТКОВСКА: Сè уште ја планираме конечната листа, но досега сме разговарале со градежни инспектори, урбанисти, доктори по општествени науки кои се бават со одржлив урбан развој и активисти од локалните иницијативи кои бараат еколошка, социјална и урбана одржливост на градот. Освен експертските мислења, поткастот ќе ги коментира и мислењата на граѓаните кои Културно Ехо ги собираше во текот на работилниците организирани лани под името „Создаваме град – градиме иднина“.
Колку епизоди се планирани и што ќе обработуваат?
ШЕКУТКОВСКА: Засега планираме четири епизоди кои етапно ќе ја разработуваат оваа тема. Првата епизода ќе ги постави темелите, објаснувајќи ги разликите меѓу ГУП, ДУП, Регулациски план итн. на јазик разбирлив за секого, од лаик до експерт. Втората епизода ќе ги претстави постоечките можности за учество во просторното планирање (како што е партиципативното тело и јавните расправи) и досегашните иницијативи на граѓански отпор против градежниот хаос.
Во третата епизода ќе ги презентираме прелиминарните резултати од нашето истражување на законодавството за градба и урбанизам, кое со текот на годините нечујно се менува за постепено да ги ограничи ингеренциите на градежните инспектори за сметка на инвеститорскиот интерес. Последната епизода ќе понуди доза оптимизам разгледувајќи можни решенија за спорните локации и начини за нивно реално спроведување, а не усвојување само на хартија.
Една од вашите цели е да се зголеми транспарентността на работата на град Скопје, како планирате тоа да го реализирате?
ШЕКУТКОВСКА: Нашиот придонес ќе биде емисијата достапна на интернет која ќе го обедини гласот на стручните лица, општинските службеници, активистите и самите граѓани кои искрено се борат за одржливиот развој на Скопје за сите заедно да извршиме притисок врз надлежните органи и да ја зголемиме нивната транспарентност. Вистинското спротивставување на урбанистичкото дивеење мора да дојде од самите граѓани, обединети на локално и општинско ниво.
Leave a comment