Со дискусии на висок тон, карања, обвинувања, но и навреди помина дискусијата за блокираната сметка и банкротот на Град Скопје. Советниците од СДСМ бараа градоначалничката Данела Арсовска да им каже во каква состојба е Градот и ја прашаа зошто не им доставува извештај.
„Вие го запаливте Скопје, како што тоа го направи Пиколомини, но тој од друга причина. Сите претходници пред вас имале побарување, имал Градот тужби, но работеле, ги менаџирале работите., а вие само извртувате тези. Ако е добра состојбата зошто ништо не се работи, зошто не се прави мостот на Љубљанска, Универзална сала, клучката кај Момин поток, Есенинова, пречистителната станица и ред други проекти“, праша Јанчева.
Градоначалничката Данела Арсовска од говорницата велеше дека советниците лажат и дека градот е во одлична финансиска состојба, но претходните градоначлници се криви што оставиле голем број тужби за кои Градот ќе плаќа камати. Им велеше дека СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ се во коалиција против.
„Ако сте уличарка не мора никој да ве трпи тука“, ѝ рече Арсовска на Јанчева.
Јанчева ѝ реплицираше дека таа постојано лаже, а доказ за тоа е дека не доставува извештај за состојбата на Градот.
„Како тоа само вие сте во право, а сите ние не сме? Кој тоа го кажува, вие самите кога ќе станете наутро пред огледало си кажувате само јас сум во право? Дајте состојба на сметката за салдо 220 и 221 и ќе видиме колку пари имате“, рече Јанчева.
Советничката на ВМРО-ДПМНЕ Марија Андоновска рече дека дискусијата не треба се сведува на вакво ниво иако на сите им е јасно дека на градоначачлничката не ѝ одговара оваа дискусија.
„Не е симната под ниво дискусијата, вие сте под секакво ниво, инструирани од вашите лидери“, додаде Арсовска.
Советникот Гордан Шутаров ја праша Арсовска како може Градот да биде блокиран за 2,5 милиони евра ако на сметката имало пари.
„Градот има буџет од 100 милиони евра, а Градот во првата половина на годината нема на сметка 2,5 милиони евра. Па ако се нема волку пари да се повлечат, што кажува тоа за финансиската состојба? Да имало пари немало сметката да биде блокирана. Цела година и половина ништо не ни кажувате на советниците”, рече Шутаров.
Советникот Филип Јаневски и’ рече на Арсовска дека никогаш не одговара јасно и конкретно на прашањата, дека е најнетранспарентен градоначалил.
“Полош градоначалник Скопје немал, пониско од ова не може да биде заради вас. Треба веднаш да си дадете оставка, ништо не работите, ниту ве интересира градот. 7 месеци Скопје беше без превоз, а вие не гледавте во очи и не лажавте дека нема долг, за сеха тој долг да го исплатите”, рече Јаневски.
Неговиот говор не го слушаше Арсовска која замина од седницата, а потоа беше дадена пауза за ручек.
Leave a comment