КУЛТУРА

Изложба „Мазал тов“ за еврејските свадби во Македонија меѓу двете светски војни

Изложбата „Мазал тов“ (Среќно) – Еврејските свадби во Македонија меѓу двете светски војни е отворена во Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија. Посетителите имаат ретка можност да погледнат фотографии, документи и предмети за првпат извадени од депото на Меморијалниот центар, а ќе бидат изложени до 31 мај.

Идејата за истражување на оваа тема започнала во периодот на пандемијата, за време на карантинитe. Tоа ù отворило можност, простор и шанса на авторката на изложбата, м-р Жаклина Мучева, да ги насочи своите мисли и подлабоко да нурне во културното наследство.

– Во тоа време тоа ме релаксираше и ми ги одвлекуваше мислите од психолошкиот пресинг кој го чувствувавме сите. Со мали прекини од тогаш, работите интензивно се завршуваа од март до отворањето на изложбата пред 10 дена. Поголемиот дел од артефактите се сопственост на Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија, имаме и материјал кој е сопственост на Државниот архив на Република Северна Македонија и Државен архив – одделение Битола. Нашата проценка беше дека има доволно фотографии, документи и предмети кои можеме да ги конципираме во изложба и да ја презентираме пред пошироката јавност – вели Мучева.

Преку 15 панели е раскажана свадбената церемонија на Евреите од Македонија, претставени се и оригинална кетуба – брачен договор, старите ковчези и куфери со чеизот и миразот што го носеле невестите, а вклучени се и еврејските, сефардски поговорки за бракот како мал прозен жанр кој ја искажува традиционалната мудрост. „Секое тенџере има свој капак“, „Не го викај зете додека не стави прстен на рака“.

Карактеристично за еврејските свадби било ритуалното капење на невестата. Во придружба со мајка си, сестрите, идната свекрва, девојки и жени од семејството, другарките, неветстата одела на бања. Бидејќи во Македонија немало микве (обредно купатило), еврејските заедници во Македонија за овој обичај ги користеле турските бањи. Ја прашавме Мучева, колку од овие обичаи се сочувани кај современите свадби кај Евреите.

– За жал, изгубени се многу форми кои не се вклопуваат во новите општествени услови, голем дел од нив немале можност ниту да се приспособат. Преку свадбената структура посетителите имаат можност да ги следат специфичните елементи што го градат етничкиот идентитет на овој народ и со тоа ќе го запознаат овој дел од нивната култура. Еврејската култура, односно обредите и обичаите кои ја отсликуваат традицијата се своевидни чувари на традицијата и идентитетот на Евреите од овие простори, Затоа оваа изложба е одлична можност за враќање на еден изгубен културолошки идентитет, одговара таа.

Свадбата кај Евреите е еден од најважните и содржински најбогат ритуал од животниот циклус, воедно, и значаен дел од културата на овој народ. Понекогаш венчавката може да има и поинаква конотација од очекуваната веселба со сватови за тоа ни раскажува сведоштвото на Рашела Јоах Конфино,  родена 23 април 1925 година во Скопје. Таа го преживеала холокаустот, потсетувајќи се за страшните денови кои ги поминала во транзитниот логор „Монопол“, фабриката за тутун во Скопје. Раскажала за тоа како пред да бидат натоварени во вагоните за нивната крајна дестинација, логорот на смртта Треблинка, Евреите очајно барале начин како да спасат нечиј детски или млад живот. Можноста да бидат спасени била поседување на шпански пасош, која ја искористиле нејзиниот брат и снаата. Во логорот ги венчал рабин и таа како законска сопруга на нејзиниот брат со шпански пасош добила шанса за нов живот.

На отворањето на изложбата, посебно внимание кај публиката привлече невестинскиот фустан, наменски направен за изложбата, а дизјаниран од проф. д-р Јана Манева-Чупоска, уметница и модна дизајнерка.

– Реакциите и коментарите на посетителите на отворањето беа позитивни. Им се допадна идејата, концептот и рекoa дека текстовите од каталогот се одличен водич и едукатор за темата на изложбата. Со тоа моите очекувања како автор се исполнети, рече Мучева.

Изложбата е од отворен карактер и ќе може да се погледне до крај на месец мај.

Leave a comment

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Related Articles

КУЛТУРА

Премиера на претставата „Хеда Габлер“ во Драмскиот театар

„Хеда Габлер“ работена по текст на авторот Хенрик Ибзен е новата претстава...

КУЛТУРА

„Антолог“ го одбележува јубилејот со врвна литературна понуда на Саемот на книги под слоганот „25 години Антолог е класика“

Книжевниот центар „Антолог“ со особена гордост го објавува своето учество на годинашниот...

КУЛТУРА

Велигденски концерт на „Танец“ во петок во НОБ

Во Националната опера и балет во петок, 19 април, ќе се одржи...