ПРИКАЗНИ

Кога има љубов, трпение и посветеност не постојат деца со попреченост

Директорот на ДСУ за рехабилитација и образование „Св.Наум Охридски“, Златко Маројевиќ вели дека во ова средно училиште, од воспитниот кадар, преку децата и нивните родители сите се како едно семејство, што овозможува индивидуален пристап за секое дете со попреченост.

Во Скопје речиси половина век функционира средно училиште кое нуди можност за стручно и работно оспособување и образование за ученици со посебни образовни потреби. Овие ученици по завршувањето на основното образование можат образовно да се надоградуваат согласно индивидуалниот развој и специфичноста на нивните можности, способности и желби. Тимот од 45 наставници, воспитувачи и стручни работници, стручно и посветено на секое едно дете му ги отвораат патиштата за иднината. Ги препознаваат неговите можности, граници и желби и до максимум го оспособуваат за идниот живот.

„Ова е исклучително благородна работа, а секој еден ученик за мене е најголемата награда„, вели директорот на државното средно училиште за рехабилитација и образование „Св. Наум Охридски“.

Повеќе од две децении сте човек кој го води ова единствено средно училиште во главниот град. Која е улогата на оваа образовна институција?

МАРОЈЕВИЌ: Во земјава постојат две вакви училишта за ученици со интелектуална попреченост. Едно е нашето, а другото е во Штип. Под наша капа има паралелки и во Битола, за кои се изборивме, се со цел да не мора овие дечиња да патуваат до Скопје. Тоа се покажа како исклучително добро и одлично функционира. Станува збор за тригодишно училиште, односно две и три години се образовните профили, каде двегодишното , е работно оспособување, по скратена програма и каде има најмногу практична настава, додека со тригодишното, децата кои завршуваат се со втор степен на образование и добиваат звање на помошник. Сето тоа зависи од изборот на струката. Во нашите рамки имаме графичка струка, машинска, текстилна, електро, угостителска и градежна, занаетчиска каде се форсира повеќе пракса со цел да децата работно се оспособат.

Постојат 6 образовни профили (струки), кои се поделени во 9 занимања. По завршувањето на средното образование, учениците се стекнуваат со Уверение за стручно оспособување. Наставата во училиштето се одржува во модерни и технички оспособени училници за едукација преку теоретска и практична настава. Во училиштето се едуцирале 3836 ученици од самото формирање во 1966 година до денес.

Дали имате соработка со некои фирми, институции кадешто може да се спроведува праксата?

МАРОЈЕВИЌ: Па, немаме соработка во последно време. Морам да бидам реален. Инклузијата дефакто, иако не е дејуре воведена, функционира. Законот за средно образование е во собраниска процедура, се дискутира на комисии, со што инклузијата и официјално ќе влезе во законот. Но, откако стана задолжително средното образование, инклузијата функционира. Речиси во сите средни училишта се запишуваат ученици, кои до пред десет години доаѓале кај нас со полесна попреченост. Сега кај нас доаѓаат деца кои имаат поголема попреченост, односно потешки случаи. За жал, има се помалку работоспособни деца каде што ова им е последна институција. Но, и ние се менуваме и приспособуваме, работиме и навистина сме со икуството и знаеме да ги згрижиме овие деца, со поголемо внимание, трпение, фокус, коннцентрација на воспитниот кадар и на сите нас во ова училиште.

Се уште ли се лицата со попреченост табу тема кај нас?

МАРОЈЕВИЌ: Мислам дека веќе сите знаеме што е попреченост и сите ние ги среќаваме овие лица и деца. Општеството срамежливо полека се запознава со овие лица и полека, еволутивно, се движиме напред со некои срамежливи чекори. И веќе сите, дали како родители, индивидуи, се среќаваме со децата со попреченост. Во основните училишта веќе 20 години наназад се запишуваат овие деца, не одат само во специјалното основно училиште.

По закон секое дете мора да заврши и средно образование. Имате ли впечаток дека низ годиниве, родителите, не сакајќи да признаат, го запишуваат своето дете во редовно средно училиште, можеби несвесно правејќи му лоша услуга на детето? Не сакаат да си признаат и да не ги запишуваат кај вас?

МАРОЈЕВИЌ: Ова е суштинско прашање и морам да кажам дека и јас сум за инклузија. Но, не по секоја цена. Не секое дете може да се инклудира и тоа не го кажува само моето работно и животно искуство, туку и искуствата на околните земји и земјите во Европа кои се со истите проблематики. Проблемите тука се универзални. Некои деца може да се прилагодат, некои не. Да бидам искрен, суштината и главната алка се родителите. Додека нив, што би се рекло „не им кликне“, односно не си признаат, и не сфатат. Не е решение родителот по секоја цена да го запише детето во редовно училиште, оти тука и е проблемот. Но, сите тие родители треба да знаат дека тука децата се во мали паралелки, по 3-4 ученици и се чувствуваат пријатно. Претежно овие деца, особено кога се работи за аутизам или АДХД, се врзуваат со повозрасните кои им влеваат сигурност. Значи се врзуваат со нас наставниците, бидејќи тие меѓусебно не се дружељубиви, не се интегрираат. Кај дечињата со лесна попреченост е поинаку. Кај се случуваат другарства и тие тука развиваат искрени пријателства. А, таму во редовните училишта, како да кажам да не бидам погрешно сфатен, им се како маскота. Не е работата да ти земеш и го однесеш дтеето до тоалет за раче, или да му ја земеш торбичката и да му помогнеш да му кажеш каде е училницата. Работата е што тоа дете утре ќе има некоја симпатија, особено во средно училиште, па другар… Не верувам дека таму има како тука другарство, а и не можеме да очекуваме па од тие деца кои се во пубертет да се толку трпеливи и отворени. Кога се табула раса од прво до петто помагаат, но кога ќе почне улицата да ги води, да растат, не е веќе исто.

Ние сме тука како едно семејство од хигиеничар, па се до мене како директор. Сите сме трпеливи, сите комуницираме со децата, сите ги знаеме.

Колку децата завршуваат во ова училиште? Дали низ годиниве бројката се намалува или зголемува?

МАРОЈЕВИЌ: Во моментов имаме 145 ученици, заедно со паралелките во Битола. Од нив, 50 се трета година. Тие законски имаа можност до 25 години да се запишат кај нас. И кога некое дете нема да дотурка до крај, ќе се откаже, после неколку години, родителите се одлучуваат да ги презапишат. Или ќе завршат една струка па се одлучуваат за друга.

Знаете како, овие деца и да завршат и да се работоспособни, не се прифатени од колегите, од фирмите. Бидејќи знаете и на работа, се бара трпение со нив, бидејќи имаат помал фокус, помала концентрација…. Не е тука општеството спремно и тука е најголемиот проблем.

Што после ова? Тешко им е на родителите, не знаат што понатаму.

Еве Роми ученици веќе и нема.Тие повеќе беа воспитно запуштени, отколку што беа со попреченост. Но, ним им се отвори училиште и јас претпоставуваме дека се таму. Имаме деца од Тетово и Гостивар. Имаме кои се запишани и доаѓаат, но и такви кои не доаѓаат. Од објективни причини, оти најчесто се со комбинирани пречки и телесен хендикеп. Да, ние имаме и ученички дом. И оние родители кои сепак се одлучуваат за нашето учулиште се презадоволни, бидејќи им се пружа 24 часовна грижа за децата. Ние тука имаме своја кујна со оброци, со воспитувачи кои работат и трета смена и за викенди.

Во домот сме имале и по 60-70 дечиња во домот. Тие се самостојни, имаме и такви на граница, но верувајте со работа на воспитувачите, им се помага и тие се супер.

Како директор на една ваква институција, мислите ли дека одиме напред на полето со деца со попреченост?

МАРОЈЕВИЌ: Имам впечаток дека малку лутаме и сакаме нешто да направиме на ура. Јас секогаш сум за еволуција, а не за револуција. Не би требало да се брза. Искуствата во некои други земји, каде што се брзаше, се покажаа непрактични и тие вратија на оној друг систем со посебни училишта. И да се работи во иста зграда, тие се со одвоени влезови. Не треба да се брза. Меѓутоа, главниот збор го водат и ќе го водат родителите.

Има еден голем парадокс кај родителите кои го среќавам со години. Тие сакаат нивните деца да се прифатени од средината, а они не сакаат нивните деца да бидат тука и да се дружат со други такви деца. Тие не сакаат нивните деца да бидат со слични на нивните, туку сакаат други да ги прифатат, а тие нив не ги прифаќаат. За овие родители, децата кај нас не се добри за другари на нивното дете, а бараат другите деца да го прифатат неговото.

Што е она што вашето училиште го нуди за овие дечиња?

МАРОЈЕВИЌ: Ние кај нас имаме одлични услови, со искусни колеги, млади кои знаат како со овие деца, како што никој не знае. Ако некој знае како по шема да работи со дете со АДХД или аутизам, ќе добие Нобелова награда. Затоа неопходно е искуство, кое ние сите тука го имаме  и тоа огромно. Секој пристап до секое дете кај нас е строго индивидуален. Бидејќи имаме многу различни спектри на нарушување, како што е случај со аутизмот. Имаме секакви случаи и не можеш ти по шема да работиш. Мораш индвидуално да работиш. А во паралелка со 20 деца нема шанси така да се работи. И со 10 нема шанси, а не пак некаде каде и има и над 30 деца,во редовните школи.

Сте забележале ли пораст на одредени дијагнози медицински, кои се вбројуваат во попреченост?

МАРОЈЕВИЌ: Знаете што до пред 10-20 години речиси и никој не знаеше што значат тие АДХД или не знам какви други дијагнози. Па преку филмови тоа ни се доближуваше. Јас верувам во стручноста на медицинските лица кои ги поставуваат овие дијагнози и верувам дека сега повеќе сме свесни за сите тие условно кажано болести. Целата работа е што треба порано да се откриваат и да се работи на нив.

Ние работиме, се прилагодуваме, програмата ни е иста со сите училишта. Родителите инсистираат и сакаат децата да имаат повеќе музичко, ликовно, но тоа е сизифовска работа. 15 години се бара некој фонд на повеќе вакви часови. Но, ние сепак се снаоѓаме, правиме воннаставни активности, вклучуваме многу спорт и спортски активности. Горди сме барем што во тој дел децата се здрави и родителит не мора да трчаат по лекари. Бидејќи голем дел од овие деца и не се физички активнио што од немање време на родителите, што од реални причини. Но, ние се трудиме на секој можен начин. Имаме добиено и златна статуетка за најдобар спортски клуб. Имаме соработка со ФФМ, правиме инклузивни турнири за децата. Благодарение на нашите вредни и исполнителни професори по спорт и физичка култура кјои навистина го даваат својот максимум. Тие се искусни и трпеливи, бидејќи каде  има љубов, нема попреченост.

Од огромна помош ни се и самите родители, кои се тука секој ден со децата. Тие гледаат што ние правиме за нив, тие се наша најголема инспекција. И добро е што се тука, бидејќи кога ќе дојдат и ќе видат какви се судбини има, какви се попречености имаат децата, си велат па моето дете може да трча, може да јаде само, а јас кукам што не се снаоѓа со автобус. И така полека и тие стануваа дел од тимот и дел од ова наше големо семејство.

На почетокот како директор се прашував дали сум јас навистина за тука, но како поминуваа годините, сфаќаш дека она што го работиш е многу возвишено, дека имаш голема општествена улога и одговорнот. Без нас овие деца ќе бидат изгубени, а ние сме тука за нив. Секое едно дете за мене е лична награда…

Leave a comment

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Related Articles

ПРИКАЗНИ

Луѓето порано се срамеа ако имаа нечисти чевли!

Сакип Севхеров од Шуто Оризари е меѓу најстарите чистачи на чевли во...

МАГАЗИНПРИКАЗНИ

Зоолошката градина во Загреб – волшебен микросвет кој плени со својата хармонија

Зоолошката градина на градот Загреб е една од трите зоолошки градини во...

ПРИКАЗНИ

Што може да посетите во Скопје оваа зима

Директните летови за Скопје почнуваат на 18 декември. Одбравме осум работи што...

ПРИКАЗНИ

КУПУВАЈТЕ САМО ОД ВИСТИНСКИ ПЧЕЛАРИ: Продажбата на фалсификуван мед се поголема

Како да се препознае вистинскиот мед од напливот на се поголемиот број...