Жителите на улицата Питу Гули на Водно тврдат дека фирмата „Маркиза“ и понатаму гради на спорниот плац над нивните куќи.И покрај тоа што градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски донесе решение со кое се забранува секаков вид градба на овој дел бидејќи до парцелата нема простап, на терен се работи. Жителите велат дека работниците на фирмата „Маркиза“ од ден на ден сè понасилно влегуваат низ нивните имоти за да можат да изведат пристап оти друг начин немаат.
„До парцела не постои пристап. Фиктивниот пристап кој сака да го изведе ‘Маркеза‘ е во форма на тунел, кој не стои ниту во архитектонското решение, ниту во било која одобрена документација. Овој измислен пристап сакаат да го добијат насилно преку скалите на едниот сосед, на кој над 50 години тоа му е единствен пристап до неговиот дом и од друга страна, оградата на друг сосед која заедно со мермерниот плочник постои колку што постои и куќата 60 години. Веќе 2 месеци трпиме закани, јавувања и разно-разни вознемирувања од оние кои стојат зад оваа градба“, велат жителите на улицата Питу Гули.
Станува збор за плац кој се наоѓа до плацевите на семејствата Камчеви и Груевски за кои се водеше судски спор. Инвеститорот „Маркеза“ ДООЕЛ на крајот на мандатот на ексградоначалникот Саша Богдановиќ доби одобрение за градба и покрај тоа што нема пристап до парцелата.
Општина Центар по предлог на градоначалникот Горан Герасимовски лани во јуни донесе одлука за стопирање на сите градежни дејствија во ДУП Ј07. Овој план го укина и Уставниот суд.
„Со оваа одлука на денешната седница практично се стопираат сите градежни дејствија, со што ниту едно дрво во тој потег од парк шумата Водно нема да биде исечено и таа ќе остане недопрена и заштитена од предвидените градежни активности“, рече Герасимовски во јуни лани.
Жителете велат дека инвеститорот не гради семејна куќа туку поголем објект односно хотел.
„Ако се дозволи да продолжи градбата ќе никне голем објект, а не куќа. Според проектот за архитектура, во објектот се предвидени 10 спални соби и 7 купатила, а според проектната документација се предвидени 20 спални соби и 30 купатила. Општината не направила проблем за ова несовпаѓање според кое јасно се гледа дека објектот нема да биде семејна куќа туку ќе биде или мотел, преноќувалиште, дом или хотел“, велат жителите.
Leave a comment