СЦЕНА

Промоција на монографијата посветена на животот и творештвото на скулпторот Анета Светиев

Во „Даут пашин амам“ вечер ќе биде промовирана монографијата посветена на животот и творештвото на скулпторот Анета Светиев.

„Слоевитоста на животот и комплексноста на творештвото на Анета Светиева, вкрстување на нејзините животни тешко проодливи патишта и ситуации со нејзиното дело, колку и да го отежнуваат нивното ткаење, беа и нејзината единствена вистинска патека кон духовната слобода, а со тоа и го овозможија и замавот за градење на еден специфичен и автентичен свет, со целосна предаденост на барањето на вистината и во животот и во творештвото: бескомпромисност во ставот кон вредносниот систем  и перманентно барање на универзалните вредности.Истрајноста во љубовта кон творештвото и кон земјата како материјал и како традиција, кон обликот што го создава без нагласено да се забележат нејзините немири и страдањата… се одразија во симболиката на изборот на митските суштества“, се вели во поканата од Национална галерија на Република Северна Македонија.

Во 60-тите години, скулптурата на Светиева подразбира анатомски истражувања, со понагласен експресивен гест и меко моделирање со прсти, во 70-тите ја надградува и усовршува формата, за да во 80-тите го пречистува и смирува обликот ставајќи го акцентот на слоевитоста на духовната енергија, напластена во формата, додека надворешната епидерма станува прегнантна мембрана што го обвиткува вкочанетиот и достоинствен облик – оди кон замрзнување на формата. Во своите први настапи во седумдесетите години, кога сеуште е присутен плуралистички приод кон делото,  направи помак кон една прочистена уметничка поларизација, непослушно се одметна од академските стереотипи и влезе во зоната која го означи ликот и духот на нејзината скулптура, која критиката ја дефинира како дела со јасен концептуален и изведувачки проседе, вон од тогашните вообичаени јазички модели.

Основните карактеристики на скулпторскиот опус на Светиева подразбираат груб, “недовршен“, статичен, траен облик, тактилно, меко моделирање, симболична, суптилна употреба на боја, на врежани орнаменти и на бели инкарнати, исклучителен респект кон материјалот и неговите законитости, лесно совладување на просторот до степен на негвото асимилирање, како и употреба на антропоморфни, зооморфни, флорални и предметовидни форми,  просопоморфни обележја, андрогени, биполарни суштества. Сите тие заедно, со своите варијабилни содржини, можат да се групираат во циклусите Река (1 и 2), Двојници, Кај убавицата и Sверот (или Ерос и Тантос).

Интуитивно чувствуваше дека  од архаичното, од македонското поднебје, од Балканот, од древните култури, може да се извлече една универзална вистина за автентичните идентитети, со длабока верба во тоа дека таа жива  вистина за вредностите нема временски ограничувања, туку е една постојана потрага по сопствените рапсодии, по ликовите во нејзината балканска, вонвременска сага, една голема дарба за паметење на животот и на судбината на човекот.Скултурата на Светиева е оригинална и во најголема мерка осамена појава. Во сликањето на  животот,  на човековите траги во времето и во просторот, ја покажа својата голема дарба: од елементарните животни ситуации врзани за обичаите, навиките, сеќавањата… создаде импозантно уметничко дело. Доколку внимателно ги  следиме исечоците од нејзиниот внатрешен свет, можеме да го склопиме мозаикот на движечката сила, на симбиозата  на нејзиниот живот и на нејзиното дело.Да се осети лепливата маса, да се доживее скулптурата, значи вистински, целосно да се почувствува духот на Анета Светиева.

Leave a comment

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Related Articles

СЦЕНА

Театарската претстава „Момчето со пругасти пижами“ вечерва во МНТ

На големата сцена во Македонскиот народен театар во Скопје, вечерва со почеток...

СЦЕНА

„Кино Утро“ во Кинотека почнува на 9. јануари „Зоки Поки“

Во текот на зимскиот распуст, на почетокот на јануари, веќе традиционално Кинотеката...

СЦЕНА

Краткиот игран филм „Дали си маж“ по сценарио и режија на Ѓорче Ставрески на ‘HBO Max’

– Краткиот игран филм „Дали си маж“ по сценарио и режија на...

СЦЕНА

Викендов „Златно Славејче“ во Филхармонија, гостува познатиот рапер Пајак

Претстојниот викенд во Скопје ќе се одржи годинешното издание на реномираниот детски...