КУЛТУРА

Изложба на 50. дела на нашиот најнаградуван графичар во светот

Голема ретроспективна изложба на Димче Николов по повод 70 години од неговото раѓање, кој е значајна и клучна фигура во развојот на современата македонска графика и со својата појава, е отворена во двете сали на Културно-информативниот центар, Империјал 1 и 2. Изложбата ќе трае до 6 јуни.
– На изложбата ќе бидат презентирани педесетина дела, графики и цртежи. Повеќето од графиките што ќе бидат изложени се работени во техниката бакропис-акватинта, која тој најмногу ја работеше. Делата главно се со димензии од 100/70 см. Оваа техника е вонредно изискувачка, особено пристапот што Димче Николов го имал при изведувањето. Тој имаше извонредно техничко познавање, стекнато на одличната љубљанска графичка школа, и специфичен ликовен лирско-интелектуален израз – вели Росица Лазеска, која е организаторка на изложбата.
Таа е и иницијаторка за реализирањето на оваа изложба по повод 70 години од раѓањето на уметникот.

– Како уметница, академска графичарка и како негова сопруга, одлично го познавам неговото дело, така што изборот на тоа што ќе биде изложено ќе го направам јас, со дела што се наоѓаат во сопственост на семејството – вели Лазеска.
Таа дополнува дека Димче Николов е единствениот графичар од Македонија и пошироко со најголем број меѓународни награди.

– Сметам дека неговото дело не е доволно презентирано и застапено кај нас во однос на неговата важност за развојот на македонската графика, воопшто – вели Лазеска.
Димче Николов (Битола, 1953 – Скопје, 1998) дипломирал на Факултетот за ликовна уметност во Љубљана, а потоа во 1980 година завршил постдипломски студии на графика во класата на проф. Богдан Борчич. Од 1986 до 1998 година работел кака професор и декан на Факултетот за ликовна уметност во Скопје. Добитник е на многубројни меѓународни награди и признанија, како и на наградата за животно дело „11 Октомври“ на Република Македонија. Кон крајот на 1970-тите години неговата уметност доби поинаква димензија и квалитет во Македонија. Тој даде свој значаен придонес во афирмирањето на графиката како самостоен ликовен медиум. Тој ја постави графичката уметност на исто рамниште со сликарството и со скулптурата. Претставувајќи ја својата ликовна преокупација преку класичните графички техники (линорез, литографија, сува игла, бакропис-акватинта), Николов постигна високозабележителен квалитет, со што остави неодминлива трага во развојот на графичката уметност во Македонија. Учествувал на сите значајни меѓународни графички годишни, биенални и триенални манифестации (Љубљана, Краков, Фрехен, Канагава, Барселона, Варна, Фредрикштат, Намур, Шамалиер…). Неговите квалитети биле високоценети од критичарите и кураторите на овие манифестации и биле вреднувани со доделување значајни награди, со што станува еден од најнаградуваните македонски графичари и воопшто уметници.

Leave a comment

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Related Articles

КУЛТУРА

Премиера на претставата „Хеда Габлер“ во Драмскиот театар

„Хеда Габлер“ работена по текст на авторот Хенрик Ибзен е новата претстава...

КУЛТУРА

„Антолог“ го одбележува јубилејот со врвна литературна понуда на Саемот на книги под слоганот „25 години Антолог е класика“

Книжевниот центар „Антолог“ со особена гордост го објавува своето учество на годинашниот...

КУЛТУРА

Велигденски концерт на „Танец“ во петок во НОБ

Во Националната опера и балет во петок, 19 април, ќе се одржи...