Советничката група на СДСМ во Советот на Град Скопје поднесе барање за одржување на вонредна седница поради блокираната сметка и лошата финансиска состојба во која се наоѓа Градот. Барањето беше поднесено вчера и сега се чека претседателот на Советот Трајко Славески да закаже датум за одржување на седницата.
Како што вели координаторката на советничката група Љубица Јанчева седницата треба да се закаже што побрзо оти опасноста од банкротот на Градот секој ден станува сè поголема.
„Поради неспособноста и расипничкото трошење на народните пари од страна на ВМРО-ДПМНЕ и Данела Арсовска Град Скопје е со блокирана сметка и се наоѓа пред банкрот. Овој факт е уште повеќе поразителен затоа што за една и пол година колку што ВМРО-ДПМНЕ го предводи Градот, нема реализирано ниту еден капитален проект. Дополнително, јавните претпријатија едвај функционираат, јавниот превоз е во колапс, а извесен период не функционираше ниту градската администрација затоа што немаа основни средства за работа. Граѓаните мора да знаат каде завршиле нивните пари. Станува збор од најмалку 100 милиони евра од редовниот буџет, но и дополнителни 13 милиони евра што претходната градска администрација на СДСМ ги остави во градската каса“, рече Јанчева.
Сметка на Град Скопје беше блокирана поради тужба за предмет стар 10 години, за кој судскиот процес завршил пред извесно време и сега со присилна наплата се повлекуваат парите.
Leave a comment