КУЛТУРА

ЗОШТО БАРЕМ ЕДНАШ ВО ЖИВОТОТ ТРЕБА ДА ВЛЕЗЕТЕ ВО ДАУТ ПАШИН АМАМ

Даут-пашиниот хамам е некогашен амам (јавна бања) кој се наоѓа во срцето на Скопје, на левиот брег на реката Вардар, во непосредна близина на Камениот мост, а пред влезот на Старата скопска чаршија. Овој монументален споменик на исламската профана архитектура се претпоставува дека бил изграден во периодот помеѓу 1468 година од Даут-паша кога тој е поставен за румелиски беглербег и 1497 година, период кога тој бил сменет од функцијата голем везир на Румелија. Даут-паша заземал високи функции во османлиската држава, еден од везирите на султан Мехмед II Фатих (1451-1481) и велик везир во времето на султан Бајазит II (1481-1512). Амамот е од типот на двојните „чифте“ амами. По своите димензии и уметнички вредности претставува ремек-дело на монументалната исламска профана архитектура. Поставен е во правецот исток-запад и во него се сместени дванаесет простории. Функционално, амамот по должина е поделен во два дела – машки и женски. Во машкиот дел се влегувало од западната страна, од улицата која од Камениот мост води во чаршијата, а влезот во женскиот дел бил скриен и се наоѓал во споредна улица, од северната страна на објектот. Резервоарот и ложиштето се заеднички и се наоѓале на источната страна. И овој амам, како и другите, бил граден така што има простории за соблекување, топли простории за капење.

 

Амамот заедно со џамијата Ибни Пајко и Даут-пашиниот Ан формираат функционален урбанистички комплекс наречен исламска тројка, која била сместена во најфрекфентниот дел на Чаршијата пред Камениот Мост. Денес од оваа група е сочуван само објектот на амамот, а опстанокот на останатите два е пресретнат од низа природни катастрофи, како и развојот на самиот град низ времето.

Објектот е покриен со поголем број куполи со разни големини кои пленат со својата несиметрична но, сосема, складна и ритмичка диспозиција. Богатата декорација од сталактитни орнаменти е застапена во премините под куполите и во халветите. Во дел од просториите фрагментарно по должината на ѕидовите е сочувана декорација во вид на фриз со претстави од стилизирани цветови, предадени во плиток релјеф. Двете големи сали имале богато орнаментирани шадрвани, а помалите простории се употребувале за перење и капење. Со обновување на амамот во 1948 година во него е сместена Уметничката галерија.

Легенда за Амамот

Додека амамот навистина престанува да работи уште многу одамна, постојат и легенди дека тој никогаш не ни бил пуштен во употреба. Христијанското население ја раскажува легендата за клетвата на овој објект поради градењето врз стара црква. Затоа на првиот ден од неговото отварање наместо вода се појавиле змии кои ја каснале ќерќата на Даут-Паша, по што тој наредил затварање на амамот.

Присуството на записи за неговите приходи ги оспоруваат овие легенди, и посочува на високите трошоци за одржување како можна причина за неговото затварање. Исто така се верува дека објектот бил значително оштетен во природните катастрофи од периодот, како големиот земјотрес во 1555г. или пожарот во 1689г., а негова целосна реконструкција никогаш не се реализирала.

Податоци велат дека објектот се користел и како депо за петрол и шпиритус кон крајот на 19-от век. Општината во 1925г. донела одлука за негово рушење која никогаш не се реализирала поради тешкотиите и потребните стредства за уривање на ваква масивна градба.

Првата реставрација на објектот се забележува во 1935/36г. по иницијатива на претседателот на општината Јосиф Михајловски, чија идеја била пренаменување на објектот во музеј и луксузен ресторан. Интервенцијата била мала и опфаќала само поправки на кубињата и покривот.

Целосната обнова на објектот се случува после Втората Светска Војна (1948г.) кога амамот се пренаменува во уметничка галерија која функционира и денес. Во овој потфат се прават низа адаптации на просторот за прилагодување на новата намена, како спојување на машиот и женскиот дел преку неколку премини, отварање на нови отвори како и новиот главен влез сега поставен на источната страна.

Повторно се интервенира на објектот во 1979-1982г.со цел подобрување на осветлувањето и загревањето на градбата. Во овој процес се прават посериозни адаптации, кои до одреден степен го нарушуваат интегритетот на културниот споменик преку отварање нови прозорски отвори.

„Османлиските Турци создале амами по мерката на човекот во потребна големина, и многу ги украсувале. Затоа што амамот е место каде што човек се одмара и разведрува, таму се бара елеганција и декор за разлика од џамијата, каде се бара сериозност.“

Е.Х. Aјведри, турски научник и истричар

Leave a comment

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Related Articles

КУЛТУРА

Отворен шестиот конкурс за наградата „Пегаз“ за најдобар необјавен роман во 2024 година

Шестиот конкурс за наградата „Пегаз“, што ја организира издавачката куќа „Арс Ламина“...

КУЛТУРА

Италијански дизајн во Скопје

Деновите на италијански дизајн во Скопје почнуваат на 14 март во Сули...

КУЛТУРА

Рачно изработени еколошки и одржливи производи на македонските дизајнери и занаетчии во „Лабораториум“

Накит, модни додатоци, индустриски производи, мебел, дизајнерски производи наменети за деца, но...

КУЛТУРА

„Симбиоза” – изложба на Бојан Ковски

Во Музејот на град Скопје, денес, 29 февруари, во 20 часот, ќе...