АКТУЕЛНО

ПЕДАГОЗИТЕ И ПСИХОЛОЗИТЕ СОГЛАСНИ ДЕКА ЈАКНЕЊЕТО НА СЕМЕЈНИТЕ ВРЕДНОСТИ ЌЕ ГО НАМАЛИ ВРСНИЧКОТО НАСИЛСТВО: „Родителот му дава сила на детето да прави булинг, крадење и сите останати типови на агресија и насилно однесување“

Детскиот психијатар Љубинка Дамјановиќ смета дека „во денешно време тешко е да си воспитан, што е последица од семејството“, додека пак педагогот Билјана Павлеска вели дека „рацете им се врзани и не можат скоро ништо да направат, оти од позиција на моќ секојдневно добиваат закани од родители по работно место и слично“.

Свесноста дека постои насилство и неговото препознавање е само прв чекор во справувањето со овој проблем. Доколку училиштата одговорно и редовно ги пријавуваат случаите со проблематичните деца до релевантните инстанци, врсничкото насилство во голема мера ќе се намали, смета Љубинка Дамјановиќ, психијатар за деца и млади во Заводот за ментално здравје за деца и млади „Младост“ или популарно наречено Симпо.

Меѓуврсничко насилство вклучува широка лепеза на однесувања кои се повторуваат помеѓу врсниците со намера да се навреди/повреди другиот (давање прекари, навредливи коментари, крадење или уништување на своина, графити, озборување, потсмевање, изолација, физичко насилство, сајбер насилство итн.).

„Училиштата не треба да ги казнуваат, имаме закон ако нешто некој направи. Се намалува поведение, се брка од училиште. Се пријавува до центар за социјални грижи, министерство за труд и социјални работи, ако се работи за нешто поголемо  се известува малолетничка полиција, за малолетничка деликвенција. Нема што школото да санкционира, школото треба да  пријавува, да го проследи понатаму до релевантните инстанци“, ни кажа д-р Дамјановиќ.

Побаравме мислење и од педагозите за актуелната ситуација. Наш соговорник беше Билјана Павлеска, педагог во О.У. „Владо Тасевки“, Скопје.

Таа ни одговори дека рацете им се врзани и не можат скоро ништо да направат. „Од позиција на моќ секојдневно добиваме закани од родители по работно место и слично. Ништо веќе ние не можеме да направиме, ни укор не можеме да напишеме без потпис на родител“, вели таа.

Постојат педагошки мерки и согласно  законот се изрекуваат. Тие се наредени последователно. И тоа е процес. Се повикува прво родителот на советување, кога ќе помине советувањето се изрекува педагошката мерка, прво има усна опомена, па од класлен раководител, па од одделенски совет, па од наставнички совет, па промена на одделението, па на училиштето.

Овој  редослед би требало да се применува за секое дете неизоставно. Но, бидејќи работите се лошо поставени кај нас, не функционира системот и оттаму произлегуваат овие ситуации со агресивно и насилно однесување меѓу децата.

Како што евидентира училиштето, најчест булинг што се прави во последно време е оној со телефоните и социјалните мрежи, пренесувајќи си фотографии со несоодветни содржини. Понатаму тие фотографии што ќе ги видат децата а не се допадливи прават револт кај нив и потоа револтот се манифестира многу брутално.

„Многу често во тие недоразбирања користат несоодветен речник, многу агресивен, безобразен што дури и на нас возрасните ни е срам да го слушаме. Не ни се случувало досега деца да користат ваков речник, во мојата дваесетгодишна кариера“, споделува Павлеска.

Таа смета дека двајца луѓе за обезбедување не се доволно, па токму затоа со колегите се организираат дежурства и на тој начин го надополнуваат недостатокот од лица за обезбедување.

„Конкретно за нашето училиште бидејќи е големо и има над 1000 ученици не е доволно. Имаме двајца луѓе за обезбебување, меѓутоа ние се организираме и со дежурства на наставници. Секогаш има дежурен наставник. Меѓутоа проблемот не е толку во училиштето, туку од надвор што се предизвикани заради користење на телефоните. Голем дел од причините тука лежат. Тука се пренесуваат фрустрациите, незадоволството.

И педагогот и психијатарот се согласуваат околу тоа каде треба да почне да се делува за да се намали овој проблем – СЕМЕЈСТВОТО.

„Ако училиштето е вториот дом, тогаш би кажала дека тоа може да се потпре на првиот дом, семејството. Ние, во училиштето може да имаме и работилници и предавања меѓутоа тоа дете ако ја нема основата, ако не е потхрането со таков вид на чувства и вредности, не би имале никаков резултат“, вели Павлеска.

Понатаму таа со жалење констатира дека младите некако поинаку почнаа да живеат.

„Седат по кафулиња, наместо тоа време да го поминат со децата, со семејството. Ангажираат трети лица да ги чува и анимира. Тука се тие работи кога го губиме семејството како една основна нишка во семејството“.

„Во денешно време тешко е да си воспитан. Тоа е последица од семејството. Родителот му дава сила на детето да прави булинг, крадење и сите останти типови на агресија и насилно однесување, смета д-р Дамјановиќ.

„Оваа состојба трае со години, а во последно време е повеќе изразено од одредени класи на деца кои припаѓаат на семејни групи со повисоки функции и моќ. Се толерира нивното агресивно и потчинувачко однесување кон нивните другарчиња. Тоа однесување не е санкционирано и децата не се заштитени. Тоа се продлабочува, децата жртви на булинг се секојдневно присутни во ординациите без разлика какви препораки да донесеме. Ние работиме на јакнење на нивните психолошки сили како да се борат со тоа, како да го игнорираат, како да го надминат или да не станат од жртви агресори. Арно ама јас досега не сум видела нешто да е преземено од релевантните институции“, констатира д-р Дамјановиќ.

За жал, се додека се нарушени основните семејни вредности и разнишана е основната нишка во општеството, семејството ништо не може да се направи за да се надмине овој проблем кој се повеќе се продлабочува, и тоа не само во училиштата, туку секаде каде што гравитираат децата, на улица, по местата за излегување. Училиштето се повеќе ја губи онаа воспитна функција и се задржува на обрзовната а тоа е исто така поразително за сите генерации кои доаѓаат.

Сите треба да си го стават прстот на чело и да се запрашаат каде грешат. Преиспитувајќи се себеси можат да го сменат својот став и однос кон нивните деца, ученици и соученици.

Зајакнувајќи ги семејните вредности, јакнеме како единки и го јакнеме целото општество.

Leave a comment

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Related Articles

АКТУЕЛНО

„Анима мунди“ бара да почне процес на затворање на зоолошките градини

Здружението за заштита на животните „Анима мунди“ бара да се започне процес...

АКТУЕЛНО

Хуманитарен настан за лекување на Кара Селовска

Општина Центар денес во Паркот на Франкофонија организира музички хепенинг за собирање...

АКТУЕЛНО

Четирите дами на „Destiny Quartet“ ги наполнија со љубов срцата на публиката во Филхармонија со „Јовано Јованке“ и „Џипси сонг“

Четирите дами Гергана Алексиева и Венета Гудева на виолина Александрина Митева на...

АКТУЕЛНО

Јуниорите на Работнички ќе тренираат бесплатно во салата на „Коле Неделковски“

Советот на Општина Центар го усвои предлогот на градоначалникот Горан Герасимовски за...