Со цел подигнување на свеста на велосипедистите и мотоциклистите за поголема безбедност во сообраќајот, на 13 мај во сабота ќе се одржи дефиле на кое ќе присуствуваат повеќе од 100тина велосипедисти и над 30 моторциклисти.
Настанот ќе започне во 11:00 часот со тргнување на велосипедистите од велосипедската патека на кејот кај хотелот Holiday Inn и на мотоциклистите во 11:30 часот од фонтаната „Лотусов цвет“ во Градскиот парк. Двете групи ќе се сретнат на платото пред Спортскиот центар „Јане Сандански“.
Сите кои сакаат да дадат личен придонес за подигнување на свеста за безбедност на велосипедистите и мотоциклистите во сообраќајот, можат да се приклучат на ова дефиле со велосипед или мотоцикл.
Целта на дефилето е зголемување на сообраќајната култура на велосипедистите и мотоциклистите и подигање на свеста за користење на заштитна опрема при вклучување во сообраќајот.
На учесниците кои први ќе пристигнат на почетните позиции, ќе им бидат доделени стартни пакети од страна на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата. Како дополнителна поддршка на настанот, а во рамки на својата кампања за подигнување на свеста за безбедност во сообраќајот „ЈАС ВНИМАВАМ“, компанијата ОКТА ќе обезбеди велосипедски ѕвончиња, безбедносни велосипедски светла и заштитни кациги за учесниците во дефилето.
Дефилето кое ќе се одржи под мотото ,,ЈАС ВНИМАВАМ И БЕЗБЕДНО ВОЗАМ” е во организација на РСБСП, а партнери се компанијата ОКТА, Министерството за внатрешни работи, Факултетот за безбедност од Скопје и Црвениот крст. Поддршка за настанот даваат и здруженијата на велосипедисти и мотоциклисти „Мото клуб Безбедност“, „Прв до врв“ и „Здружението за друмски и планински велосипедизам“.
Leave a comment