Од понеделник ќе почнат да се чистат езерцата во Градскиот парк. Екипите на јавното претпријатије „Улици и патишта” освен езерцата, ќе ги чистат и каналите кои минуваат и низ првиот и низ вториот дел на паркот. Од претпријатието велат дека истите не се чистени цели пет години.
„Подготвителните активности за чистење на езерцата веќе се во тек, а екипите од понеделник ќе ги отпочнат активностите за чистење кои ќе се одвиваат во неколку фази“, информираат од „Улици и патишта”.
Во првата фаза се стопира дотокот на вода и се заловува и згрижува рибниот фонд во соодветни услови за чување се до негово повторно враќање. Со пумпи се вади останатата количина на вода во езерата и се суши површината, по што во втората фаза следува машинско чистење на езерцата од лисја, отпадоци, мил и наноси од земја. Се чисти и каналот по кој тече вода во езерскиот систем во паркот по што во завршната фаза се полнат езерата.
Активностите за чистење на езерцата во градскиот парк ќе се изведуваат и во наредниот период, а ЈП „Улици и патишта“ апелираат до граѓаните да не фрлаат отпадоци во каналите и во езерцата и да ја одржуваат хигиената на зелените површини во паркот.
Leave a comment