КУЛТУРА

ДОБРИТЕ ДЕВОЈКИ СЕ ВРАЌААТ ДОМА ПРЕД ПОЛНОЌ – НОВА КНИГА НА ТЕМА ВРСНИЧКО НАСИЛСТВО

Деновиве врсничкото насилство како тема во фокус скоро во сите сфери на работата и општеството. Но, зарем требаше да се случи немилиот настан во Србија за да почне да се зборува и делува на оваа тема.

Овој проблем тлее веќе подолг временски период, децениски можеме да кажеме, а во последните неколку години зеде поголем замав.

Токму оваа тема е и инспирација за младата авторка Лина Димоска да напише книга со наслов „Добрите девојки се враќаат дома пред полноќ“. Книгата беше промовирана на Саемот на книга и е во издание на издавачката куќа Бата прес.

Тоа беше и повод да поразговараме со авторката околу нејзината книга и темата која ја обработува.

Лина Димовска, автор

Што е за вас врсничко насилство?

ДИМОСКА: Во мојата глава, врсничкото насилство е замислено како постојана злоупотреба, потсмев, силеџиство и малтретиње. Тоа се негативни, често и агресивни постапки меѓу децата или кога едно дете или група деца постојано вознемируваат, напаѓаат или повредуваат друго дете кое не може да се одбрани. Врсничкото насилство се карактеризира со долгорајни и повторливи негативни постапки. Детето, жртва на насилство најчесто не може да се одбрани или покажува знаци на беспомошност. Така некако е замислено врсничкото насилство во мојата глава. Попрецизно дефинирање сигурно може да дадат стручни лица.

Дали книгата е инспирирана од вистинска приказна?

ДИМОСКА:Не можам да кажам дека цела приказна во книгата е фикција, ниту дека цела приказна е вистинска. Приказната е инспирација од ситни парченца секојдневие, зачинети со имагинација. Ликовите не се реални, но сигурно може да ги сретнете меѓу вас. Некои од настаните, со намален интензитет, за жал, се одиграни пред мои очи. Основата на книгата е напишана во три дена. Некако успеав да го уловам тој момент на инспирација во мене. После тоа работев на финеси, што треба да се дополни, а што да се одземе.

Дали можеби вие сте биле жртва на врсничко насилство?

ДИМОСКА:Не, но искрено се надевам дека преку книгата ќе испратам една моќна порака. Океј е да си жртва на врснично насилство и океј е да се плашиш, да не ги сакаш своите егзекјутори, но треба да работиш на себе. Не е толку важно да им простиш на егзекјуторите, колку што е важно да си простиш себе. Да се погледнеш во огледало и да си кажеш „Добро, јас бев малтретиран, предмет на потсмев,  но што можам јас да напавам за да го усреќам тоа мало дете во мене?“ Единствен одговор мислам дека е простување и љубов, простување на себеси и многу љубов кон себе.

Какви механизми имаат училиштата за да го превенираат овој проблем?

ДИМОСКА:Мислам дека ние, како заедница, треба да им ги вратиме авторитетот, почитта и достоинството на наставниците. Сите, кога сме биле ученици, сме ги злоупотребувале меките наставници. Точно можам сетам како било на час кај помеките, а како кај строгите, авторитетни наставници. Мина долго време откако ги напуштив училишните клупи, ама тогаш доволна беше опомена од некој наставник. Да те избркаат од час или да те запишат во забелешка не беше “привилегија“, туку срамота. Децата имаа доза на засраменост само да им се спомнеше дека треба да ја посетат педагошката служба. Во училиштата треба да се врати воспитно-образовниот процес, па покрај знаењето, реално да се оценува и поведението на ученикот. Како што веќе кажав, одамна сум ги напуштила училишните клупи и не сум родител, но имам впечаток дека денес децата се претерано оптеретени со настава, дури и оние најмалите од шест до десет години. Што прават тие деца по шест-седум часа во клупите? На децата треба да им дадеме време за игра и за забава бидејќи најголем дел од емоциите, како љубовта, емпатијата, чувство на припадност, толеранција се градат преку детските игри, на игралиштата, а не во училишните клупи на часовите. Сметам дека и родителите треба да работат на своето родителство, па наместо да ги носат децата на дополнителни настави и активности, може да ги однесат во парк, на кино, на театар, да ги зачленат во библиотека, да ги остават да си играат со часови. Децата треба да бидат деца, а не да имаат распоред со обврски. Точно, преку обврските децата се учат на многу нешта, а верувам дека уште имаат домашни задачи, можат некогаш да ѝ помогнат на мама во кујна или да работат со тато во градината, да се грижат за миленикот. Не мора тоа да се дополнителни часови по танц, јазик, математика, клавир….

На што се должи оваа појава?

ДИМОСКА:Врсничкото насилство не е од сега и не е производ на новиот начин на живот, на социјалните мрежи и на видео игрите. Оваа девијантна појава, можеби е вкоренета некаде во психологијата на човекот. Некои луѓе едноставно немаат способност да развиваат здрави емоции, како љубов, сочувство, емпатија, толеранција. Тоа се децата во улога на насилници и најверојатно тие деца и како возрасни се насилници. Од друга страна, децата жртви на насилство и тоа како имаат емоции. И тие, како возрасни личности се соочуваат со еден куп предизвици и последици со кои треба да се соочуваат. Заплашени, дека и тие можеби ќе бидат предмет на терот и потсмев, групата врсници, најчесто застанува на страна на агресорот, наместо на страна на жртвата. Тоа е она на кое треба да се работи.

Би оставила некои стручни лица да зборуваат зошто кај луѓето се јавува потребата за агресија, доминација, желба за превласт.

Како во книгата се справува главниот јунак со овој проблем?

ДИМОСКА:Главната хероина на книгата не е дете, туку возрасна, зрела жена. Низ дејството во книгата гледаме како силната траума од детството се одразува врз нејзиниот живот како возрасна личност. Кај неа постојано преовладува чувството дека треба да добие нечие одобрение, дека треба да биде прифатена од средината, дека мора да се вклопи некаде. Дури гледаме дека има тешкотии при избор на партнер, при донесување на одлуки и слично. Оставам на читателите да видат дали Анисија (хероината на книгата) успева да се справи со траумата, да се соочи со минатото и да се прифати себеси таква каква што е.

Каде го гледате изворот за продлабочување на овој проблем: домот, училиштето, социјални мрежи ?

ДИМОСКА:Овој проблем секогаш постоел, да бидеме реални, а за негова актуелизација допринесува брзиот проток на информации. Пред десетина години не беше така лесно да разбереш дека некое дете во друг град или во некое друго училиште е предмет на постојано потсмевање и терор од групата врсници. Денес може да гледаш такви видеа на интернет. Покрај тоа што се најмили суштества на светот, децата, некогаш знаат да бидат и најсурови суштества на светот. Благодарна сум што сум израснала во период во кој времето течеше побавно, луѓето имаа време за дружба, за пријателство и не беа во трка со своите амбиции за материјално збогатување. Не знам како е да се биде дете денес, но она што го гледам не ми се допаѓа. Некогаш, изворот е можеби желбата на детето насилник да биде доминантно, “главно“ во групата врсници, а основна причина за ваквата појава најверојатно е недостаток на љубов, многу љубов од семејството.

И каде го гледате решението?

ДИМОСКА:Жал ми што ќе го кажам ова, но мислам дека овој проблем не може да се искорени. Секогаш постоел и секогаш ќе постои. Она што ние, како зрели луѓе треба да се запрашаме е што сме направиле од нашата околина, а тоа најубаво може да го видиме преку децата. Секогаш ќе има по некое насилно дете и секогаш ќе има по некое тивко, срамежливо дете кое никако не може да се вклопи во групата врсници. Хаосот настанува кога тие две единки ќе се сретнат во некоја училница или на игралиште, а се среќаваат, секој ден, постојано. Наша работа не е насилното дете да го претвориме во мирољубиво дете полно со емпатија, ниту од интровертното дете да направиме екстроверт, ама ние и тоа како можеме да работиме со сите останати деца кои личат едни на други. Нив треба да ги научиме правилно да ги согледуваат работите, да видат дека насилното дете е она кое претерува, а повлеченото дете е она на кое тие деца треба да му бидат штит. Педагошките служби треба многу повеќе да работат со насилниците, наместо со жртвата бидејќи насилното дете има многу повеќе проблеми со себе, од детето кое е предмет на насилство. На крајот на денот, девијантни појави секогаш имало и ќе има, а институциите се тие кои треба да се справуваат со нив. Да не заборавиме дека и семејството е институција. Возрасните, жртви на врсничко насилство, треба да работат на себе, да се спознаат себеси, да не горат од желба да бидат прифатени од околината, туку да уживаат во она што се, апсолутно различни од другите, со лузни од детството кои прекрасно им прилегаат. Благодарение на тие лузни се она што се денес, кревки, меки, полни со љубов и топлина.

 

Leave a comment

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Related Articles

КУЛТУРА

„Љубив во топка“- најновата книга на Ана Јовковска

„Љубов во топка“ е најновата книга на пистаелката Ана Јовковска која беше...

КУЛТУРА

ГЕРАСИМОВСКИ: Романот на Ксенија Николова „Зад маските” е уште една успешна приказна на општината

“Романот на Ксенија Николова „Зад маските” е уште една успешна приказна на...

КУЛТУРА

„Поетска епизода #10“ посветена на 100 години надреализам во Буква

Во кафе-книжарницата „Буква“ вечер во 20 часот ќе се одржи десеттата „Поетска...

КУЛТУРА

Концерт во рамки на фестивалот „Денови на македонска музика“ во НОБ

Со почеток во 20 часот во Националната опера и балет (НОБ), ќе...