Градоначалничката Данела Арсовска ќе прави тартан или патеки за трчање од девет милиони денари. Јавниот оглас за изведба и поставување на тартан патеки на јавни површини на подрачјето на град Скопје е завршен и веќе е избрана фирма која ќе треба да го реализира целиот проект.
Од кабинетот на Арсовска не одговараат каде, односно на кои се локации ќе се постават тартан патеки и во која должина. Колку патеки и во кои населби ќе се изведат овие тартан патеки, не е наведено ниту во договорот ниту во огласот.
Соогласно договорот склучен помеѓу Градот и фирмата, патеките треба да се изведат во рок од една календарска година, а во договорот е наведено дека единечната цена изнесува 2.194 денари или вкупно 8,999,999 денари или 150 илјади евра.
Во Градскиот парк веќе има две вакви тартан патеки, кои беа поставени во времето на екс-градоначалникот Петре Шилегов. Едната се наоѓа околу малото езеро во вториот дел на Градскиот парк во должина од 534 метри. Втората, во должина од 834 метри беше поставена кружно по должината на големото езеро во истиот, втор дел од паркот. При поставувањето на овие две патеки за трчање, со ЛЕД осветлување беше осветлена целата должина, а ставени се и инфо табли, чешми и урбана опрема.
Во новиот договор на Арсовска, вакво нешто не е предвидено.
Скопската градоначалничка минатото лето стави тартан на патеката околу лавиринтот во Градскиот парк, откако медиумите, јавноста и граѓанските организации реагираа за бетонирањето на земјените патеки во паркот.
Leave a comment