Од Синдикалната организација на Државниот испитен центар (ДИЦ), кој веќе две недели е во генерален штрајк со барање за зголемување на платите, велат дека веќе е невозможно да се реализираат роковите за полагање на државната матура. Затоа, како што соопштија денеска на прес-конференција, бараат од надлежните институции да излезат во пресрет на нивните барања и истовремено да се пролонгираат роковите за полагање на државната матура.
Претседателката на Синдикалната организација на ДИЦ, Емилија Бошковска на прес-конференцијата повторно информираше за двата состанока што минатата недела ги имале со Министерството за образование и со Министерството за финансии, кои завршиле без исход. На вториот состанок, кој се одржал минатиот четврток и на кој присуствувал и министерот за образование Јетон Шаќири, на претставниците на Синдикатот им било понудено зголемување на платите од 1 000 денари по вработен, што, како што рече Бошковска, била црвената линија на Министерството за финансии, а не било прифатено од нивна страна.
„Бараме министерот за образование да почне да разгледува и да преговара со нас кои се следните можни опции за нови термини за државна матура. Искрено се надевам дека ова пролонгирање нема да биде големо, но ќе зависи од нивниот одговор, односно од одговорот на Министерство за финансии. Спремни сме да работиме деноноќно за да ги реализираме обврските особено околу државната матура. Не сакаме да им наштетиме на матурантите со какво било пролонгирање на резултатите, но веќе во прашање се минути, не денови, истакна Бошковска, додавајќи дека не од нив, туку се зависи дали ќе добијат позитивен одговор од Министерството за финансии од кое бараат согласност за нивниот колективен договор“, изјави Бошковска.
Поради ваквата ситуација веќе се истечени роковите што тие како вработени ги предвиделе и им се потребни за реализација на работите од нивна надлежност, особено со процесот за државната матура.
Министерот за образование, Јетон Шаќири, пак денеска пред новинарите изјави дека вработените во Државниот испитен центар може да продолжат со нивните барања, но притоа да не го доведуваат во прашање полагањето на државната матура. Тој апелираше вработените да го почекаат Општиот колективен договор кој, како што рече, можеби ќе биде подобар од сегашните услови што им ги нуди Министерството за финансии.
Leave a comment