Дали сте од оние луѓе кои постојано нанесуваат балсам за усни и не излегуваат од дома без него? Можеби не сте знаеле, но вашиот проблем има име – се вика ксеростомија. Причината за сува уста е недостатокот на плунка, а знак дека имате проблем е ако постојано чувствувате сувост и истата не исчезнува откако ќе ја хидрирате.
Чувството на сува уста може да биде многу непријатно. Еден од симптомите е горењето на јазикот поради недостаток на плунка, што уште се нарекува и синдром на печен јазик. Иако претходно се сметало дека сува уста се јавува со стареењето, а често е предизвикана од хормони кај жени над 40 години, тоа не е единствената причина.
Причини за сува уста
- Несакани ефекти од лекови – некои лекови на рецепт и без рецепт ја предизвикуваат, вклучувајќи лекови за депресија, анксиозност, болка, алергии и настинки (антихистаминици и деконгестиви), дебелина, акни, епилепсија, хипертензија, дијареа, гадење, психотични нарушувања, астма и Паркинсонова болест.
- Несакан ефект на болест и инфекција – сувата уста може да предизвика Сјогренов синдром, ХИВ/СИДА, Алцхајмерова болест, дијабетес, анемија, цистична фиброза, ревматоиден артритис, хипертензија, Паркинсонова болест, мозочен удар и заушки.
- Несакан ефект на некои медицински третмани – оштетување на плунковните жлезди предизвикано од зрачење на главата и вратот и хемотерапија.
- Оштетување на нервите – може да биде резултат на оштетување на нервите на главата и вратот поради повреда или операција.
- Дехидрација – состојба предизвикана од треска, прекумерно потење, повраќање, дијареа, загуба на крв или изгореници
- Пушењето или џвакањето тутун може да влијае на тоа колку плунка произведува вашата уста и да ја влоши сувата уста. Дишењето со отворена уста исто така може да придонесе за сува уста.
Симптомите на сува уста обично вклучуваат леплива уста, честа жед, тешкотии при јадење, суво грло, испукани усни, груб и сув јазик, чиреви на или во устата, печење или пецкање во устата, болки во грлото… Покрај тоа што предизвикува непријатност, го зголемува и ризикот од гингивитис (болест на непцата), расипување на забите и инфекција на устата.
Како се открива ксеростомијата?
Многу е лесно да се утврди со помош на сијалометрија – мерење на количината на плунка по единица време. Се изведува така што пациентот за 5 минути плука колку што е можно повеќе плунка во епрувета. Ако количината на плунка е 1 мл или помалку, тогаш имате ксеростомија. Ако мислите дека вашата сува уста е предизвикана од одредени лекови, разговарајте со вашиот лекар за прилагодување на дозата или промена на видот на лекот. Лекарот може да препише и орално плакнење за да се врати влагата во устата. Ако тоа не помогне, може да ви препише лек кој го зголемува производството на плунка.
Како да си помогнете?
За да го стимулирате производството на плунка, можете да пробате да консумирате бонбони без шеќер, да џвакате гуми за џвакање, да пиете многу вода, да користите паста за заби што содржи флуор, редовно да посетувате стоматолог, да дишете повеќе преку нос отколку преку уста, да користите навлажнувач на воздух во спалната соба и да избегнувате консумирање на алкохол, кафе и цигари.
Leave a comment