„Иако ова е мулти-секторски елемент каде повеќе владини чинители треба да учествуваат во справување со менталното здравје. Ние како Министерство за здравство сме горди што успеавме со поддршка на УНИЦЕФ и УСАИД, како и Универзитетските клиники за психијатрија и гинекологија, да обезбедиме научни податоци, за првпат од таков размер во државата, и на оваа тема, и тоа со фокус на адолесцентите и нивните фамилии, како и жени во перинатален период. Нашите активности ги базираме и врз основа на научен пристап, односно на медицина заснована на докази. Затоа и голема благодарност на УНИЦЕФ за покажаната поддршка за овие научно истражувачки активности, а ние возвративме со високо квалитетни извештаи, докажани и со оценки од признати интернационални институции за квалитетот на анализите. Со тоа ги покажуваме и нашите капацитети на УКИМ, но и на професионалците во нашиот здравствен систем. Овие студии се основа, темел на сите понатамошни политики во оваа сфера“, истакна министерот.
Министерството за здравство, како што појасни тој, веќе има Стратегија за ментално здравје 2018 – 2025, но сепак сметаат дека постои можност за ревизија на истата, особено со акцент на деца и адолесценти.
„Прв приоритет на Националната здравствена стратегија е менталното здравје на деца и адолесценти, односно развојот на мрежа на институции во државата со помош на Европската Унија – се очекуваат конкретни проектни планови во текот на оваа година. Воочивме недостаток на сервиси, а евидентно е дека менталното здравје е „тивка“ епидемија после ковид пандемијата, особено за децата и младите, подвлече тој.
Министерот рече дека за квалитетна работа во областа на менталното здравје, потребни се стручни лица.
„Сепак, многу важен елемент е и подигање на свеста и спроведување на јавни кампањи за промоција на менталното здравје, но и намалување на стигмата за барање на помош и поддршка. Нарушено ментално здравје не е класична здравствена дијагноза, напротив, тука збориме и за позитивно ментално здравје и благосостојба, на која не треба да гледа само како медицински феномен, туку и многу повеќе од тоа. Од здравстен аспект, ние може да разговараме и за поддршка и развивање различни модалитети на услуги за менталното здравје на децата и младите, и зајакнување на веќе постоечките – затоа како Министерство активно соработуваме со Клиниката за психијатрија за разгледување на препораките од студиите и начин како дел од тие препораки да се имплементираат“, додаде тој.
Време е да ја прекинеме тишината и да зборуваме искрено, гласно и отворено за менталното здравје, изјави сопругата на претседателот на државата, Елизабета Ѓоргиевска.
„Менталното здравје е глобално прашање. Над 1 милијарда луѓе, според Светската здравствена организација (СЗО), се соочуваат со проблеми поврзани со менталното здравје, додека пак УНИЦЕФ проценува дека 1 од 7 деца и млади луѓе ширум светот имаат одредени проблеми со менталната здравствена состојба. Денеска ќе имаме можност да ги слушнеме и последните наоди од истражувањата за влијанието на КОВИД-19 врз менталното здравје кај адолесцентите и нивните семејства, како и кај жените во перинаталниот период во Северна Македонија. Ја поздравувам оваа исклучително значајна студија изработена од УНИЦЕФ во соработка со Универзитетската клиника за психијатрија од Скопје, со која не само што добиваме појасна слика за состојбата во земјата по ова критично прашање, туку и насоки како да се надминат овие предизвици. Ќе се согласите, неминовен е заеднички ангажман на сите релевантни чинители, носители на одлуки, здравствени, образовни и социјални инстанци, навремени институционални одговори со оглед на ургентноста на проблемот и неговиот пораст, за што ќе чуеме подетално од следните говорници“, рече таа.
Фактот дека денешниот одзив е олку голем, вашето присуство и посветеноста, секој во својот домен, како што додаде таа, ме уверува во остварувањето на заедничката цел – создавање на безбеден простор и пристап до услугите за подобрување на менталната здравствена состојба.
„Со оглед на тоа дека овие нарушувања може да влијаат на секого, без разлика на возраста, полот, етничката припадност или социо-економскиот статус, овде сме да разговараме за модалитетите на сеопфатен пристап за решавање на ова горливо прашање.Во текот на изминатите години направени се чекори во контекст на подигнување на свеста за менталното здравје и разбивање на стигмата поврзана со него. Сѐ повеќе луѓе зборуваат за нивните сопствени борби со менталното здравје, сѐ почесто се разговара за корелацијата меѓу менталното и физичкото здравје. Но, очигледно имаме уште многу работа. И како индивидуи, и како колектив. Сериозноста на ситуацијата налага меѓусекторски одговор за развој на веќе постоечката национална стратегија, како што сугерираат и самите студии, преку повеќе инвестиции во услуги за менталното здравје и психосоцијална поддршка за сите деца, адолесценти и нивните семејства, поддршка за семејствата преку програми кои промовираат позитивно родителство, грижа и промена на наративот за перцепцијата на негата на менталното здравје“, истакна таа.
Да ги срушиме стереотипите и да создадеме амбиент во кој грижата за менталното здравје ќе биде општо прифатена, посочи Ѓоргиевска, а не табу тема.
„Амбиент во кој барањето помош ќе биде препознаено како знак на сила, а не на слабост. Да се погрижиме нашите деца, партнери, колеги, пријатели да се чувствуваат безбедно и поддржано кога зборуваат за проблемите низ кои поминуваат, како би им подале рака да излезат од вртлогот на негативни емоции и мисли, неретко проследени со анксиозност или депресија. За крај, на сите кои поминуваат низ предизвиците на нарушеното ментално здравје, би сакала токму од оваа говорница да им порачам дека не се сами, дека оваа состојба не ги дефинира, напротив борбата со неа ќе ги стимулира и мотивира. Прогресот е на дофат, а проблемот е половина решен во моментот кога ќе го направите првиот чекор – да се побара помош. Зашто ништо не е поважно од грижата за себе, подвлече таа.
Претставничката на УНИЦЕФ, Патриција ДиЏовани, рече дека, за време на нивните животи, децата и младите луѓе искусуваат различни нивоа на позитивно ментално здравје и добросостојба.
„Глобално истражување сугерира дека еден во 10 од нив, исто така ќе доживее и ментално здравствена состојба. Исто така, според глобално истражување на УНИЦЕФ, три од четири ментално здравствени проблеми кај возрасни, почнале за време на детството и адолесценцијата. Токму затоа е важно рано да се адресираат проблемите со менталното здравје“, нагласи таа.
Leave a comment