Општина Карпош од оваа учебна година прави реонизација на училиштата бидејќи во едни има навала на ученици, а во други нема доволно деца. Градoначалникот Стевчо Јакимовски на денешната прес-конферецнија кажа дека Советот на Општина Карпош донел одлука за реонизација во училиштата и таа мора да ја почитуваат сите директори. Со одлуката децата кои живеат на локацијата од улицата Рузвелтова до улица Брадфордска, ќе учат во училиштето Војдан Чернодрински. Исто така децата од населбата Долно и Средно Нерези, како и од населеното место Тафталиџе, ќе посетуваат настава во „Братство“.
„Во дел од училиштата нема место и настава мора да се одржува во три смени. Од друга страна пак, имаме училишта кои немаат доволен број на основци, а сето тоа е благодарение на предрасуди кај родителите за да не се користат одредени школски установи, додека пак имаме притисок кон другите училишта. Токму во улилиштето Владо Тасевски во населбата Козле каде што се наоѓаме денеска, постои голем притисок за упис на првачиња, така што во оваа установа имаме 1.010 ученици“, рече Јакимовски.
Јакимовски кажа дека во школите во Карпош нема да се примаат деца од други општини и затоа ги повика родителите да не се обидуваат да носат документи за упис.
„Ова го правиме од крајна нужда, затоа што нема доволно училишта, во секое училиште ни се потребни дополнителни четири или пет училници. Бидејќи ова е одлука на Советот на Општина Карпош, ве упатувам дека неа не смее да ја крши никој, вклучувајќи ме тука и мене, како и директорите на училиштата. Одговорно тврдам дека е многу подобро, вашето дете да учи во одделение со 18-24 деца, наместо во одделение со 34 ученици, каде што условите се поинакви“, рече Јакимовски.
Leave a comment