Минатиот месец регистрирани се 911 заразени со овчи сипаници, бројка која е речиси осумпати поголема од март минатата година. Само во март пријавени сe вкупно 1.205 заболени лица од акутни заразни заболувања (без КОВИД-19, грип, туберкулоза, СИДА, АФП и хронични носителства на хепатит Б и Ц и ХИВ). Оваа бројка е за 35,4% поголема во однос на претходниот месец февруари кога биле евидентирани 890 пациенти.
Покрај водечките овчи сипаници, регистрирано е шуга кај 32 лица како и скарлатина регистрирано кај 28 лица, инфективна мононуклеоза кај 24 лица, бактериски алиментарни инфекции и интоксикации кај девет лица, сифилис кај девет лица, салмонелози кај седум лица, вирусен хепатитис Б и инфекции со хламидија кај три лица. Бројот на пациенти со шуга во март е речиси двојно поголем во однос на февруари, кога се регистрирани 18 слуачи.
Најголем број акутни заразни заболувања, според податоците на Институтот за јавно здравје е пријавен на територија на Скопје (541), а најмал во Штип (21).
Првите две најчести заразни заболувања (овчи сипаници и ентероколити), учествуваат со 89,5% во вкупниот број на заболени, а со 90,0% во десетте најчесто пријавени акутни заразни заболувања во месец март годинава.
На второ место по број на пријавени заболени во месец март се ентероколитите, со 168 случаи. Во вкупниот број на заболени во месецот и во групата на десетте најчести заразни заболувања учествуваат со 14,0%. Во однос на претходниот месец февруари 2023, се регистрира зголемување на бројот на заболени лица од ентероколити за 52,7%, а во однос на месец март 2022 се регистрира зголемување од 2,4 пати. Во однос на аритметичката средина се регистрира намалување од 72,4%.
Во текот на месец март, пријавени се 3 случаи на ХИВ/СИДА. Од пријавените лица 2 се со ХИВ, а 1 е со СИДА. Пријавените лица се од машки пол и се 2 од Скопје и 1 од Битола. Лицата се на возраст од 20-36 години. Едно лице е хетеросексуалец, а две лица се МСМ. Во текот на месец март не се регистрирани смртни случај од ХИВ/СИДА.
Согласно постоечката евиденција на пријавени случаи (заклучно со 31.03.2023), кумулативниот број на лица регистрирани со ХИВ/СИДА во Р. Северна Македонија, за периодот 1987–2023, изнесува 594, и тоа:
- 123 лица починале,
- 468 лице живее со ХИВ/СИДА.
Во текот на месец март, до Институтот за јавно здравје не се пристигнати пријави за епидемија на заразна болест.
Leave a comment