СКОПСКИ ВЕСТИСЦЕНА

„Совршениот уметник“ од 21 до 25 април во Мала станица

Денес почнува новото издание на дискурзивно – едукативната програма за млади уметници „Совршениот уметник“ кое се одржува во рамки на одбележувањето на 20-годишнината од формирањето на наградата ДЕНЕС за млад/а визуелен/на уметник/чка и 75-годишнината од формирањето на Националната галерија на Република Македонија, како и за објавувањето на повикот за наградата ДЕНЕС која од оваа година ќе се случува на годишно ниво.

Во рамки на петдневната програма „Совршениот уметник“ која ќе трае од 21- 25 април во објектот Мала станица, учество ќе земат повеќе млади уметници а туторијали ќе имаат културните работници Ивана Васева, Оливер Мусовиќ, Верица Ковачевска, Виолета Качакова, Филип Јовановски и Амра Исмани.

Дискурзивно – едукативната програма СОВРШЕНИОТ УМЕТНИК е практичен и теориски курс наменет првенствено за млади уметници, кој е организиран од кураторката Ивана Васева од здружението Факултет за работи што не се учат – ФРУ во рамки на наградата ДЕНЕС за млад/а визуелен/на уметник/чка. Идејата на оваа програма е да го прошири опсегот на интересите на уметниците, да создаде простор за критичка анализа и преиспитување на уметничката продукција во рамките на севкупниот општествен и политички контекст, како и да понуди практични алатки за негување на нивната уметничка практика.
Неолибералната реалност ја избрка еднаквата распределба од уметноста и ја продлабочи несигурноста. Така, недостатокот на работнички права на културните работници како и можности за работа во областа на уметноста и следење стандарди, недостатокот на средства кои би поттикнале развој на уметничките можности и аспирации, но и ретроградниот образовен систем, се причините за создавање на оваа програма. „Совршениот уметник“ во широка смисла се фокусира на критичка анализа на целокупниот контекст и неговите импликации во уметноста и културата, дијалог, размена на искуства и дебата, и преку практиката и теоријата, во насока на воспоставување општествена интеграција на младите уметници и нивно уметничко, политичко и општествено образование.
Програмата „Совршениот уметник“ вклучува голем број локални, регионални и меѓународни гости, таа првенствено се фокусира на млади уметници, но може да се приклучат и сите заинтересирани. Учеството во програмата е бесплатно.

СОВРШЕНИОТ УМЕТНИК за прв пат се одржа во 2017 година и е организирана во рамките на наградата ДЕНЕС за млади визуелни уметници до 35 години.

Наградата ДЕНЕС е награда за млад/а визуелен/на уметник/чка до 35 години во Македонија и е основана во 2002 година, а за прв пат доделена во 2003 година. Таа е дел од меѓународната мрежа Награди за млади визуелни уметници во Централна и Југоисточна Европа и се доделуваше како двомесечен престој во Њујорк, а од 2023 година вклучува нејзино годишно одржување и други новини и резиденции, покрај резиденцијата во Њујорк.

Leave a comment

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Related Articles

СЦЕНА

Кратки Македонски Филмови во Кинотека

Денес со почеток во 18:00 часот во Кинотека на Македонија ќе бидат...

СЦЕНА

„Суперхикс“ на 16 април ќе го промовираат албумот „Сила и нервоза“

Во просториите на Домот на култура „Билјана Беличанец“ во општина Кисела Вода...

СЦЕНА

Изложба на светски познатата медалистка Надја Розева во Чифте Амам

Во тек се последните подготовки за отворањето на самостојната изложба „Медална скулптура“...