РИТАМ НА ГРАДОТ

Скопје низ очите на една кумановка

И кога си темно, мрачно и помалку привлечно, умееш да блеснеш во полн и помалку мистичен сјај,

би рекла пурпурен со златни нишки.

Токму како бојата на срцето, со бојата на сонцето.

Онака како што луѓето овде знаат и можат да бидат, ама одбираат да не се и да не сакаат.

Та, оттаму е темно и мрачно, понекогаш непрегледно, сѐ почесто загадено и смрдливо.

Заради нив, заради нас. Загадено е Скопје, оти загадени сме ние.

Заради навидум високи, а толку ниски и ефтини престижни идеали.

Лажно насликани, привидни со бледа боја размачкани интереси.

Зошто не им е гајле како светиш навечер и доцна во ноќта,

уште помалку како мирисаш и блескаш на изгрејсонце.

А, знаеш да гушнеш кога ноќта собрала бреме и искуства од сите кои живеат или преспиваат во твоја закрила.

Знаеш да понудиш музика, кога е глуво доба.

знаеш да грмнеш по Рихтер за да нѐ потсетиш колку сме немоќни и мали, сите сосема исти пред небото, под ѕвездите, пред законите на универзумот и природата.

Знаеш да раскажуваш и приказни за стари и нови завети, светови, војни и мирови, религии и купишта јазици прозборени и прекршени на истото тло на кое чекориме така дрско, смело и самоуверено, како да утре ќе нѐ има пак тука.

Знаеш и да нѐ угостиш и кога во недела ништо не работи, зашто речиси секој двор има јаболкница, калинка, смоква ама, и јапонска цреша.

И кога ќе ни шепнеш дека треба да те чуваме, ние со прстот ќе покажеме кон некој друг, трет.

Скопје, ти си убавина со куп неизбришана прашина.

Нѐ мрзи да фатиме крпа и да ти ја вратиме насмевката.

Нѐ боли кога ти е лошо, ама

Нѐ мрзи кога е лето, зашто е пеколно жешко. нѐ мрзи кога е зима, зашто е микро клима, а кој па во град сака зима.

Нѐ мрзи понекогаш и на пролет кога несебично ќе ги расцветаш цветовите на црешите од Максим Горки и ќе ги растрепериш алергиите со мирисот на липа насекаде околу нас.

Скопје, те заборавивме колку може да си убаво.

Искрено, урбано и разиграно.

Онака, како што би требало да ти вратиме, за да се вратиме онаму каде што заедно припаѓаме

на она невидливото за очите.

Длабоко во душите на човекот и уличките на градот.

Весна Ѓурковска

Leave a comment

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Related Articles

РИТАМ НА ГРАДОТ

Премиера на краткометражниот филм „Прошетка“ на Елеора Венинова

Вечерва со почеток од 20 часот во Киноверзум – Дом на култура...

РИТАМ НА ГРАДОТ

Голема ретроспективна изложба на сликарот Мирослав Масин е поставена во Даутпашин амам

Ретроспективната изложба на извонредниот македонски сликар и еден од ретките боеми кај...

АКТУЕЛНОРИТАМ НА ГРАДОТ

Утре започнува „Статуафест“

Утре (16. мај) со почеток од 18:30 започнува „Статуафест“, а истиот ќе...

РИТАМ НА ГРАДОТ

„ВИДИК“ — нов фестивал во организација на Литература

Утре во Кафе Книжарницата „Литература“, заочнува новиот фестивал „ВИДИК“  организација на Literatura.mk....