АКТУЕЛНО

„ШАНСА ЗА ЦЕНТАР“: На просторот кај „Треска“ ќе се случи бетонизација наместо урбанизација

Граѓанската иницијатива „Шанса за Центар“ бара градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски да ги исполни предизборните ветувања и да спречи во кругот на поранешна „Треска“ да се случи бетонизација наместо урбанизација. Од граѓанската иницијатива која со три советници е застапена во Советот на Општина Центар го повикуваат Герасимовски да го спроведе конкурсот за уредување на просторот на поранешната фабрика и го обвинија дека тој сега работи во интерес на градежниците наместо да се грижи за јавниот интерес.

„Деновиве се објави дека се издадени првите одобренија за продажба на државно земјиште во комплексот Треска. Со тоа се дооформуваат парцели што е чекор пред издавање на градежни дозволи. Потсетуваме дека 47% од целокупното земјиште на таа локација е државно. Тоа значи дека ќе се гради според незаконскиот план скандалозно донесен во 2012 година. Горан Герасимовски е над прописите и законите и своеволно одлучува да не ги спроведува одлуките на Советот на Општината – како што е вклопување на Конкурсот во ново урбанистичко решение за локалитетот на фабрика Треска. Ги игнорира, како да не постојат, докажаните и утврдени недоследности од планот наведени во Елаборатите за Суспензија, изготвени токму од стручна комисија за урбанизам од Општината која ја раководи. Ветувањата од предизборната програма, како да не ги дал или биле само за еднократна употреба додека се добие власта, а потоа како да не постоеле“, велат од „Шанса за Центар“.

Од кабинетот на Герасимовски реагираа дека „Шанса за Центар“ изнесуваат лаги и манипулации. Тврдат дека во „Треска“ нема да има бетонизација туку просторот ќе биде уреден со зеленило, а ќе има и градинка.

„Прво, ‘Шанса за Центар‘ манипулира постојано со површината на државното земјиште. На површина од 41.000 м2, 47% е државно земјиште, од кое само околу 10% е предмет на дооформување и таа постапка за дооформување на градежни парцели е законска обврска на општината. Останатите 37% се наоѓаат под површини планирани за јавна намена, како улици, тротоари, пешачки патеки, блоковско зеленило и не се предмет на отуѓување по ниеден основ. Општината ниту распродава, ниту отуѓува. Напротив, градоначалникот Герасимовски се заложи да на просторот биде донирана и изградена градинка и парк, а блоковското зеленило да биде над задолжителните 20% на парцелите. Не само што нема бетонизација, туку се обезбедува парк и повеќе зеленило како и јавни површини“, велат од Општина Центар.

Од Општината велат дека тие преку Град Скопје започнале постапка за донесување на Регулациски план за ДУП Градска четврт З11, локалитети Буњаковец 1 и 2. Откако тој ќе биде донесен значително би се олеснила процедурата за одвојување и донесување на план само за просторот кај фабриката „Треска“.

„Сѐ до носењето на ваквиот Регулациски план, Општината ниту може законски, ниту пак има надлежност да стопира правни постапки на сопствениците. За тоа кривично се одговара! Ја прашуваме Белчева дали општината треба да го прекрши законот или некој кривично да одговара за институционално блокирање на граѓаните во реализација на нивните права? Дали таа и „Шанса за Центар“ ќе ги плаќаат пеналите за евентуалното непостапување? “, се вели во соопштението на Општина Центар.

Оттаму додаваат дека конкурсот за кој зборуваат од „Шанса за Центар“ не бил спорведен согласно законот и нема законска можност на било кој начин да се користи.

Leave a comment

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Related Articles

АКТУЕЛНО

Стопанска Триоги триатлон трка во Скопје, утре ќе има посебен режим на сообраќајот

Вкупно 300 учесници од шест земји се пријавени за 4. Стопанска Триоги...

АКТУЕЛНО

Скопје деветта година дел од „The Distinguished Gentlmens Ride“

Урбаните моторџии традиционално и годинава за утре го имаат закажано хуманитарното дефиле...

АКТУЕЛНО

Францускиот институт со прва дигитална интерактивна изложба во Ист гејт мол

Францускиот институт во Скопје , во рамките на одбележувањето на 50-годишнината на постоењето...

АКТУЕЛНО

Денес, бесплатен влез во музеите

На овој ден музеите во земјата традиционално ги отворат своите врати и...